Со дејствување против апатијата

17.12.2013 13:26
Со дејствување против апатијата

Еден бауч кружи низ светот: баучот на апатијата. Утопистичкиот дух исчезнува заедно со чувството дека иднината би можела да ја надмине сегашноста. Според Расел Џекоби, живееме во атмосфера на колабирани интелектуални визии и амбиции, во свет кој културно назадува: радикалите останаа без залак а либералите без рбет.

Атмосферата привикува еден момент од квечерината на еден друг век, во 1799 година, кога Семјуел Колриџ му предлага на својот пријател Вилијам Вордсворт да ги оспори распространетите резигнации и малаксаноста: „Би сакал да напишете песна, во слободен стих, и да ја упатите кон оние кои, како последица на потполниот неуспех на Француската револуција, ги изгубиле сите надежи дека човештвото може да биде подобро и кои тонат во речиси епикурејска себичност која ја прекриваат со меките имиња на приврзаноста кон домот и презирот спрема визионерските philosophes“.

Се разбира, и граѓаните на Македонија се под менгемето на глобалната инерција, но и дополнително се обременети со локалните апатии и со уморот од бескрајната транзиција. Се изморивме дури и од бесот кон лошите водачи: избираме главно меѓу понудените зла, гласаме за оној помалку негативниот, очајнички ни требаат позитивни визии, нов елан, и барем привремен одмор од нискостите и гадостите што секојдневно нè заплиснуваат во импозантни количества.

Слаба утеха е што чувството на апатија и резигнација има глобални димензии. Она што обесхрабрува е дека проблемот сме ние; но, и она што охрабрува е - решението сме ние. Ние и како учесници во локалниот живот на една квази држава, но и ние како учесници во глобалните процеси каде што се случува истото: превреднување на старите политички модели и создавањето поинакви географски и политички парадигми. И на двете нивоа сè уште ја поседуваме моќта, барем во онаа форма за која пишува Хана Питкин: проблемот на општественото е во тоа што луѓето се моќ без да ја имаат, и во тоа дека дури и „моќните“, чиишто одлуки влијаат врз стотици илјади луѓе, се неспособни да го променат инертниот тек сè додека секој од нас продолжува да работи онака како што работи сега.

Според Питкин, за овие феномени денес премногу често се расправа низ поимите „отпор“ и „идентитет“, сместени во „граѓанското општество“, и спротиставени на владата и политиката. Отпорот спрема неправедната моќ секако е важен, за него може да постои потреба во секоја заедница. Но, тој ја задржува поимската поделба на „нив“ кои имаат моќ и виновни се, и нас, кои даваме отпор, но не сме одговорни.

Можеби би морале да почнеме да даваме отпор, вели Питкин, но тоа не е цел и не е доволно. Барањето „тие“ да се присилат на тоа да ја променат „нивната“ влада и политика сè уште не ги препознава владата и политиката како (потенцијално и својствено) наши, како нешто што се однесува на секого од нас.

Кога, како што зборуваше Токвил за Франција во триесеттите години од 19-иот век, официјалните владини институции се лишени од „самиот политички живот“, така што во сите нив владеат „млитавоста, неспособноста, мртвилото и досадата“, тогаш може да се случи некаде другде, меѓу оние кои се исклучени, или повлечени, „политичкиот живот да почне да излегува на виделина“. Таквиот неофицијален политички живот не е само одбранбен отпор туку е „јавно подрачје“ каде што слободните граѓани се упатени во стварните „прашања на земјата“.

Затоа Хана Арент беше во право кога инсистираше, заедно со Токвил, дека она што ни е потребно е политизацијата, придвижувањето на оние кои сега се потчинети, повлечени, или немаат одговорност, спрема нивните сопствени можности, потреби и одговорности. Политизацијата овде не го подразбира ниту растечкото управувачко навлегување во приватните животи на луѓето, ниту должната потчинетост спрема официјалните авторитети, туку, напротив, таа подразбира одговорно и делотворно учествување во самовладата (себевладеењето) кое им се обраќа на стварните проблеми и потреби.

Задачата пред нас, и како граѓани на Република Македонија и како граѓани на светот, е повторно да се воспоставиме себеси: да ги реорганизираме институциите, да го преобликуваме карактерот, да ја предизвикаме борбата на идеи. Тоа можеби не е лесно, но никогаш не треба да стане невозможно, резимира Питкин.

Таму каде што некој ќе направи чекор напред, другите можат да го следат. Таму каде што некој ја зборува вистината, другите тоа можат да го препознаат и да соберат храброст да го направат истото. Единственото место од коешто можеме да почнеме е она на коешто токму се наоѓаме, а постојат илјада начини да се почне, како што вели Хана Арент, „речиси сегде и секогаш“, бидејќи дејствувањето е „единствената активност што нè сочинува“, нашиот заеднички јавен свет.

Извор: Утрински весник, 23.12.2002.

ОкоБоли главаВицФото