Ако воздухот во Скопје остане загаден, властите се заканија дека уште посилно ќе апелираат да не се загадува

16.12.2013 12:42
Ако воздухот во Скопје остане загаден, властите се заканија дека уште посилно ќе апелираат да не се загадува

Скопје, 16 декември 2013

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски и министерот за здравство Никола Тодоров на заедничка прес конференција најавија дека доколку степенот на загаденост во Скопје остане ист или биде повисок, многу почесто ќе одржуваат прес конференции со кои ќе апелираат да престане загадувањето.

Ваквата остра реакција уследи откако мерењата покажаа дека нивото на штетни честички во скопскиот воздух е дури 15 пати над максимално дозволеното.

„Ова е навистина загрижувачки. Тоа што воздухот изминатите неколку месеци беше загаден девет, дванаесет и четиринаесет пати над максимално дозволеното ниво не беше толку страшно. Но, петнаесет – е тоа е навистина премногу!“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров и најави дека апелите граѓаните да не излегуваат од дома и помалку да загадуваат ќе зачестат.

Градоначалникот на Скопје, пак, смета дека е потребно да се зачести предупредувањето на граѓаните преку прес конференции и на дневно ниво.

„Ако нивото на загаденост остане вакво, секој втор ден на прес конференција ќе ги предупредуваме скопјани да не излегуваат од дома, а непознатите загадувачи да се воздржат од загадување. Доколку – не дај боже! – состојбата со загадениот воздух се влоши, ќе одржуваме предупредувачки конференции секој ден по два-три пати“, изјави градоначалникот Трајановски.

Инаку, властите веќе апелираа граѓаните да се воздржат од непотребно дишење и да дишат само кога тоа е навистина неопходно. Неофицијално, дознаваме дека во подготовка е едукативна еколошка кампања, која ќе се обиде да ги натера граѓаните воопшто да не дишат кога воздухот е загаден.