1022 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 12:59
Јанко Илковски болен од ларингит
Јади Бурек симната од етерот на неопределено време!
Водителот на емисијата Јади Бурек која се емитува на Наша ТВ, Јанко Илковски, денес испрати соопштение до јавноста во кое ја известува својата публика дека емисијата ја става во мирување поради проблеми со здравјето. На препорака од докторите, следниве неколку месеци ќе ги помине на море, поточно на островот Халкидики, заедно со неговиот другар г-дин Драган Павловиќ.
А сега - конечно добри вести!
„Се сеќавате на „змиичката“, онаа трака на дното од телевизискиот екран на која постојано се движеа дневните вести и ви го одземаа вниманието? Е, таа трака во последно време мигрираше како канцерогена клетка. Стануваш наутро, ги отвараш очите, и ете ја:
Убиени 15 во напад во школо... Расте невработеноста во Македонија... Сведмилк пред стечај... Минимум 100 луѓе постојано чекаат за Геријатрија.. Високомлечни крави умираат пред очите на сточарите… Убиство и самоубиство во Охрид... Секој 20-ти Германски тинејџер – неонацист... САД и ЦИА измачувале затвореници... 4.5 милиони луѓе ќе останат без работа во ЕУ... Владата се задолжува поради буџетскиот дефицит... Шокантна политичка злоупотреба на студентите… Платите во стопанството одат надолу… Еден убиен, 27 ранети во Турција... Македонките, шампиони во чистење и готвење... Насилство и повредени на протестот во Скопје... Изгоре покривот на Македонскта опера и балет...
„Уморни сме од лоши вести! Ако сакаме лоши вести, сè што треба е да погледнеме во паричниците, на кои пишува: Предупредување - ќе ве напушти надежта при отворање!
Сакаме добри вести, добога! Ако светот не може да ни ги донесе, сами ќе си ги напишеме!“
Дик Чејни Осуден на 100 години затвор
Блокирани банкарските сметки на семејството
Федерален судија во Вашингтон денес пресудил: Дик Чејни ќе издржува затворска казна „ни ден помалку од еден век и тоа во самица.“ Малку невообичаено за речникот на федерален судија тој му се обратил на Чејни со зборовите, „следнава нараквица која ќе ја носиш ќе биде челичен оков, стоко!“ Судијата исто така наложи семејството во рок од 24 часа да ја напушти семејната куќа и ги предаде клучевите од сите станови, вили и куќи кои ги поседува. Целиот недвижнен имот, заедно со заштедите на име Чејни ќе бидат донирани во хуманитарни цели во рок од 10 дена.
Буџетот во сурплус
Неверојатно откритие во зградата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување
Ангел Максимов, претседателот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, денес изјави дека „економската криза е завршена“. Додека вработените по налог на Владата на Република Македонија инсталирале „самици за тортура“ во подрумот на зградата – во кои ќе бидат сместени вмешаните во аферата „Соросоидно гнездо“ кои минатата година беа обвинети дека ги оштетиле граѓаните на општина Дупени за 5 милиони евра – откриле просторија во која на нивно големо изненадување пронашле златни прачки во вредност од 88 милијарди долари. Според Максимов, „не се знае потеклото на парите, но се претпоставува дека биле сокриени за црни денови.“ Сè уште ги броиме“, ни изјави премиерот Груевски. „Последната информација која ја добив е дека се изброени 40 милијарди американски долари, но сè уште бројат – сигурен сум дека има над 100 милијарди, ако не и повеќе!“
Идентификувани насилниците на градскиот плоштад во Скопје
Казнети со вкупно илјада часови доброволна работа
Портпаролот на македонското МВР денес соопшти дека се идентификувани поттикнувачите и учесниците во насилството на плоштадот. Владеачката ВМРО веднаш ги исклучи од партијата. Истиве беа експресно изнесени пред лицето на правдата во Основниот суд – Скопје 1, каде што по само 15 минути судијата ја донесе пресудата – секој од учесниците ќе мора да изработи 100 часови доброволна работа. Со тоа, Асоцијацијата за Слободна Сексуална Ориентација – МАССО во следниве месец дена на располагање ќе има 500 работни часови од петте насилници. Останатите пет својата казна ќе ја одработат во Институтот за културното Албанско наследство и Институтот Крсте Петков Мисирков. Во своите завршни зборови судијата изјави: „Згрозен сум од искажаната нетрпеливост, дискриминирачки тон и насилство кое го покажавте кон своите сограѓани. Тоа ми кажува дека системот некаде попатно страшно многу погрешил во вашето воспитување, но се надевам дека конечно ќе ја исправиме грешката кон вас. Имате 100 часови да сфатите каде пополезно можете да го пренасочите вишокот енергија кој очевидно бруи во вас, зашто следната казна нема да биде воспитна.“
Новата книга на Ден Браун - потполн неуспех
Издавачката куќа ги затвори вратите
Американската издавачка куќа „Вашингтон Сквер“ денес ги затвори вратите по 45 годишната успешна работа на американскиот пазар. Водејќи се од популарноста на Ден Браун, одлучиле да го инвестираат севкупниот буџет во промоција на најновиот роман, „Бадникови дрвца“, со цел да ги соборат постоечките рекорди за продадени примероци. „За жал, очекуваниот интерес кај публиката не се оствари, продадовме само 10 примероци. Во загуба сме. На крај сме и задолжени. Вложивме илјадници долари во централната промоција на која ги поканивме најголемите естрадни ѕвезди, која за жал беше наполен дебакл“ објасни главниот уредник. Според информациите кои ги добивме од нашите известувачи од Вашингтон, на централната прослава присуствувале само десетина фанови. Но, сепак на крајот, видно расположен и мотивиран уредникот додаде, „Бизнисот е ризик, ние ризикувавме и неуспеавме, но утре е нов де, има нови, млади, квалитетни писатели. Ќе го промениме курсот на делување, па ќе видиме.“
Распишани претседателски избори во Куба
Американскиот Конгрес ќе го укине 46 годишното ембарго кон Куба
На големо изненадување на светските лидери, кубанскиот претседател Фидел Кастро денеска изјави дека се повлекува од функцијата претседател. Истовремено го повика Националниот парламент да го изгласа предложениот амандман на Уставот на Република Куба со кој ќе се дозволи формирање на политички партии, кои се надева ќе ги дадат политичките кандидати за изборите закажани за Мај. Американскиот претседател Барак Обама го поздрави потегот, и го повика американскиот Конгрес да одржи инта седница на која ќе го разгледа прашањето за укинување на ембаргото врз Куба. Според неофицијални извори, Фидел Кастро планира да се пензионира на Флорида и остатокот од животот да го помине во вилата на својот трет братучед која се наоѓа во луксузната населба „South Beach“.
Инспирирано и прилагодено од движењето „Good News“
Ана ова беше прекрасно! Ме
Испратено на 03 април 2009 од dejanАна ова беше прекрасно! Ме изнасмеа и ми ги оттргна мислите од секојдневното црнило!