50 години обнова и изградба на Скопје (3)

16.12.2013 13:43
50 години обнова и изградба на Скопје (3)

Никола Богачев и Александар Смилевски: Гимназијата Орце Николов, Скопје (1969)

Покрај општествени, во обновата на Скопје по земјотресот од 1963 година се подигнати и многу голем број станбени објекти со кои се оформува центарот и новите квартови во градот, кој зафаќа сè поголема површина. Во новите квартови често пати се занемарува потребата од објекти за општествен стандард, така што тие заслужено го носат негативниот епитет на „градски спални“. Големината на тие зафати и ургентноста за нивното подигање наложува да се формираат проширени проектантски тимови, кои успешно ја извршуваат поставената задача.

Масовната изградба на поголеми станбени објекти започнува најпрвин во центарот на Скопје и тоа во состав на т.н. Градски ѕид, кој е идејно дефиниран со конкурсниот проект (1965) на Кензо Танге. Меѓутоа, при разработката на проектот со т.н. деветтата варијанта се отстапува од конкурсната идеја за Градски ѕид оформен со повеќекатни терасести блокови, кои се заменети со станбени кули и ламелни станбени блокови. Станбените блокови (1966-) се подигнати според проектите на авторскиот тим составен од: Н. Богачев, С. Ѓуриќ, Љ. Маленкова, А. Серафимовски, С. Симоски и В. Ќосевска.


Група автори. Станбената кула тип М, Градски ѕид, Скопје (1966-). Основа и изглед

 

Автори на станбената кула тип М (1966-) во состав на Градскиот ѕид се Д. Димитров, С. Ѓуриќ, В. Ладинска, Р. Минчева и А. Серафимовски, додека Александар Смилевски (1939-) се јавува како автор на станбената кула тип Б (1966-). Сите тие објекти имаат примерно функционално решение и конструктивен состав, и еден „рутински“ обликуван израз.

Во станбената населба (реон) Карпош II, Симеон Симоски (1925-2010) создава еден примерен станбено-деловен ансамбл, кој е составен од станбена кула и трговски објект (1966). Како и во другите станбени објекти од тој период, големината на становите е со минимално потребната површина и со солидно функционално решение. Од тоа произлегува едноставен обликуван израз дефиниран од геометриски вертикални ленти. Таквата рационална едноставност е присутна и во решавањето на понискиот трговски објект.


Трифун Јанев: Станбено-деловните блокови Б1-Б7 на бул. Партизански одреди, Скопје (1968). Основа на една ламела и 1/2 изглед

 

Трифун Јанев (1935-) во обликувањето на станбено-деловните блокови Б1-Б7 на бул. Партизански одреди (1968) воведува пластични елементи инспирирани од структуралните фасади на јапонската архитектура, која станува актуелна поради присуството на Кензо Танге во Скопје.

Авторскиот тим Љ. Маленкова, Г. Златановиќ и В. Ќосевска при решавањето на станбениот блок тип Б во населбата Кисела Вода (1968) се инспирираат од високолите ламелните станбени блокови (1927-1931) на Валтер Гропиус. Сепак, поголемата длабочина на овој блок ја оневозможува двостраната ориентација и напречната вентилација на становите.Надминувањето на стереотипите на интернационалниот стил во станбената архитектура е видливо неколку години подоцна кај трите станбени кули за воени лица во населбата Јане Сандански (1975), што е резултат од ангажираноста на проширениот проектантски тим, составен од: Д. Томовски, В. Ладинска, К. Муратовски, А. Банчотовски, С. Апостолски и Н. Лагудин. Слободното решавање на основите, заедно со комбинацијата на извитканите форми дефинирани со натур-бетон и фугирана тула, резултира со продуховени облици во просторното решение и второстепената пластика.


Алфред Рот: Основното училиште
Песталоци, Скопје (1967). Основа и изглед


 

Во поземјотресната изградба на Скопје се вклучуваат и некои познати светски автори. Така на пример, Основното училиште Песталоци (1967), кое е создадено според проектот на швајцарскиот архитект Алфред Рот (1903-1998) е првиот општествен објект изграден по земјотресот. Тој е направен од натур-бетон и со асеизмичко темелење врз гумени перници (амортизери). Неговите просторноволуменски единици со својата димензија и со еркерите, аналогно се поврзуваат со традиционалната народна архитектура.

Забележливо е дека архитектонските колебања присутни во рамките на доцномодерната архитектура имаат свои рефлексии и во Македонија, што може да е присутно и во творештвото на еден ист архитект.

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Извор: ПОРТА 3

ОкоБоли главаВицФото