Зошто Орбан?

16.12.2013 10:02
Зошто Орбан?

И (речиси) кренавме глас против доделувањето на орден на унгарскиот премиер Виктор Орбан! Македонските граѓани запрепастено ја дочекаа новоста дека еден од најмалку обожаваните европски политичари е доволно достоен да ја добие највисоката почест на Македонија, орденот „8 Септември“. А, јас пак, тврдам дека ова воопшто не треба да нѐ изненадува.

Претседателот Иванов јавно изјави дека Орбан го заслужил орденот затоа што сам-самичок, застанал во одбрана на Македонија пред ЕУ челниците. Да не бил Орбан, Македонија не би имала човек да го одржи говорот што го одржал Орбан. Но, ова е проѕирно објаснување за многу подлабоката поврзаност помеѓу она што се случува во Унгарија и она што се вика реалност во Македонија.

Ширење омраза кон „другиот“

И двата популистички режима имаат потреба од гласноворници кои на едноставен начин на народот ќе му ја пренесат идеологијата на Владата и ќе го запалат на активно дејствување. Оние што мислат дека тоа се постигнува преку академски дебати и повикување кон повисоки идеали, се лажат гадно. Најлесно се мобилизира народот преку наелектризирање кон „другиот“, оној кој е различен од нас. Оти, кога ќе се убедиме дека нашата и безбедноста на нашите блиски е загрозена, ќе се однесуваме како диви животни кај кои се има разбудено основниот инстинкт за преживување. Постои новинар во Унгарија кој истовремено е еден од основачите на Фидеш, партијата на Виктор Орбан. Неговото име е Золт Бајер и уште од почетокот на годинава предизвикува огромно медиумско внимание со своите расистички и анти-семитистички натписи и колумни. Замислете, во еден свој натпис вели „Циганите [се] животни неспособни за живот во цивилизираното општество.“ Уште повикува и дека сите коишто нема да научат да живеат во унгарското општество според правилата на мнозинството, треба да бидат протерани.

Не мора да замислувате. Во Македонија постои „новинар“ Миленко Неделковски којшто ги „множи шиптарите со нула“, а уште поамлку ги признава. За да ја комплетираме споредбата, да ја воспоставиме и врската на Миленко со нашата владејачка партија. За повластениот третман сведочи и фактот дека шоуто на Миленко е една од ретките (да не кажам единствената) емисија
во која се има појавено Премиерот ни Груевски.

Оцрнување на уметници непогодни за режимот

Но, раката на режимот не почнува и завршува со сегашноста. Орбан посегнува и кон првиот Нобеловец од Унгарија, писателот Имре Кертеш. Зошто, ќе речете? Зарем една држава не може да се гордее со такво високо признание? Ех, но Кертеш е идеолошки неподобен. Како Евреин од Унгарија, бил затворен на 15 години во Аушвиц. Во својата литературна кариера, најмногу се занимава со ситуацијата на унгарските Евреи во текот на и по Втората Светска Војна. Но, тоа е црната точка која Орбан и Унгарија упорно ја избегнуваат. Орбан ја продолжува омразата кон Евреите и до ден денешен. Уште повеќе, Владата на Орбан отворено одбива да застане против анти-семистичките изјави на екстремно десничарските колумнисти и политичари. Исто како и во 30-тите години на минатиот век, Унгарија започнува да ја менува училишната програма и промовира глорифицирање на нацистички фигури.

Не толку „јужније“, станува речиси „тужније“. Со лустрацијата на писателот Славко Јаневски, се врши директен политички напад врз писател, кој во нашиот случај, не е ниту жив за да застане во своја одбрана. Да станат работите уште поиронични, министерката Јанкуловска има изјавено дека Владата би го направила истото дури и Јаневски да беше награден со Нобелова награда за литература. Кое дете денес ја учи поемата „Цветови“ без да си приспомнува дека е напишана од чичкото кој го лустрираат?

Без тронка срам, Владата го симплифицира историскиот контекст и ги изедначува комунистите на Македонија со државните непријатели, анти-Македонците, предавниците на македонската кауза. Ваквата реторика е присутна во јавниот дискурс, но уште пострашно е што станува сѐ поприсутна и во учебниците. Дури и ако претпоставиме дека возрасното население во Македонија знае дека за времето на Втората Светска Војна настанува избор помеѓу комунизмот и фашизмот во Македонија, како можеме да очекуваме иста свесност од оние чија свесност допрва треба да ја развиеме?

Задушување на секаков независен медиум

Виктор Орбан направи реформа на Законот на медиуми со кој се ограничува емитувањето на политичка пропаганда пред изборите само на државната телевизија. Доколку некоја приватна телевизија или медиум сака да емитува политичка програма на некоја партија, тоа мора да го направи како БЕСПЛАТНА политичка програма. Можете да замислите колку медиумските бизнисмени се заинтересирани за идејава? Во државата е основан медиумски Совет којшто е задолжен за издавање на дозволи за сите коишто сакаат да се занимаваат со новинарска дејност. Се разбира, како што може да ги додели, исто така може да ги укине. Членовите на Советот се избрани од Парламентот на Унгарија каде Орбан има 263 пратеници од вкупно 386.

Македонскиот закон за медиуми предвидува основање на Агенција за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги која, замислете, ќе има обврска да ја регулира работата на регистрираните медиуми. И покрај препораките на ОБСЕ и Советот на Европа, Владата продолжува со туркање на предложените мерки.

Нашиот пропаднат обид е успешен за Орбан

Во 2011, Орбан се обидува и успева да го дефинира бракот во Унгарија како заедница исклучиво помеѓу маж и жена. Со своите 263 гласа во Парламентот и уште 47 на поекстремната Јобик, Орбан го има она што политиколозите го нарекуваат „супер-мнозинство“. А, таквото мнозинство надминува 2 третини од пратениците, доволно за какви било измени на Уставот.

Се сеќавате на неоснованото силење на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го смени Уставот и ќе го дефинира бракот како заедница на маж и жена?

Но, каде се суштинските разлики?

Со примерот за бракот доаѓам до главната разлика помеѓу Владите на Македонија и Унгарија. Не станува збор за идеолошки или методолошки разлики. И двете Влади користат говор на омраза кон своите противници и се служат со сите средства за сотирање на политичкиот соперник или неистомисленикот. И двете Влади имаат дојдено на власт со чисто популистички мерки кон лесно заводливиот и демократски неискусен народ. Но, разликата помеѓу нас и нив е што нашата Влада сѐ уште нема доволно гласови самата по себе (или со коалициониот партнер) за измена на Уставот.

Ако некој мисли дека нашата Влада не би пошла по истиот пат како Орбан доколку би можела, нека ги погледне сите сличности до сега. Но, јас одговорно тврдам дека доколку ѝ ја пружиме шансата на следните избори да освои доволно гласови, нема да постои право во нашиот Устав кое ќе остане незагрозено за кој било од нас. Бракот ќе биде дефиниран како заедница меѓу маж и жена. Извршната власт ќе добие право да одлучува по уставни прашања место Уставниот Суд (како во Унгарија). Ќе се укине независноста на Народна Банка. Уставот ќе започнува со зборовите „Господ ги чува Македонците“ или нешто од тој асортиман. А, можеби и мајките кои имаат повеќе од две деца ќе добиваат по два гласа на изборите (како што беше иницијалната замисла на Орбановите реформи).

Каде би завршило? Каде би бил крајот? Во Европската Унија сигурно не. Доколку ги дозволиме реформите, единствениот сигурен резултат би бил граѓанскиот конфликт внатре во државата. Дали по етнички или некои други линии, оставам на вас, драги мои, да шпекулирате.

Нашите одлуки секогаш имаат далекусежни последици, некои од нив и непредвидливи. Но, одлуката на секој граѓанин - индивидуалец ја формира иднината на сите нас. Дали тоа ќе биде иднина со надеж или иднина каде што 400.000 луѓе ќе се иселат во рок од 5 години, тоа останува на нас да одлучиме.

И да, имаат дури и слична боја.

Извор: ivanatukatamu.blogspot.com