Сонце, ветер, дрвја и вода

17.12.2013 10:26
Сонце, ветер, дрвја и вода

Сонце

Најпријатното видео што кога било сум го видел е нашата прва забрзана снимка на сонцето како минува низ плоштадот на „Сеаграм”. Во доцните утрински часови, плоштадот беше во сенка. Тогаш, малку пред пладне, мал процеп со сончева светлина почна да се движи низ плоштадот, а како се движеше процепот, така се движеа и посетителите. Каде што беше сонцето, таму седеа; каде што немаше сонце, не седеа. Тоа беше сосема прекрасна корелација, која ја почитував. Како и урбаните архитекти, така и јас сметав дека изложеноста кон југ е од клучно значење. Ова беше огромен доказ.

Но тогаш нешто тргна наопаку. Корелациите исчезнаа, и тоа не само на Сеаграм, туку и на други места кои ги проучувавме. Сонцето сè уште се движеше, а луѓето не. Очигледното конечно ни стана јасно: По мај, следеше јуни. Иако пладневните температури се немаа којзнае колку покачено, дополнителната топлина беше доволна за сонцето повеќе да не биде клучен фактор.

Отприлика во исто време деловната зграда која се протегаше до преку улицата почна да блокира голем дел од сончевата светлина на Пејли парк. Насочивме на скеле time-lapse камери кон паркот и го снимавме ефектот на новата зграда. Ефектот беше изненадувачки слаб. Иако сонцето беше скратено, луѓето го користеа Пејли исто колку и претходно. Веројатно ќе го користеа повеќе да останеше сонцето, но без идентично место за споредба, никогаш не може да се биде сигурен. Поважната поента е дека колку и да е несреќна загубата, паркот беше во состојба да ја издржи.

Сепак, она што простите бројки не можат да го измерат е квалитетот на искуството, кој може да биде може повисок кога има сонце. Бидејќи тогаш имате избор – сонце, сенка, или помеѓу. Најдобро време за седење под дрво е кога има сонце од кое ќе се засолниме. Колку повеќе се има пристап до сонцето, толку подобро, и ако има изложеност кон југ, треба да се искористи до максимум. Зонирањето во Њујорк сега бара новите плоштади и отворени простори да бидат така насочени.

Пристапот до сонцето треба да биде заштитен. Еден од начините за тоа е да се добијат правата над воздушното пространство на ниските згради отспротива, па така тие ќе останат ниски. Ова може да биде скапо, и тоа многу, ако шпекулативните притисоци во реонот се покачуваат. Сепак, од истата причина, купувањето може да се покаже како добра инвестиција. Правата можат да имаат голема моќ врз подоцнежниот развој, а би постоела и можноста да се продадат дел од правата за градби проектирани да фрлат минимална сенка на отворениот простор. Денес, повеќето деловни зделки со права над воздушното пространство опфаќаат купување неискористени права над една зграда за да може да се изгради друга која ќе биде повисока отколку што е вообичаено дозволено.

Од друга страна, нашите навидум негативни наоди во врска со важноста на сонцето имаат и добра страна: местата кои малку или воопшто не ги фаќа сонце поради изложеност кон запад или поради згради кои го попречуваат сонцето не се изгубен случај. Ако се проектираат вешто, можат да се направат да личат како да имаат сонце.

Зошто да не се позајми сонце? Истите тие згради кои фрлаат сенка исто така и рефлектираат светлина во големи количини. Заедно со огледалата, стаклото и не'рѓосувачкиот челик, архитектите безмилосно поставуваат и травертин, па така нивните нови згради го покачија индексот на заслепувачка светлина во градовите.

Но светлината почна да се одбива и на места кои претходно не ја добиваа. Во осумте години снимање, забележав дека неколку улици станаа фотографски половина ф-стоп побрзи. Неколку отворени простори кои инаку би биле темни се облеани со рефлектирана светлина поголемиот дел од времето, понекогаш и како втора или трета рефлексија. Плоштадот Грејс, на пример, воопшто не е директно изложен на сонце, но поголемиот дел од попладнето добива од светлината која се рефлектира од изложеноста кон југ на зградата на север. Травертинот е заслужен за тоа. Прекрасно ја одбива светлината, особено доцна попладне, кога може да даде благ сјај на глетката на улицата.

Досега ваквите ефекти биле сосема случајни. Студиите во врска со сонцето кои се прават за големите нови згради обично се заштитнички настроени за да може да им се покаже на одборите составени од урбанисти дека зградата нема да фрла премногу повеќе сенка отколку што веќе има од останатите згради. Неколку студии се обидуваат да ја одредат светлината што ќе ја пушта новата зграда, кои се можните придобивки од тоа, за кого и кога.

Сепак, предностите кои би имале голема потенцијална вредност можат да се испланираат и договорат однапред. Можат да постојат, на пример, права за користење на сонцето, со кои, всушност, инвеститорите на одредена зграда ја продаваат одразената светлина на соседите. На стимулативна основа, програмата може да се спроведува од страна на градската комисија за планирање, со тоа што на инвеститорите ќе им се дава бонус за предностите кои ќе се одразат. Компликациите,се разбира, можат да бидат страшни, но тоа се оние компликации кои адвокатите и урбанистите ги доживуваат како инспиративни.

Топлината е исто толку битна како и сончевата светлина. Деновите кои ги изнесуваат толпите надвор во најголем број не се оние весели сончеви денови со пријатни температури, колку и да е ова време погодно за шетање. Токму во топлите, спарни денови, сончеви или облачни, оние за кои се очекува дека ќе ги натераат луѓето да седат внатре во климатизирани простории, ќе најдете најмногу луѓе надвор. Луѓето навистина ја сакаат топлината. На лето, обично ќе седат на сонце, но и под сенка; само кога времето е многу топло, 30 степени или повеќе, сончевите места ќе бидат празни. Релативната топлина е исто така важна. Еден од деновите кога најмногу се седи надвор е првиот потопол ден на пролет, иако со истата температура подоцна би се чинело премногу ладно за седење. Слично на ова, првиот потопол ден по низа студени или врнежливи денови ќе биде шпиц ден.

И студеното време знае да биде добро за седење. Токму тогаш, одреден простор кој е отворен за топлината која зрачи од сонцето може да биде одлучувачки фактор за тоа дали удобно ќе се седи или нема да се седи воопшто. Луѓето активно ќе го бараат сонцето, а ако ги најдат вистинските места, ќе седат во зачудувачки голем број и на доста студено време. Колку повеќе е на север географската ширина, толку пофанатично ќе го прават тоа.

Ветер

Она што луѓето го бараат се места со многу сонце. А исто толку важни за нив се и ветрот и провевот. Во оваа смисла добро функционираат малите паркови, особено оние затворени од три страни. Тие се удобни и физички и психолошки, а ова е една од причините зошто нивниот релативен капацитет за посетители е толку висок. Гринејкер парк во Њујорк има инфрацрвени греалки, но се користат само при исклучително студено време. Со сонцето и заштитата од ветер, паркот е погоден за престој и во студени денови.

Просторите околу новите згради се нешто сосема друго. На зима, многу од нив се студени и со провев, и дури и во умерени временски услови, малку кој би се задржал на такви места. Грешките лежат во превидите. Тестовите со аеродинамичен тунел сега вообичаено се спроведуваат на моделите на нови згради, но без многу да се обрнува внимание на луѓето. Тестовите на Светскиот трговски центар во голема мера го одредија притисокот во кулите, како и потребниот конструкциски челик. За она што би можеле самите кули да генерираат во форма на ветер, како и ефектот врз луѓето долу, очигледно не било водено многу сметка.

Сепак, ефектите се сосема мерливи. Сега е докажано дека кулите кои се високи и самостојни можат да генерираат огромен провев во должина на своите странични делови. Ова на ниту еден начин не ја спречило изградбата на ваквите кули, а резултатот е, очекувано, тоа што одредени простори честопати се неподобни за престој. На еден плоштад кој припаѓа на една банка во Сиетл, налетите на ветрот се толку силни што мора да се закачат безбедносни јажиња долж плоштадот за да има за што да се држат луѓето. Чикаго ги има најветровитите места, но не поради локалниот ветер (кој и не е којзнае колку посилен отколку во други градови), туку поради тоа што провевите низ страничните делови на кулите Џон Хенкок и Сирс се со толкава јачина – честопати толку силни што ги спречуваат луѓето да ги користат плоштадите, дури и кога имаат причина да ги користат.

Џејмс Марстон Фич, кој има направено повеќе од кој било друг архитект за тоа да се навалува врз фелата да ги зема предвид ефектите врз средината, истакнува дека проблемот е концепциски, а не технички. „Негативните ефекти едноставно се игнорираат, а отворените простори се создаваат како за некаква идеална клима, секогаш сончево и пријатно топло. Па така [просторите] не успеваат да ја остварат својата основна претензија – а тоа е да ги отстранат големите разлики помеѓу архитектонските и урбанистичките простори, да го продолжат времето на местата каде урбаниот живот може слободно да тече наизменично помеѓу двата вида.”

Технички, како што Фич посочува, можеме во голема мера да ја продолжиме ефективната сезона на отворените простори. Со поставување на вистинските прашања во истражувањата за сонцето и ветрот, со експериментирање, можеме да најдеме подобри начини да го складираме сонцето, да ја удвоиме неговата светлина, или пак да ја скриеме, или да го намалиме ветрот зиме, или да го засилиме лете. Можеме многу да научиме од овие полуотворени процепи и дупки кои луѓето честопати ги бараат. Поголемиот број нови урбани места се или целосно отворени или целосно затворени. Треба повеќе да се направи за да се охрабри изградбата на половичните. Со помош на стаклени сводови или мали павилјони, полуотворените места можат да се направат така што ќе можат да се користат во секакво време, освен во најлошите временски услови. Особено би биле соодветни за врнежливи градови, како Сиетел и Портленд.

Дрвја

Има најразлични добри причини зошто треба да има дрвја, но само од климатски причини треба да инсистираме да има што повеќе, и големи исто така, долж тротоарите и на отворените простори од градот. Новото зонирање за отворени простори во Њујорк има значително повисоки барања: инвеститорите мораат да обезбедат по едно дрво на секои 20 метри тротоар. Мора да бидат со дијаметар од најмалку 9 сентиметри и да бидат во рамна линија. На плоштадите, бројот на дрвјата мора да биде пропорционален со просторот (за плоштад од 1500 метри, минимум шест дрвја).

Дрвјата мораат да бидат многу повеќе поврзани со местата за седење отколку обично. Од местата за кои вршевме истражување, дефинитивно најомилени се оние кои овозможуваат добра глетка кон она што се случува, како и задоволство да се седи удобно под некое дрво додека се набљудува. Со ова се обезбедува пријатен затворен простор; луѓето се чувствуваат удобно, заштитено – многу слично на тоа како се чувствуваат под настрешницата на уличното кафуле. Исто така, како и секогаш, ќе им биде и поладно. За жал, јажињата кои ги држат стеблата и почвата на која се засадени честопати служат да го оневозможат седењето; па дури и кога не е така, пренатрупаноста со детали го има истиот ефект. Сè е толку опкружено со жици и огради, што не можете ниту да се доближите до дрвото, ниту да седнете во неговата околина. Таму каде што се користат големи жардиниери, обично се превисоки, а рабовите им се претесни за да биде удобно.

Инвеститорите треба да се поттикнуваат да ги спојуваат дрвјата со местата за седење. Тие исто така треба да поттикнуваат садење дрвја во мали кории. Како што се покажа во Пејли парк, ако дрвјата се садат блиску едно до друго, лисјата кои се преклопуваат прават многу пријатна комбинација од сенка и сончева светлина. Истото го можат и сениците.

Вода

Водата е уште еден убав елемент, а на архитектите им оди доста добро со неа. Новите плоштади и паркови нудат вода од сите видови и форми: водопади, ѕидови со вода, брзаци, одводи, мирни базени, канали, кривулести потоци, најразлични видови фонтани. Нешто недостасува само од еден важен аспект: пристап.

Една од најдобрите работи кај водата е глетката и чувството. Отсекогаш сум мислел дека водата на плоштадот на Сеаграм изгледа невообичаено течно, и мислам дека тоа е бидејќи знаете дека можете да ја плиснете раката во неа ако сте наумиле. Луѓето го прават тоа постојано: ги брцнуваат дланките во неа, прстите на нозете, стапалата, а ако прскаат наоколу, никаков чувар не се залетува да им каже „не може“.

Но на многу места водата е само за гледање. Ја допрете ли со стапалото, за секунда ќе се појави чувар. Не е дозволено. Хемикалии во водата. Опасност од загадување. Ако им се дозволи на луѓето да ја допираат, ќе ви кажат, следното е дека ќе почнат да пливаат во неа. Понекогаш и така е. Новиот рефлектирачки базен кај Седиштето на христијанската наука во Бостон е длабок само неколку стапки, но кога првпат се отвори многу луѓе почнаа да го користат за цапање во него, па дури и за пливање. Имаше потешкотии да се забранат таквите активности во базенот и да се врати неговата декоративна функција.

Не е во ред да се става вода пред луѓето и потоа да се тераат да не ѝ се приближуваат. Но ова се случува низ државата. Се поставуваат базени и фонтани, а веднаш потоа се ставаат знаци опоменувајќи ги луѓето да не допираат. Еднакво катастрофална е и прекумерната жар со која многу базени постојано се празнат, па повторно се полнат, се смукаат и се чистат, како основна функција да им е одржувањето. Големата стара Бакингемска фонтана во чикашкиот Грант парк е заградена со електрична ограда.

Безбедноста е најчестата наведена причина поради која луѓето треба да се држат понастрана. Но постојат подобри начини на справување со овој проблем отколку со струен удар. Во „Аудиториум форкорт фаунтин” паркот во Портленд, Орегон, луѓето качуваат и симнуваат комплекс од одводни цевки и водопади веќе некои шест години. Изгледа опасно; архитектот Лоренс Холприн го проектирал да изгледа опасно, но од денот кога се отвори, се немаат случено сериозни незгоди. Прекрасната фонтана е потврда на довербата во луѓето, а многу говори и за добриот град Портленд.

Уште една супер работа кај водата е нејзиниот звук. Кога луѓето објаснуваат зошто сметаат дека Пејли парк е толку тивок и смирувачки, едно нешто што секогаш го споменуваат е ѕидот по кој тече вода. Всушност, ѕидот со вода е прилично гласен: нивото на гласност изнесува околу 75 децибели во негова близина, што е значајно повисоко од нивото на улица. Исто така, звукот сам по себе и не е особено пријатен. Им пуштам снимки на луѓе и ги прашувам што мислат дека е звукот. Обично прават гримаса и велат метро, камиони на автопат или нешто слично лошо. Сепак, во паркот, звукот се чувствува како доста пријатен. Тоа е непрекинат звук и ги прикрива нерамномерните свирења и тропања кои се најздодевните аспекти на уличната врева. Ги прикрива и разговорите. Иако има многу други луѓе во близина, можете да зборувате доста гласно со соговорникот (понекогаш речиси така и морате) и да уживате во чувството на приватност. Во случаи кога водата за ѕидот се исклучува, се крши магијата и местото станува ниту одблизу толку пријатно. Ниту толку тивко.

Кон првото поглавје
Кон второто поглавје
Кон третото поглавје
Кон четвртото поглавје

Кон петтото поглавје
Кон шестото поглавје

ОкоБоли главаВицФото