Анкета за СК014 (25)

17.12.2013 16:49
Анкета за СК014 (25)

Желимир Жилник, филмски режисер
Небесен народ

Кога деновиве се прошетав низ Скопје интересно ми беше што целата таа трагикомедија на приказната за транзицијата во која живееме, овде во Скопје, со ова редизајнирање на градот, сериозно е доведена до своите крајни консеквенци. И во Србија и во Хрватска, во Романија или Бугарија го има истото, ама овде е реализирано. И Србите велат: „Ние сме небесен народ“, но немаат доволно храброст да направат скулптура на господ и да одлучат кој ќе биде прв до него. И не знаат како да ги поделат рајот и пеколот заради тие огромни фалсификувања на историјата. Хрватите – исто, велат „ние сме најстариот народ на светот“, има теорија дека потекнуваат од Персијците, така што тоа што овде што се случува - не е нешто необично во времево на транзиција.

Но, овде естетиката потсетува на естетиката на забавните паркови и во тоа гледам една политичка досетка на владеачките гарнитури кои не знаат како разумно да ги идентификуваат своите погледи на работите и на иднината и како општеството да го воведат во нормала. Всушност, владеачките гарнитури овде доаѓаат на власт со идеологијата „ние ќе го вратиме достоинството и идентитетот на нашата нација и на нашето племе“, но што заправо се случува? Сите тие гарнитури од екс Југославија, од Словенија, преку Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, сега и Македонија, му нанесуваат на својот сопствен народ стравотна историска срамота, милениумска срамота!

Башка, ужасно економски ги девастираа своите народи. И ако погледнеме што во таа девастација успешно се спроведе во изминатите 30 години, ќе видиме дека успешно се случи нова класна поделба, каде што и во Србија и во Хрватска и во Словенија, имаме тајкуни и богаташи, кои ниту експлоатирале рудници, ниту нешто произведувале, туку го ограбиле својот сопствен народ. Југославија која сега многумина ја плукаат имаше различни периоди, па и такви во кои ние од наши фабрики купувавме домашни автомобили, телевизори или телефони. Тоа сега е комплетно избришано од историјата.

И тоа што се брише денешната стварност, нив ги мотивира да го бришат и минатото. Да кажат – минатото не постои бидејќи нашиот народ не е способен да живее морално и достоинствено. Така што, покрај уништувањето, карактеристичен политички метод со помош на кој се владее е презирот кон идентитетот, креативноста и способноста на сопствените народи.

Се разбира дека минатото се преобликува и тоа според намерите на секоја следна политичка гарнитура и кога тоа минато, во многу погледи, се брише, многумина од нас кои сме живееле во минатото и имаме дела за тоа, сега се прашуваме што е работава, па чекајте, сите вие во тој мрачен комунистички период некако сте преживеале, што значи дека денес сте фалсификатори и лажливци. Но тоа е типично и со личните биографии на некои и мои колеги, а во Србија имате комплетно фалсификување не само на минатото туку и на она што го живееме денес.


Борис Буден, теоретичар
„Куќа на теророт“

Го посетивме овој музеј, не му го запаметив целото име, но Желимир Жилник и јас пежоративно го нарековме „Музеј на комунистичкиот терор“, иако можеби е тоа музеј за настанокот на македонската нација. Од една страна, целата поставка е дури апсурдно симпатична; иако, се разбира, таа е шуплива, приземна, евтина и кичаста, а во својата идеолошка структура таа не е ништо посебно и оригинално.

Додека се шетав низ музејот, се почувствував жално бидејќи се потсетив кога во 2006 година го посетив музејот во Будимпешта кој се викаше „Куќа на теророт“ и детално во едно цело поглавје на една моја книга ја анализирав целата поставка. И овде во Скопје тоа би можело да се направи, детално да се анализира и деконструира таа смешна музејска конструкција. Се работи за слични поставки, иако оваа во Скопје е многу полоша, поевтин и поголем кич од онаа во Будимпешта. Оваа би можела да се нарече варварска верзија на онаа во Будимпешта. Но, во основа структурата и идеологијата се исти, имате тука пост комунистичка идеологија, постисториска, која има преглед над целата историја, а таа историја ја зема како што и’ одговара за да ја конструира својата политичка позиција. Таа позиција е проѕирна и лажлива, но го кажува истото што теоријата веќе долго го знае, а тоа е дека националните идентитети се конструкции. Во овој музеј тоа особено се гледа, бидејќи и самата зграда е фабрикат...

Она што им е заедничко на тие музеи во Скопје и и Будимпешта е културата на времето која е опседната со минатото, со потребата минатото да се креира според слободната волја на некого. Тука историјата е доживеана како слободна креација. Тоа не е само проблем на македонските националистички историчари, тоа е еден длабок проблем со кој всушност се соочува целиот свет, а тоа е фетишизација на минатото и лажен култ кон културното наследство.

Скопје со своите градби најмногу ме потсетува на Лас Вегас, каде историјата се креира како што сакате, поставувате Филипи, Александри, мешате што сакате. Тоа е така и се случува насекаде и во Европа – падната е завесата за подобра иднина, па се прави подобро минато.


Материјалот го подготви Сашка Бубевска

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото