Целовитост ни е потребна!

16.12.2013 12:15
Целовитост ни е потребна!

Кога размислував деновиве околу медиумите и отпорот, трудејќи се да се ограничам на овдешните и скорешни прилики, помислив дека работата е толку јасна што може да се опише и анаграмно: Во Македонија има медиуми со издишани гуми, и отпор без отвор.

Но, за да не остане овој анаграм необјаснет, ќе морам со уште неколку реченици да се потрудам да го објаснам имањето или немањето на медиумите и на отпорот и/или само немањето врска помеѓу нив.

Првата реченица ми е околу јавноста во Македонија како арена, точка и простор каде што медиумите и отпорот дејствуваат и/или се среќаваат. Јавноста, јавното мислење во Македонија, е по многу основи поделено, сиромашно, контамирано и со сè поприсутната етатизација на медиумите. Но, заради ова и ред други проблеми јавноста не е целовита. И тоа е нејзиниот првенствен проблем.

Потоа, доаѓаат медиумите кои заради нивната осиромашеност, несогледување на нецеловитоста на јавноста, постепено се претвораат во медиуми кои заради неконтинуитетот, неконзистентноста и нецеловитоста се преобликуваат во секташки медиуми, или поточно медиуми кои имаат тенденција да се опходат само со една нецеловита јавност, по принципот на сектите, на кои првенствено им е важна таквата интерна јавност. Така, тие полека но сигурно, немајќи продор, застануваат во меѓите и границите кои им се наметнуваат од разните контексти, етнички, религиозни, културни итн. Или од цели табуа, што е случај со некои скорешни случувања кои од толкава медиумска непокриеност и недостиг на информирање за нив стануваат табуа. Тамам како автомобил со издишани гуми, кој иако преминува преку некој пат, губи од брзината и веќе е со веројатна точка на застанување/со голема точка на веројатност дека ќе застане.

Отпорот од друга страна страда од тоа што медиумите се нецелосни, секташки медиуми без припадници на секта, и од генералната поделеност и нецеловитост на јавноста, но и на самиот отпор. Така, како што медиумите се будат и заспиваат во некоја своја Македонија, така и отпорот кој во многу големи размери, до индивидуалност е поделен, атомизиран, се буди во своите Македонии...

Кога ќе додадеме на ова дека отпорот во Македонија не е само поврзан, туку некогаш и зависи од граѓанските, невладини организации, тогаш ќе согледаме дека тој се соочува и со бирократска крутост; освен со калкулантната комфорност, кон која присегнуваат многуте интелектуалци и други индивидуии оставени уште претходно сами на себе од медиумите, невладините и целиот отпор.

Затоа, иако имаше некои обиди во Македонија, сепак немавме Аркзин, но не е доцна да направиме еден, дури и сиромашен целовит медиум, кој секако ќе му помогне на отпорот со самото целовито арихивирање на глупоста и на контаминацијата во јавноста. Решението е во поцеловити медиуми и отпор со отвор за инклузивноста. Ако има едно мерило кое се докажало како точно за мерење на успешноста на промените, еманципацијата, револуцијата или движењата, тоа е инклузивноста. Нашето решение тука треба да има фокус, конзистентност, инклузивност или, да завршам со стихот на Мајаковски, кој повикуваше на расчистување/завршување со бирократската крутост, со тоа што ќе направиме седница на која ќе ги завршиме сите седници, така и ние треба да направиме една целовита секта која ќе ги опфати сите нецелосни секти во медиумите и отпорот.

(Излагањето е дел од изложбата и дебатата Вас ист Аркзин! Мала школа за антифашизмот – медиумите и отпорот, што се одржа во Мала станица на 13.12. 2013 во организација на Контрапункт)

Слика: Иван Сил