Трансатлантски блеф

18.12.2013 08:08
Трансатлантски блеф

Ветувањата се фантастични. „Околу 400 000 нови работни места“, вети уште во јуни министерот за економија Реслер. Канцеларката смета дека тоа би бил „огромен чекор напред“. Американскиот претседател Барак Обама очекува дополнителни „стотина илјади нови работни места на двете страни од Атлантикот“. „Затоа овој проект е приоритетен за мојата влада“, убедува британскиот премиер Дејвид Камерон, „и ќе ѝ донесе околу 100 милијарди фунти годишно на економијата во Европската унија“.

Изгледа дека европско-американската политичка елита го најде каменот на економската мудрост. „Трансатлантско трговско и инвестициско партнерство“, или наречено TTIP со англиски акроним, би требало да роди чудо, некаков вид супер трговска зона од Пацификот па источно, до Црното море. „Кога сè ќе биде договорено“, најавува европскиот комесар за трговија Карел Де Гухт, „ќе можеме да ги стимулираме нашите економии со 119 милијарди евра годишно, што одговара на дополнителен годишен семеен приход од 500 евра. Станува збор за економска програма за која не се потребни пари од даночните обврзници“.

Ова звучи добро. Но, како економските стратези мислат да го изведат тоа? Трансатлантската трговија е веќе прилично развиена. Речиси и да не постојат царини. Секој ден преку големата бара се тргува со добра и услуги во вредност од 1,8 милијарди долари, што е 30 проценти од светската трговија.

Би можело да биде уште повеќе, тврди трансатлантскиот сојуз на економските лобисти, составен од членови на американската стопанска комора и моќното европско економско здружение „Business Europe“. Тие сметаат дека законодавствата во Европа и САД сè уште не се доволно усогласени и дека има премногу различни прописи. Што и да купуваат компаниите, од автомобили до хартии од вредност, мораат да се стекнат со две или повеќе дозволи. А тоа чини. Покрај тоа, постојат бројни прописи кои ги штитат граѓаните од шпиунирање, измами или се штетни за здравјето. Освен тоа, многу земји од ЕУ ја задржаа можноста учеството на тендерите за проекти кои ги финансира државата да го условат со почитување на колективните договори. Најпосле, државите исто така нудат разни услуги, од образование до здравствена заштита, наместо истите да му ги препуштат на пазарот.

Европската комисија и американската влада имаат намера да ги отстранат сите овие „нецарински бариери“. Само се поставува прашањето како на тој начин ќе создадат нови работни места. Карел Де Гухт се повикува на специјалната студија на меѓународните економисти. Меѓутоа, оваа лектира веќе стигна до јавноста. Нејзините автори очекуваат дека по склучувањето на овој мега договор, во најдобар случај ќе дојде до пораст на БДП на Европската унија за околу 0,5 проценти. Тоа се тие 119 милијарди евра што ги ветува комесарот. Штета што станува збор за период од десет години, што значи дека годишниот пораст на БДП ќе изнесува 0,05 проценти. Смешна бројка, која и статистичарите едвај ја мерат.

Пропагандата за овој проект е обратнопропорционална од неговата корист. Тоа нè наведува кон сомнежот дека во игра се сосема поинакви интереси. Големите приходи ги ветува приватизацијата на услугите кои дотогаш ги даваше државата. Мнозинството граѓани не го сакаат тоа. Но, ако тоа би било обврзувачки според меѓународниот договор, граѓаните веќе нема да бидат прашани за ништо. На истата цел ѝ служи и предвиденото воведување „процедури за решавање спорови“ помеѓу меѓународните компании. Тие веќе не би морале да излегуваат пред регуларни судови. Наместо тоа, доколку странските инвеститори би сметале дека со законите на некои држави им се загрозени приходите, би им било дозволено спорот да го изнесат пред таен трибунал во кој како судии би седеле приватни адвокати. Тоа е совршен рецепт за анулирање на еколошките или социјалните прописи со барања за отштета од неколку милијарди евра.

„Дополнителниот приход од 500 евра“ за семејствата во Европа е PR меур. Всушност, ни се заканува понатамошно развластување на демократски избраните парламенти во корист на транснационалните концерни и нивните армии адвокати. Тоа мора да биде спречено. Парламентарци од сите земји, внимавајте!

Извор: http://www.tagesspiegel.de

ОкоБоли главаВицФото