Пушката на Чехов

16.12.2013 10:29
Пушката на Чехов

Sam Spade: “If you kill me, how are you going to get the bird? If I know you can’t afford to kill me till you have it, how are you going to scare me into giving it to you?” “You don’t have to trust me, anyhow, as long as you can persuade me to trust you.” Dashiell Hammett, The Maltese Falcon.

Причините за неразбирање на општествените науки главно се исти како и кај природните науки, таканаречениот проблем на две култури; единствената разлика е во тоа што кај првиве причините се некако понепосредни. Да ја земеме за пример економската теорија. Многу често се вели дека таа е нереална зашто, да речеме, стандардниот микроекономски модел претпоставува дека луѓето се рационални а пазарите совршено конкурентни. А знаеме дека тоа, на некој начин, не е така. Поинаку кажано, таа теорија не е дескриптивна, гласи приговорот. Истото би можело да се каже и за политичката и социолошката наука. Да речеме, за разлика од историјата. До каде можат да досегнат ваквите критики?

Да земеме пример од „првата култура“: Сликата на Мондријан „Бродвеј буги-вуги“. Некој ќе праша: „Каде е тука Тајмс сквер“? Тоа би била забелешка за реалистичноста. Слично е и со која било теорија во општествените науки. Првиот тест на некоја научна теорија е дали таа е конзистентна, а потоа, дали e објаснувачка, и најпосле дали е применлива – а не дали ја опишува реалноста така како што ја гледаат луѓето, во голема мера во светлото на некоја здраворазумска теорија, дали потврдува и дали оправдува одредени интереси и одредена политика.

За што служи конзистентноста? Да земеме друг пример од хуманистиката: Правилото на Чехов дека пушката закачена на ѕид во првиот чин мора да пукне во третиот. Зашто сè што се случува или е искажано во драмата мора да биде усогласено со сè друго што се случува или кажува во таа драма, а истото важи и за секој друг литерарен производ (а претпоставувам и секој друг уметнички производ, воопшто). Истото важи и за теоријата кај општествените науки. Да речеме дека во теоријата за општата конкуренција постои конзистентност на сите претпоставки и ниту една не е вишок. Истото важи и за кој било друг модел во економската или некоја друга општествена наука. Моделот е математички објект и во него не е можно да се внесе елемент и истиот да се заборави, исто како и сè друго што се случува во некоја замислена драма или уметничко дело.

За што служи тој модел? Ќе го земам за пример сфаќањето на Хјум за каузалноста. Критичарите често забележуваат дека Хјум користи каузални судови во своите економски есеи (а исто така и на други места), иако тврди дека каузалните врски се всушност само генерализација, така да го наречам тоа, на статистички правилности – значи дека постојат асоцијативни, но не и каузални врски. На пример, како тогаш зголемувањето на количината пари води до раст на цените и привремено зголемување на производството, како што исто така тврдеше? Таа причинско-последична врска е својство на моделот за трговија и пари, но не и нешто што може да се индуцира од податоците. Истото важи и за кој било модел или теорија. Доколку манипулираме со елементите на моделот, тој би требало да е конзистентен и да дава соодветни резултати. Во таа смисла во моделот постои каузална зависност.

Оваа можност за манипулација е важна при проверката на судовите спротивни на фактите. Да речеме, ако се внесе одредена промена, се добива одреден резултат, што значи дека може да се каже, во монетаристичкиот модел, дека би можеле привремено да ги забрзаме инфлацијата и стопанскиот раст ако, да речеме, ја зголемиме количината пари во оптек. Тоа можеме да го кажеме зашто решаваме математичка задача. На пример, доколку тоа е моделот со кој можеме да ги објасниме инфлацијата и стопанскиот раст, тогаш би можеле да сметаме дека сме нашле соодветна, емпириска, каузална врска и дека можеме да предвидиме дали ќе можеме да постигнеме одредена инфлаторна цел или посакувано зголемување на производството доколку ја прилагодиме монетарната политика.

Меѓутоа, во овој случај правилностите не можат да се прочитаат од статистичките или од кои било други податоци, без разлика како се собрани. Како што не можеме да ја видиме сликата на Мондријан, гледајќи го Тајмс сквер, а ниту да прочитаме која било драма на Чехов, едноставно набљудувајќи како се однесуваат луѓето. Во таа смисла, теоријата не е дескриптивна, не само во однос на податоците кои секојдневно ги забележуваме, туку и во однос на оние кои го претставуваат репрезентативниот примерок на популацијата што нè интересира.

Да ја земеме за пример претпоставката дека луѓето се рационални. Колку таа е реалистична? Личноста која ќе ја земе пушката која претходно ја закачила на ѕидот, или тоа го направил некој друг, несомнено го задоволува условот на инструменталната рационалност. Самата личност може да има каков било можен психолошки профил. Чехов не кажува дали лицата во темнината би требало да бидат разумни или луди, злонамерни или лукави, мрзеливи или вредни – условот за рационалноста речиси воопшто не ја ограничува психологијата на актерите кои се земаат предвид во економската теорија. Како што правилото на Чехов не ја одредува ниту сорджината на драмата ниту лицата кои ќе се појават во неа, па ни жанрот, затоа што пушките пукаат во комедиите, исто како и во трагедиите.

Вообичаено се мисли дека таа претпоставка за рационалноста е потребна за да би можело да се предвиди однесувањето на луѓето во различни околности и така да се предвидат последиците од нивното дејствување. Се мисли дека тоа би било потешко ако луѓето би биле нерационални (би донесувале одлуки и не би се однесувале во согласност со некое сфаќање за рационалноста), да речеме ако се наклонети да ги следат своите чувства или вредности (или збир од вредности, да речеме идеологија), а не, на пример, она што ја зголемува нивната очекувана корист. Меѓутоа, тоа е погрешно. Претпоставката дека луѓето се рационални е многу општа, така што, всушност, самата по себе ги отежнува предвидувањата. Многу е полесно да се предвиди однесувањето на луѓето врз основа на која било друга специфична психологија, да речеме со користење на таканаречената бихејвиористичка економска теорија. Претпоставката дека луѓето се рационални овозможува теоријата да биде погенерална, а не претставува поедноставување ниту ги прави последиците попредвидливи. Тоа е како во познатиот проблем на Холмс и Моријарти кога е потребно да се одлучи што да се направи претпоставувајќи дека другата страна може да ги предвиди сите одлуки (дали да се симне на некоја станица или да продолжи со патувањето до крајната дестинација). Како што вели Холмс, за да постои решение, мора да постои и граница на интелигенцијата, т.е рационалноста, во овој случај на Моријарти (Holmes to Watson: „There are limits, you see, to our friend’s intelligence. It would have been a coup-de-maître had he deduced what I would deduce and acted accordingly.” A. C. Doyle, The Final Problem).

Да земеме сега некој теоретски модел и да се запрашаме како тој им помага на објаснувањата и дали може да биде корисен како упатство за дејствување, да речеме, политичко дејствување? За да се објасни нешто, потребно е да постои некаква стабилна регуларност, која не е само асоцијативна, туку е научен закон или е многу слична со него, некоја невидлива рака, како што се вели. Во таа смисла, теоретскиот модел, каков што е оној за совршениот пазар, претставува една формулација на стабилните односи, еден вид научен закон, додека тој модел истовремено е и мисловен експеримент, затоа што во општествените науки вистинските експерименти се ретки или несовршени.

Да ја земеме за пример структурната антропологија, затоа што постои раширено убедување дека културата обезбедува една таква регуларност. Едно оправдување за интересот за примитивните општества навистина би било токму тоа дека тие се како еден вид природен експеримент кој овозможува да се провери општата теорија за универзалните културни карактеристики. Основните проблеми кои ги решаваат луѓето, не се разликуваат, без разлика дали станува збор за антрополошките или современите општества, но овие првите се многу поедноставни и постабилни, затоа што институционалната структура не се менува многу долг временски период. Тоа не значи дека тие структури, да ги наречеме институции, не можат да се разликуваат, а да не можат да се развиваат. Но, тие антрополошки сознанија се корисни за социолошката теорија, затоа што оваа другата се соочува со заедниците кои изгледаат многу понестабилно и кои навидум се наклонети кон непредвидливи промени. Ако се рече дека некоја антрополошка теорија во основа е социолошка, тоа е исто како кога се вели дека теоријата за совршениот пазар со рационални индивидуи е основа
на специфичните теории на микро или макроекономијата.

Овде можеби има смисла да се вратиме на прашањето за рационалноста на индивидуите и да го поврземе со методолошкиот индивидуализам. Вообичаено, за разлика од економијата и политичките науки, антропологијата и социологијата се врзуваат за методолошкиот институционализам, значи однесувањето на луѓето се објаснува институционлано, додека, следејќи го методолошкиот индивидуализам, економските и политичките однесувањеа се објаснуваат со интересите и постапките на индивидуите. Оваа методолошка разлика, всушност, не постои. Емил Дирекм навистина верувал дека установите се ствари, затоа што најчесто навистина тоа и се, но и затоа што знаат дека како правила на однесување траат подолго од секоја индивидуа. Меѓутоа, тоа не значи, како што нему му било јасно, дека тие установи во основа не се средства, значи дека не се инструментално рационални и тоа од аспект на индивидуата на некое општество, колку и да е тоа развиено или примитивно. Слично е и со методолошкиот национализам, кој понекогаш се врзува за таканаречената реалполитика во меѓународните односи. Сепак, државниот или националниот интерес е агрегат, инструмент за одредена дистрибуција на интереси на некоја територијална заедница, кога станува збор и за приватните и за јавните добра. Методолошкиот индивидуализам е методолошки, значи тој е само упатство, да не се занемари фундаменталното значење на индивидуалните потреби, интереси и цели, ако сакаме разбирање на каузалните врски, кога се формулира теорија со постојани, речиси законски односи.

Да ја земеме за пример историската наука. Да речеме, контроверзната теорија за Првата светска војна како последица на „месечарење“. Да претпоставиме дека таа не го задоволува позитивистичкиот пристап, со кој само се утврдуваат фактите, а и дека тие не можат да се усогласат со некоја теорија на завера (да речеме злобните против добрите луѓе, државата, организацијата), тогаш што би било алтернатива за тоа? Би имало смисла да се утврдат правила во меѓународните односи, така како што се утврдени, во овој случај со Виенскиот конгрес, да се утврдат политичките мотиви на индивидуите и државата, а и да се утврди каков е каузалниот придонес на поединечните дејствувања. Значи, ако едноставната приказна не дава одговор што се случило и кога се случило и ако нема основа да се тврди дека тоа што се случило, сеедно, ќе се случело независно од историските факти (војната ќе избиела дури и да не била онаа причина, која всушност постоела); бидејќи последново не можеме да го знаеме, можно е да се формулира теорија која комбинира три фактори: инхерентно нестабилен систем на меѓународни односи, војната како средство за воспоставување на нарушената рамнотежа на силите и реалните историски случувања и нивниот конкретен придонес за историјата, значи тоа што навистина се случило. Во тој случај, правилото на Чехов е задоволено, независно од фабулата и евентуалната распределба на одговорностите во расплетот. Војната секако е рационално дејствување, колку и да е глупаво и неморално. Така што, луѓето кои се раководат според рационалноста, сеедно, можат да се гледаат како месечари во однос на тоа како се однесуваат во дадени околности и како реагираат на одредени настани. Со она што го прават, без разлика дали тоа е поврзано со главниот тек на историското дејствие, можат да имаат значаен каузален придонес во согласност со правилото на Чехов.

Главно, недоразбирањето на двете култури е токму околу тоа дали постои некоја повисока ирационалност, а не оваа нихилистичка рационалност. Тоа е причината зошто луѓето ги привлекува кичот, во уметноста како и во општествените историски науки.

Извор: http://pescanik.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото