1021 hPa
93 %
3 °C
Скопје - Чет, 23.01.2025 12:06
Појавувањето на слободните новинари, претставници на невладини и експерти пред Надзорната комисија во Собранието го сметав за една голема грешка. Истото несогласување го изразив кога голем број од слободните новинари се појавија во Собранието и дебатираа за предлог законот за медиуми. Тогаш напишав дека и слободните новинари влегоа во стапицата на режимот. Влегоа во стапицата да се правдаат или, демек, да дебатираат со сопствениот џелат. Во такви ситуации, не само што се легитимира режимот, туку и се испраќаат сите можни погрешни пораки, а тоа е нормално кога од другата страна на дебатата стојат еден Миленко, Латас, Мирка и останатата медиумска булумента на власта.
Сега, приказната се повторува, и мислам дека последно нешто што кој било демократски или слободарски настроен човек требаше да го направи, е на речиси една година од 24 декември, да се појавува на Надзорна комисија во Собранието. Притоа, ценејќи ја и експертизата на една Најческа, Милчин, искреноста на Героски, кој објасни зошто се појавил таму, зарем мислиме дека некоја здрава порака ќе излезе од судирот очи во очи со пратениците на ДПМНЕ, а уште повеќе со Мирка или со Латас? Видовме дека нивните пораки се егзалтираат медиумски, па дури и овојпат успеа она што Героски го опишува како цел на режимот, а тоа е да ги изедначи слободните новинари со оние на режимот. А, зошто режимот успеа во тоа? Е, тука влегува во игра „ѕвездата на моментот“, позната како Саше. Но, да беше само тоа! Режимот успеа во повеќе работи и токму благодарение на „храбриот“ говор на Политико. Но, ќе стигнам до тоа.
Да расчистиме во старт една работа. Ентузијазмот и фамата која произлезе од говорот на Саше е опасен индикатор. Покажува дека Саше не е феномен, туку феномен е големото мнозинство од нашиот народ.
Прво, сите сме феномени, зашто лесно се воодушевуваме на нешто на што одамна сме издресирани, но не го практикуваме. А тоа е простиот и вулгарен говор, наводно искрен и народски, кој со години наназад го воведоа токму Мирка, Миленко, Латас, и Јанко. Тој говор е нешто што на голем број луѓе денес им пречи зашто овие режимски мегафони се прочитани како селски буквар. Сепак, луѓето, нашиот народ, покажа дека ја обожува истата форма, ама ете искажана од човек - опозиционер?!
Луѓето уживаа зашто почувствуваа дека по власта се удри со нејзиното оружје, и тоа колку и да е предмет на сатисфакција, треба да е и причина за загриженост и за преиспитување на нашата плиткост. Тоа само ја потврдува тезата која и порано сум ја изразил за Саше, дека е сурогат на Латас или на Миленко, и дека тој квалитет не застанува само на начинот на изразување, туку има и подлабоки сличности. Притоа, до пред некое време имавме палп-популизам новинарство само од страна на режимот и десницата, еве, денес, работите се изедначија, па добивме сличен примерок кој се декларира дека е од страна на левицата или, во најмала рака, на опозицијата. Иако, сѐ уште не сум сигурен дали во случајот на Саше е доволен терминот популист, бидејќи, можеби, подобро е да се каже - лобист и естрадист.
Зошто сме феномени самите ние? Зашто го забележуваме феноменот на сурогат храброст. Голем дел од нашиот народ е до тој степен кукавица што секое плукање кон власта ќе го исперцепира како херојско дело. Саше не кажа ништо ново, ништо суштинско, барем ништо што не е веќе кажано во овие 7 години, а сепак, народот падна во еуфорија. Тоа е рефлексија на молчењето, зихераштвото и на стравот кај мнозинството од луѓето. Сѐ што кажа Саше, денес е способен да го каже кој било човек. Во крајна инстанца, огромен дел од луѓето и го кажуваат тоа во тесни кругови, бидејќи немаат храброст, интерес или амбиција да отидат чекор понатаму. Саше, повеќе од храброста, ги има и интересот и амбицијата, па така неговата лична корист одлично се поклопи со тоа што според голем дел од луѓето е корисно.
Но, темата за заблудите на нашиот народ е преголема за текстов; освен тоа, лесно е да пишувам за тоа што народот го гледа; затоа ќе се нафатам со тоа што не го гледа во целата приказна.
Што прави власта веќе подолго време и зошто Саше одлично се вклопува во идеите на режимот? Откако власта го изгуби Бранко Црвенковски од политичката равенка, а со тоа и голем број опозиционери-отпораши, или луѓе кои се декларираат и се борат за дијаметрална и тотална спротивставеност со режимот, сега повеќе не оди приказната дека опозицијата е различна, туку дека таа е иста. Да бидеме искрени, самата опозиција ѝ дава одлична асистенција на власта во целиот процес.
Значи, целта на режимот до следните избори е следна: да се анулира опозицијата на темата дека се имитатори на ДПМНЕ, дека нудат повеќе од истото, конечно и дека се исти како ДПМНЕ, но ниту можат да испорачаат како ДПМНЕ, ниту се ефикасни како ДПМНЕ. Едноставно, тие се само поголемото зло. Саше национале во оваа приказна или во оваа идентификација одлично се вклопува и ќе биде, односно веќе е, главниот идентификатор. Пораката на ДПМНЕ станува сѐ појасна: не се заебавајте со имитатори, држете се до оригиналот.
Првата идентификација се виде на надзорната расправа. Вие навистина мислите дека овој итар режим и тие перфидни играчи, кои беа наредени да го слушаат Саше како ги плука, дека почувствуваа некаква мака? Не, напротив. Режимот свесно го приреди ова шоу, знаејќи што ќе се случува. И се случи Саше и, одеднаш, според власта, опозицијата има свој сурогат Миленко, своја медиумска ударна тупаница, која не само што ќе револтира одредени луѓе во опозицијата, туку ќе дејствува и кохезивно за самите вмровци. Па, редно беше некој и нив да ги напне, како нас Миленко.
Втората работа која одлично ја процениле вмровциве е дека во говорот на Саше ќе провејува духот на одмаздата, дека во позадината на неговите зборови ќе се почувствува автентична омраза и гнев. Не случајно Мирка ни соопшти како стравува дека ако дојде СДСМ на власт ќе одела во затвор. Тоа беше порака до сите од ДПМНЕ, и Саше тука брилијантно ја одигра својата улога. Не кажа ништо ново што може дополнително да го разголи режимот, но кажа толку многу од веќе познатото, и го кажа на толку разбирлив начин, за токму, пред сѐ публиката на ДПМНЕ, да ја разбере пораката.
Трета работа - и тука опозицијата нека подразмисли малку со кого се идентификува или со кого ја идентификуваат! Саше со својот „храбар“ говор, дефинитивно го заклучи процесот при што од сега па натаму секој негов став ќе биде перцепиран како став на СДСМ. Од тоа денес никој не ја пере СДСМ, зашто веќе е предоцна за дистанцирање. Ставовите и политичката мудрост на Саше се доволно катастрофални оставени самите на себе, а еднаш спакувани како ставови на СДСМ, нивното ехо ќе биде далеку поголемо.
Но, Саше има уште еден квалитет кој вмровците одлично го забележале. Не само што е инструментален во идентификацијата, туку неговото отсуство на содржина, и имањето само форма, одлично служи за поклопување на која било содржина. Верувам вмровците си честитаа на одличното шоу, да гледаат како еден Саше ги поклопи јавноста и вниманието, создаде фама со празни и изветреани фрази. И успеаја во уште една работа, два дена се зборува за Саше, а не за содржината на неговите зборови. Има ли посилна и поубиствена политичка идеја за докурцавање на опозицијата од тоа да ја оставиш само со слика и со никаква или погрешна содржина?!
Постои уште една многу важна карактеристика на Саше која ДПМНЕ ја искористи брилијантно. Саше создава раздор и поделби во самата опозиција. И не само тоа, со својот секојдневен говор на омраза и на оцрнување видни коментатори, критичари, интелектуалци, политичари, Саше истиснува и создава бришан простор во кампусот на опозицијата. Оние што се вистински борци за демократија и за права, суштински критичари на власта, благодарение на Саше се опишуваат како штетни, лажни, погрешни луѓе. Што добиваме со тоа? Па добиваме опозиција која не само што наликува на ДПМНЕ, туку и полека ги губи интелектуалните способности да се спротивстави на власта.
Постои уште една стапица откако идентификацијата е веќе толку силна. Бидејќи Саше ќе продолжи да зборува дека СДСМ треба да ги прави истите работи што и ДПМНЕ, всушност, Саше во јавноста, свесно или несвесно, цело време прави добра реклама за лошите политики на власта.
Имам уште многу што да додадам за некои недоветни коментари и ставови на социјалните мрежи, но ќе завршам тука, а коментарите ќе бидат тема за некој нареден текст.
Тоа што само ќе го нагласам како лекција е дека Македонецот повеќе не разбира разум и нема свест, туку автоматски се согласува со оној што погласно вика, што пожолчно навредува. Каква и глупост да се каже денеска, доколку е искажана со доволно самоубеденост и со доволно гестикулациско движење на рацете, кај Македонецот се претвора во убедување дека тоа што му се зборува всушност има логика.
Сега верувам дека ви е јасно, сѐ што ни се случува е само искривена слика на нашите веќе искривени сфаќања и размислувања. Ние ова го направивме, ние го создадовме режимот, ние го одржувавме, ние го направивме Саше и куп други будали како него, ние и ќе му дадеме нов живот на режимот. Искрено, од сево ова што го гледам ми поминуваат морници низ ’рбетот, зашто доаѓам до тажниот заклучок дека сите ние имаме или сме очајни учители по историја. Историјата ни се повторува, а ние навиваме, режимот се враќа по тоа што е негово, а негови сте повеќето од вас.
Слики: Свирачиња