Боклев за македонската политика?!

14.12.2013 14:47
Боклев за македонската политика?!

Се сеќавате ли, почитувани читателки и читатели, колку време светот на скијачките скокови го чекаше Јан Боклев?! И колку време му се смееше и го казнуваше за „лошиот“ уметнички впечаток што го оставаа неговите долги скокови со раширени скии! Телевизиските коментатори го најавуваа како шведски скокачки циркузант или така некако. Мислеа дека секој негов скок е голем ризик по неговото здравје! Но, тој скокаше и со секој скок на отворената сцена го поставуваше централното прашање: дали се ова скокови во далечина или се уметнички перформанс!

Денеска никој не скока како Валтер Штајнер, уште помалку како Бјорн Виркола или како нивните претходници кои во текот на летот ги држеа рацете над главата. Или како Јиржи Рашка, Мати Никенен и Јенс Вајсфлог. Со паралелни скии благо кренати кон носот на скокачот. Сите скокаат како Јан Боклев затоа што сфатија дека со раширени скии во форма на латинската буква „ве“ се зголемува површината врз која удираат силите на отпорот на воздухот што автоматски резултира со подолги скокови и летови. И, ај тоа, туку ненадејно светот се сети дека овој начин на скокање односно летање може да биде дури и поубав од класичниот и почнаа да фрчат оценки од 19,5 па дури и дваесетки (Волфганг Лојцл, да речеме, има добиено неколку највисоки оценки).

Или, да се навратиме за момент на скокот во височина. Сѐ до појавата на Дик Фосбери на Олимписките игри во Мексико во 1968 година, спортистите ротираа околу својата вертикална оска во хоризонтална положба и така низ таа ротација над самата летвичка ја скокаа посакуваната височина. Прва преку пречката во тој стил минуваше нескочната нога на спортистот, а мајстор на стилот и повеќекратен светски рекордер беше, се сеќаваме сите, Валериј Брумел, заслужен спортист на Советскиот сојуз!

Фосбери го фрапираше сиот, не само спортскиот свет. Тој покажа дека полуротацијата може да се изврши пред летвичката и да ѝ се пријде под агол од околу 30 до 35 степени со тоа што прва преку летвичката минува главата на скокачот па останатите делови на спортистот кој лета над пречката со комплетниот заден дел од телото над неа. Спортистот гледа во небото додека минува над зададената височина. Прославениот Американец тогаш постави нов олимписки рекорд (2,24) и го прати во спортските летописи стилот на Брумел.

Дали знаете дека сѐ до појавата на Марио Мат, Бенџамин Рајх, Рајнер Шенфелдер и Томас Сикора, заедно, се разбира, со Ивица Костелиќ во машка конкуренција, слаломските патеки се возеа со скии кои според својата должина малку се разликуваа од скиите за спуст? Дури една или две генерации по Стенмарк, Ожер, Пирмин Цурбриген и браќата Мер скијачите се сетија слаломот да го возат со кратки скии кои на натпреварувачот му овозможуваат поголема брзина и неспоредлива маневарска моќ меѓу вратите. Кај жените таа техника стана доминантна, мислам, со генерацијата на Јаница Костелиќ, Пернила Виберг, Тања Путијаинен и други, можеби и кај некои натпреварувачки пред нив, не сум сигурен!

На фудбалскиот свет му беа потребни шеесетина години да се сети дека е побезбедно и поатрактивно, на некој начин и поправедно, стативите на головите да се во цилиндрична форма, а не во квадратна. Многу голови со кои денеска се победува, се освојуваат бодови, титули и пари, пред шеесетина години не би биле постигнати зашто топката би се одбила од рамната страна на стативата. Истовремено, безбедноста на играчите, особено на голманите, е многукратно зголемена.

Или, земете предвид некои други навидум мали исчекори кои оставија крупни последици во разни области, а за кои на човештвото му беа потребни децении.

Знаете ли, да речеме, колку бракови се растурени во расправи околу тоа кој заборавил да ја затвори тубата со пастата за заби. Тоа беа опасни кавги затоа што оној што беше бил на ред да си ги мие забите одеше во купатилото со ножици за да ја пресече тубата откај газерот оти од напред „калодонтот“ беше „цементиран“ во допирот на пастата со сувиот воздух. Колку момчиња и девојки останаа без џепарлак, колку кавгаџиски пораки потоа се испишани на купатилските огледала...

До појавата на капачките што се отвораат со палецот на раката во која е тубата. Нема одвртување и завртување, нема губење на капачката, сѐ е просто, два потега со палецот горе-долу и пастата може да го чека следниот корисник.

Изумителот на тетрапак пакувањата направи милијарди на својот изум пред светот да сфати дека тоа не е најдобар начин за пакување на течност. Мислам на формата, а не на самата материја. Проблем, ако се сеќавате, беше отворањето на пакувањето и невозможноста да се затвори и неиспиениот дел да се сочува. По долго време, конечно беа измислени форми кои овозможуваат млекото или сокот да се затвораат со обични капачиња на навртување или како кај пастите на отворање и затворање под притисок. Или еве, земете го пивото. Зошто беа потребни стотина години за да се роди идејата за пакување во еден и пол или два литри?

Овие примери покажуваат дека светот, всушност, се развива ужасно бавно. А тоа значи дека ние што воопшто не се развиваме или се замотуваме, можеме еден ден да ги стигнеме бавноразвиваштите!

Јас мислам дека од серијата вакви унапредувања на животот во наредниот период приоритет треба да имаат следните теми и проблеми:

Прво, мора да се најде решение за пуштање на вода од тоалетните казанчиња така што сераторот да не мора да се врти и да го бара фамозното копче додека се олеснува. Дотолку повеќе што кај нас доминира француската култура на серење во школка во која говното не останува интегрално пред да се пушти водата за разлика од германската култура во која сераторот мора да се сврти за да пушти вода и задолжително преку поглед врз исерокот да извлекува дневни заклучоци за својата здравствена положба! Со новите решенија човекот мора да може да пушти вода кога неговото тело и особено рацете се во природна положба за време на серењето! Да речеме со притисок на весникот што се чита или преку некоја апликација на мобилните телефони!

Второ, мислам дека мора да се измисли некаква корекција на принципот еден човек еден глас во држави со политички необразовано население, склоно кон евтина корупција и неслобода!

Трето, мислам дека е време да се интензивираат процесите на релативизација на сувереноста на националните држави особено во региони и култури кои обожаваат да ги водат бесконтролни злосторници! Решавањето на државните прашања треба да се индивидуализира. Секој поединец на доброволна основа да може да добие европски пасош со име на државата што ќе го одреди некоја овластена агенција, а оние кои не можат без уставното име нека си ги чуваат пасошите на Надвојводата Шарло!

И, четврто, Македонците мора да најдат друга спортска техника, други затворачи за своите продукти, друго погонско гориво, оти е јасно дека со вемерето не можеме да ротираме ниту како Брумел, а не пак како Фосбери, дека секогаш ќе гледаме да се протнеме под летвичката на времето, дека таа злосторничка организација му го мие мозокот на нашиот човек и го пушта да скока не ала Боклев односно ала Штајнер, туку без скии, со неизмиени заби...

П.С. Ромпуј би требало да ме покани мене ако го интересира „фокусот“ на нашата влада. Вака, слушам дека му порачал на Груевски дека Македонија нема да може да ги почне преговорите со Унијата додека не ги заврши Панорамското тркало и бродовите на Вардар!!!

А што друго да му каже, дека треба да го реши името??!!

(Од полноќната колумна во globusmagazin.com.mk)

ОкоБоли главаВицФото