Швајцарците против минариња на џамиите

01.12.2009 10:07
Minare_Svajcarija_1.jpg

Граѓаните на Швајцарија во неделата на референдум изразија решителна поддршка на предлогот за уставната забрана за изградба на минариња на џамиите кои во иднина ќе бидат изградени во нивната земја. Иницијативата на ултрадесничарската Швајцарска народна партија (SVP-UDC) ја поддржаа 57,5% од гласачите, но тоа нема да ги погоди веќе изградените минариња на швајцарската територија. Излезноста на референдумот беше 55%.

Ваквиот резултат веднаш предизвика страв од немири во муслиманскиот свет, и насилни реакции на екстремистичките групи. По круговите на интернационалната Женева, вчера видно се пробуди духот на кризата настаната по објавувањето на карикатурата на Мухамед во 2006 година во еден дански дневен весник.

Овој резултат, особено неговите размери – примен е со запрепастување во швајцарската политичка класа. Освен изненадување, аналитичарите го искажуваат впечатокот дека резултатот би бил ист во многу земји од оваа зона. Швајцарската бискупска конфедерација изрази жалење заради резултатот.

Референдумот предизвика полемика уште во текот на кампањата, која Народната партија ја илустрираше со постери со заканувачки минариња како ракети, и жени во бурки. Неколку дена пред гласањето, Амнести интернешенл, предупреди дека забраната ќе ја спречи Швајцарија да ги почитува своите обврски за слободата на вероисповедта. Промоторите на иницијативата SVP-UDC на општите избори во 2007 година добија 29% од гласовите – одговорија дека изградбата на минарињата не е под закрилата на слободата на вероисповедта, зашто минарињата „немаат религиозно значење“. Ова екстремно стојалиште исто така го бранеше и теоретичарот на исламот Тарик Рамадан, швајцарски државјанин со египетско потекло и доктор по муслиманско право. Рамадан потврди дека „минарето не е нужно за молитва“. Тоа им ја олесни работата на оние кои се обидоа да го убедат народот дека минарето е „знак на политичка доминација и експанзија на исламот по швајцарската земја“.

Швајцарската влада и парламентарното мнозинство беа против иницијативата за забрана на градење минариња. Според министерката за правда и полиција, Евелин Видмер-Шлумф, „резултатот од ова гласање, без сомнение го изразува постојниот страв и несигурност меѓу жителите дека исламските фундаменталисти можат да доведат до воспоставување паралелно општество, кое ќе го изолира и игнорира нашиот правен поредок“.

Министерката додаде дека „овој страв треба да се согледува сериозно, како што тоа го правеше и го прави владата, дури и кога проценува дека забраната за градење на минариња не е соодветно средство за борба против исламските екстремисти“.

Во Швајцарија има само четири минариња, а освен тоа, од нив не се повикува на молитва. Најпознато е она на џамијата во Женева. Се проценува дека има меѓу 130 и 160 верски и културни исламски центри во целата земја. Минарињата во Швајцарија досега не беа причина за социјални судири. За разлика од тешкотиите при интеграцијата какви што можат да се видат во други европски земји, муслиманската имиграција изгледаше дека се интегрирала во општеството бев поголеми потешкотии, што уште повеќе ја прави несфатлива иницијативата на SVP-UDC.

Сите набљудувачи се согласуваат со тврдењето дека во основата на референдумот станува збор за „присуството на муслиманската имиграција во Швајцарија“. Во Швајцарија има околу 400.000 муслимани, и тие потекнуваат од Турција, од Албанија и од поранешна Југославија. Референдумот уште еднаш укажа на амбисот што го дели германското и француското говорно подрачје во Швајцарија. Од 23 кантони, само четири беа против забраната: градот Базел – германско говорно подрачје, и Женева, Нојшател и Вауд (Лозана), каде што се зборува француски.

Мрачниот израз на лицето на министерската за надворешни работи не остава никаков сомнеж. За социјалистот Мишелин Калми-Реј, изразената волја на Швајцарците е „израз на стравот и доказ за паниката пред глобализираниот свет паднат во економска криза“. Но, признава дека властите ја „потценија легитимната загриженост на граѓаните“. Калми-Реј тврди дека овој резултат на гласањето е плод на „фалсификувањето на стварноста и инструментализацијата на стравот на Швајцарците од страна на одредени политички партии“. Според швајцарскиот шеф на дипломатијата, спомената партија „прави системски амалгам меѓу исламот и насилството, женската подреденост и дискриминацијата“ и оваа партија ја квалификува како „неодговорна зашто ја доведе нацијата во ваква ситуација“. Калми-Реј смета дека „резултатот од гласањето не ја изразува одбојноста кон муслиманите“, но дозволува дека е „потценета легитимната загриженост на граѓаните“ и вели дека е „загрижена колку Швајцарците ги поддржуваат тезите на SVP-UDC“. Таа додава: „Мислам дека итно треба да се засили надворешниот и внатрешниот дијалог со цел да се најде решение за ваквата ситуација“. Дали треба да се очекува реакција на муслиманскиот свет, слично на онаа која ја предизвика објавувањето на карикатурите на Мухамед во данските весници? „Не“, одговара министерката, „зашто ние веруваме во дијалог“. Инсистира на тоа дека четирите постојни минариња нема да бидат погодени од ова гласање и дека муслиманите и понатаму ќе можат без забрана да ја практикуваат својата вера. Но, и тврди „дека ваквиот референдум одржан во која било соседна земја би дал сличен резултат“.

Извор: Ел Паис