„Новите!“ 2013: петте најдобри ракописи

18.12.2013 16:49
„Новите!“ 2013: петте најдобри ракописи

Годинава жирито на наградата „Новите!“ како кандидати кои влегуваат во потесниот круг за најдобар дебитантски прозен ракопис ги издвои следниве пет автори: Мане Манушев, Јана Лозаноска, Драган Георгиевски, Коста Бојчески и Љупчо Петрески. Денес објавуваме извадоци од нивните ракописи.

Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 27 декември во 12:00 часот во Клубот ГЕМ.

 

Мане Манушев, Ова не е книга од Јуриј Моков

Решив да напишам книга.

Сета противречност која за мене претставуваше идеалност, многу ретка, го возвишуваше и постепено го внесуваше мојот живот во студенило. Потребата да ја примам претпазливо намерата на луѓето и нивните бесмислени идеи ја чувствував на мошне несвојствен начин. Ни во еден дел од времето не можев да се запознаам со непријателските виори кои постепено ја подготвуваа иднината за одредена дејност. Помалку се чудев на димензиите што ги заземаше моќта, нестрашливата трепеливост во моето тело, цврстината и живоста што постојано насмевнувајќи ѝ се на опипливата ноќ ме водеше наслепо кон богатиот сплет од кристално чист сон. Изгледаше небаре успешно сум совладан, но се чинеше дека длабокиот осветлен прозорец полека ме наведува на обична несоница. Човек како мене кој секогаш е изненаден од магливото, прво есенско утро, често се враќа во оригиналните и прекрасни слики од неговото минато. Единствено тогаш, во есен, тоа минато е прекрасно и весело. Инаку не е.

* * *

Беда на духот. Таа состојба ми создаваше мало нарушување на отмениот изглед, го приближуваше необичниот стар животен лик длабоко во мене и сакаше постепено да го искористи како мамка за напнатост кај моите смирени страни.

И кога ќе започнев да го сожалувам минатото, едновремено се соживував со далечините кои се простираат низ хоризонтите на идните чекори кои треба да ги остварам во останатиот дел од животот кој бара постојано нешто ново. Искористив некакви подредени краишта во ноќното пребледнато небо, на кое ѕвездите се издигаа благо пропаѓајќи во универзумот, за да го заокружам враќањето прошка на некои личности чии потези во моите спомени беа многу навредливи. Преливот на поцрвенетата месечина го гаснеше во мене напливот на слики чија временска трајност не беше ни малку долга, беа недовршени и различни во своите целини, а јас не можев да ги доведам во единствен ред, ми бегаа низ собата како споулавени муви.

Месечевата светлина се креваше повисоко и удираше на нагризените лајсни од прозорецот кои беа непрофесионално заковани. Инаку не ги ковав јас, собата не беше ниту моја за да повикам некој да ги потсреди. Едноставно ме потсетуваа на расипани заби, со својата грдотија и болка спремни за вадење. Во едно од најгрдите натрупани ќошиња ми стоеја книгите кои остануваат вечно трајни, непоразени, и добиваа постојано форма и цврстина, духовна смисла со секоја нова изјава која можеше да се слушне од некој професионален експерт на телевизија или на радио. Размислував да ги подарам на некоја институција, ама се предомислував кога ќе земев некоја од нив во рака и силниот мирис ќе ме освоеше. Ќе ме натераше да кивам неколку пати без престан.

Ме обземаше грижа и борба со времето кога ќе помислев колку многу ги има и дека не можам да ги прочитам сите.

Престанав да се чувствувам заморен. Всушност веќе не постоеше мачителката во темнината која ме принудуваше постојано да заспивам и се будам. Се разбудив кога темнината беше освоена од блескавите точки на небото кои како очи ѕиркаа од длабочината. Безброј пати ја повторував реченица која ми се вртеше во главата. Сигурно е дека утре нема да можам да се сетам на истата и повторно ќе го чекам спојот со прекрасната ноќна излеаност, што значи дека ќе ја побарам искреноста од темното мртвило што ги исполнуваше широчините на градските простори.

Откако знаев за себе уживав во блескотот од ублажената милина во ноќта. Знаев многу работи за вечерните часови, гласовите кои беа последица на нечие придвижување, причина за радост и немир на звукот, движењето на пијаните светулки чија додатна сила ѝ вдахнуваше благ здив на уличната светлина.

Така подолго ги потсетував забрзаните желби дека премногу сум загрижен за нивното остварување, дека ми треба време да го разрушам едноличниот ритам кој ја носеше својата живост низ потонатите мрачни ходници. И така моето размислување го насочив кон долготрајноста на таа бескрајно светла саботна вечер. Повторното освојување на сонот беше безуспешно и веќе се бев потрудил да го одбегнам со цел да продолжам низ расеаното размислување со надеж дека некогаш можеби тоа ќе стане моја професија.


Јана Лозаноска, Дневна соба

Прв роденден. Петти роденден. Петнаесетти роденден. Триесет и петти. Педесетти. Шеесетти.

Крај. Почеток. Средина.

Размислувам движејќи се наоколу, за испреплетеноста на миговите од сопствените животи.

Сопствениот живот!

Толку многу значење, но и баналност истовремено.

Сопственото живеење и поврзаноста со останатите други живеења.

Колку луѓе поминале низ вебот на животот, коишто ни го смениле текот.

Еден збор, една акција сосема непредвидливо ја промениле насоката на еден или повеќе животи.

Се нарекува ли тоа судбина или само закон на веројатноста? Како и да е, ова не го пишува во потсетниците или организерите, според кои денес на големо се живее секојдневието.

Искрено, мразам потсетници и никогаш не ја разбрав нивната цел. Да запишам дека денес треба да се разбудам, да се истуширам, да го испијам утринското кафе, да појдам на работа, да проверам електронска пошта, да одам на состанок, да испратам пратки, да пазарам од продавница, да си легнам навечер.

Да се потсетам за да не заборавам што треба да направам и што не сум направила.

Талкајќи така низ сивите ќелии, одеднаш слушам сигнал кој означува пристигнување на порака.

Звукот доаѓа од трпезариската маса која е поставена веднаш помеѓу балконот и каучот. Се придвижив натаму, за да го земам мобилниот и погледнувам кој е.

Пораката е од Јорг.

Сака само да ме потсети за денешната вечера во нивниот дом, по повод раѓањето на нивните близнаци.

Мислам дека се девојче и машко.

Сопругата Ана му е од Шпанија, а тој е Германец со потекло од Шведска, затоа и името не му е типично германско. Со Ана, иако сме соработувале повеќепати, и сме се среќавале на заеднички седенки кои траеле до доцните или раните часови, никогаш не успеавме да воспоставиме некоја особено длабока комуникација. Јорг ми е близок.

Во повеќе наврати му имам помогнато околу наоѓање клиенти.

Во последно време се сретнуваме честопати. Муабетот ни оди.

Сметам дека ни оди, од проста причина што не постои никаков напор во комуникацијата. Може да зборуваме за сè што ќе ни падне на памет. Кога пак молчиме го нема она непријатно чувство заради тишината, со што таа станува особено пријатна и привлечна.

Му вратив набрзина, дека немам заборавено и дека веќе почнувам да се подготвувам за доаѓање.

Само што излегов од бањата и се маткам низ дневната соба. Треба само да одлучам што да облечам.

Претходно пак го купив неговото омилено црвено вино, знам дека ќе му се израдува. За Ана земав букет свежо цвеќе во разни бои. Стојам пред гардероберот и се чудам што да облечам.

Не само поради пригодата, туку заради тоа што надвор дувка некој свеж ветер. Нивниот апартман е близу до мојот, некои дваесетина минути пеш.

Планирам да попешачам за да ме фати малку воздух, но и да размислам за она што треба следно да го преземам. Набрзина се спремив.

Ги облеков дебелите тегетни панталони со едно подебело сивкасто палто, одозгора ставив мантил, се свиткав со шал и излегов.

Чекорам, а свежиот воздух ме сече, поминувајќи ми преку носот во грлото. Ноќта е свежа, но ведра.

Погледнувам угоре и од распрсканите облаци, ѕирка младата месечина. Наеднаш ме обзема некое чувство на утеха, без некоја посебна причина. На моменти добивам позитивни импулси, кои сосема кратко траат, бидејќи потоа следи толкава апатија од која не знам како да побегнам.

Понекогаш, сериозно кројам планови да скокнам од станот и долу да се распрскам на парчиња. Дури, честопати се замислувам во пад.

Да! Завршување на бесмисленоста на животот!

Но, ако животот е бесмислен, тогаш и смртта ќе да е бесмислена.

Коста Бојчески, Мрежница

Нешто шушка во пушката. Блебетањето на блудниот син


Тром ги отвори очите

Во ничијата темнина што си поигруваше со црвените кругови пред неговите очи, свртени со грбот кон небото, над него, под него, до него, зад него, стоеја група луѓе – налик на оркестар без диригент и без порцелански сервис за ручање. Градоначалникот Грд лакомо се смешкаше и мљацкаше со ноздрите; раткапната од дваесетгодишното БМВ му блескаше врзана врз градите со конец за јајца; на рацете му стрчеа само шест прсти, секој со по два прстена од блескава фолија. Банкарот Батал клечеше и си ги чешаше бутовите од тревата; на главата носеше уши од ракун, усните му ги красеше кармин со боја на страв. Професорот Прост е случај кој случајно не може да се опише; само се знаеше дека е син на некоја вештерка која не знаела кога да престане. Гробарот Грамада гракаше со прекрстени раце и дискретно си ги исправаше труболиките набори на панталоните од црнечка кожа. Цвеќарката Цвил одеше од човек на човек и ги маваше по градите со една Тора.

Тром ги затвори очите

Градоначалникот: Мислам дека за ова ви зборував, колеги, иако не можам да бидам сигурен.

Распонот на крилјата на молецот што го предаде, поделен со два, ги даде точно овие
координати... Не можеме, не можеме...

Професорот: Не мислите ли дека малку претеруваме, Ваша препреденост? Мислам, сепак,
овој човек не е повеќе од парче дрвена ламперија која сакате да ја запалите во ноќите кога
воопшто не Ви е студено. А сега, Вие, овде, ми...

Цвеќарката: На! На! На! На! Едно за кумот и едно за магарето и...

Градоначалникот: Сосема сум сигурен во своето двоумење, фала многу!

Цвеќарката: На!...

Банкарот: Ако му го пресметаме притисокот на телото, плус неизбежната должина, заедно со
дупката што ја направил спиејќи во земјата... Се разбира, додадениот данок се додава без
двоумење... Мислам дека ќе можеме да се искупиме за возот што, по вторпат, еве, утрово
не дојде.

Градоначалникот: Не можеме, не можеме само така... Има редови и прописи и печати и
дописи. Кога би можеле, без да знае, само да го пренесеме некако во неговиот кревет.
Тогаш би...

Професорот: Глупости! Нели Ви зборував за истово кога пред некој ден го чекавме авионот
со грепки да се сруши во вашиот двор.

Градоначалникот: Вистина, така е.

Цвеќарката: На ти! На ти, прекалено прле, на!

Тром ги отвори очите

Гробарот Грамада си ги беше оставил на мира панталоните и веќе не ја следеше трагата на очајното гракање. Сега внимателно околу главата, со самолеплива лента, врзуваше еден мобилен телефон – нов модел, со екранот на допир право под издатокот на неговото гломазно лево уво. Цвеќарката Цвил се измори и се расчекори. Банкарот Батал го беше извадил својот абакус со бисери. Професорот Прост си ги кршеше прстите од препоните. Само Градоначалникот Грд, со прстот врз дупчето на брадата, гледаше во слабините на Тром и си ги оближуваше очните капаци. Нешто закрцка во грмушестиот бозел недалеку од нив, па Професорот назачки отиде и се фрли од карпата што никој не ја забележа. Се договорија местото да го викаат Место Како И Сите Други.

Тром ги затвори очите

Градоначалникот: Значи, ако имаме кворум, да установиме дека најдобро ќе биде да го
слечеме и да го влечеме назад кон градот мускул по мускул.

Банкарот: Не! Тоа никако! Ве молам, ништо на рати. Мислам дека се договоривме. За доброто
на пожарникарите од целиот свет, најдобро да постапиме како што се договоривме. Ајде,
се договоривме да не се договараме за ништо друго освен за договореното! Ви се молам...

Цвеќарката: Оооооооох...

Драган Георгиевски, Метаморфузија


ЛЕТААТ КНИГИ

Клошаровски живееше некаде во центарот на градот. Живееше сам, повлечен, пишуваше книги. После доручекот се навали на каучот и почна да пишува нова книга. Ја заврши книгата за четири часа, ја остави на масата и седна да смисли наслов за книгата. Имаше неколку идеи кои би одговарале како наслов за книгата, но не му се допаднаа. Мислеше и понатаму. Немаше идеја за наслов.

„Проклетство! Проклетство!“, ја зема книгата и ја фрли низ прозор.

Книгата одлета до соседната зграда и низ отворениот прозор влезе кај една будала која смислуваше приказна за неговиот наслов „Летаат книги“.


ЗНАЕЊЕТО Е СИЛА

Во дискотека ми се понаша еден тип.

„Дечко, тргни се на страна, пошо ако ти ја бапнам една, главата до Рим ќе ти одлета, до Германија“.

„Рим е град во Италија, не во Германија. Инаку, Германија покрива површина од 357.021 км2 и главно има умерена сезонска клима. Со 81.8 милиони жители, таа е најнаселена земја членка во Европската Унија. Таа е една од најголемите политички сили на европскиот континент и технолошки лидер во многу полиња. Градови во Германија се Минхен, Хамбург, Келн, Мајнц...“

Ме фати и ме згази од ќотек.

Знаењето е сила.
Знаењето е моќ.


ОДМАЗДА

Ме нападна тројца момци, ми ги земаа сите пари и ме бутна во езеро. Не викнав полиција, ништо од полиција. Четири години ги барав, се распрашував по луѓе, правев секакви истражувања. Кога најдов кои се и каде живеат, се подготвував три месеци и отидов кај секој посебно на врата, ѕвонев и бегав по скали.

Уште следниот ден се рашири муабет низ град. Од тој ден никој не се заебава со мене. Сите ме почитуваат, ми се плашат, кога поминувам улица ми бакнуваат раце, ми симнуваат капа, ми нудат пржена риба.


ЧЕКАЈ ДА ТИ ПУШТАМ

Татко ми влегува кај мене во соба и почнува.

„Шо бе, Дејвид Боуви слушаш а?“
„Да, ај излези не замарај“.

После некое време се качува на скали и влегува преку прозор.

„Дејвид Боуви а?“
„Излези!“

После главата ја протнува низ клучалка.

„Е, Дејвид Боуви, ја кога...“
„Абе излези, остави ме!“

После влезе низ ѕид.

„Дејвид Боуви имаше...“
„Бегај бе!“

После влезе од покривот.

„Имав еден куп плочи од Дејвид Боуви“.
„Добро, излези“.

После излезе од под кревет.

„Имаше еден хит, сега не може да ми текне али...“
„Излези бе!“

После излезе од кутија цигари.

„Чекај да ти пуштам...“
„Не ми пуштај ништо, излези!“

После излезе од фиока.

„Знаеш ли ти дека мајка му, кога била трудна со него сакала...“
„Не ме интересира, излези“.

После излезе од ѓезве.

„Дејвид Боуви... тоа беа времиња“ и си заигра.

Мора човек, кога-тогаш, да се осамостои во животот.

Вака не оди.


ИНТЕРВЈУ ЗА РАБОТА

Бев повикан на интервју за работа после повеќемесечно дремење и свиркање во празно.

„Добро утро“.

„Здраво“.

„На почетокот само да напоменеме дека нашата фирма е оформена пред три години. Со скромен почеток, со амбициозни и стабилни чекори успешно се пробивме на пазарот. Нашата приказна е успешна, бидејќи наша основна карактеристика е квалитетот на производите и услугата која ја нудиме на потрошувачите. Во иднина ќе продолжиме да чекориме напред и да се развиваме чувствувајќи го импулсот на нашите лојални потрошувачи. Науморно ќе се обидуваме да бидеме прецизни во пресретнувањето на нивните вкусови и потреби. Нашата вистинска цел е да...“

„Пред колку години рековте дека е оформена фирмава?“

„Три“.

„Под кур ми се скри“.

Им покажав кој е главен. Рекоа ќе ми се јават... деновиве.

Љупчо Петрески, 1981 или Сеќавањата се лажни и селективни

Ужасно се измачувам кога имам гости на вечера поради три нешта. Никогаш не можеш да го погодиш вкусот на твоите гости кои по втор пат ти доаѓаат на вечера, а ќе ги видиш четврт пат во животот. Тој е Македонец, подолго време живее во Шведска, неговата сопруга Јапонка. Веќе две години се заедно, живеат боемски живот, патуваат, уживаат во храната и не размислуваат многу за утре. Таа ми се допаѓа поради нејзината отвореност и конструктивност. Мислам дека поголемата грижа околу вечерата е дали таа ќе биде воодушевена. Првиот пат кога беше на вечера уживаше во подготвените пиперки. Дали беше само азиска учтивост или искрено уживање во храната навистина не знам. Сака вегетаријанска и азиска храна, не сака италијанска со исклучок на тирамису, ѝ се допаѓа начинот на кој ги подготвуваме пиперките, сака вкусни сирења, зачинето и прилично луто. Нејзиниот сопруг би изел сè.

Втората причина поради која ме ужаснуваат вечерите се моите мачки. Таа сака мачки, нејзиниот сопруг не. Моите мачки знаат да бидат наметливи, посебно кога има туѓинци во куќата. Мора да се знае кој е газда тука. Можеш да ги сретнеш секаде, дури и во мијалникот каде би подлегнале. Без разлика колку е средено и чисто имам фобија дека оставам впечаток на неуредна личност. Но никогаш да им речам не на моите мачки.

Третата причина е што сè морам сам. Мојот партнер мрази купување, мрази средување по дома, мрази гости, не сака воопшто да готви. Единствено ги сака моите мачки. Мислам дека тоа е една од неколкуте работи што ни се заеднички, заедно со литературата, винтиџ божиќните декорации, портокаловата боја и уште нешто...

Денот успешно го организирав. Најпрво темелно чистење, правење мени и избор на вино, правење список на потребни намирници кои треба да се купат и потврдување на прегледот кај ветеринарот во 15 часот следниот ден. Морав да одам сам во супермаркет, како и за сè останато. Купувањето во супермаркет ми е прилично стресно бидејќи многупати знам да излезам од доменот на списокот за купување па да купам и нешто што воопшто не ни треба, па потоа следат коментари и дискусии како треба повеќе да внимавам со парите и на што ги трошам (единствено вакви замерки нема кога купувам разноразни глупости за мачките).

Прилично сум неодлучен кога треба да бирам помеѓу две или три различни марки. Стоејќи покрај различните марки маскапоне сирења кое ми беше потребно за тирамису, здогледав познато лице. Проблемот ми е што непогрешливо паметам лица. Тоа беше еден маж кој го запознав онлајн. Се договоривме да се видиме, еднаш на пиво, а по успешниот прв состанок вториот пат ме повика на прошетка со неговата кола. Ми се допаѓаше, но сето тоа отиде заедно со мачката што ја згази додека се возевме велејќи само Таков е животот! и продолжи со возењето. Тоа беше последен пат кога се видовме. После неколку пропуштени повици, почувствував потреба да му одговорам на повикот велејќи му дека не сме еден за друг, но доколку сака некогаш да пиеме пиво или разговараме нема да ми претставува никаков проблем да се видиме. Не му кажав дека вистинската причина поради која не сакав да се гледам со него беше неговата докторска ладнокрвност кон изгубениот живот на нечија мачка.

Знам дека ме виде но сакаше да ме игнорира и продолжи со купувањето, а јас брзо посегнав до најблиското пакување на маскапоне сирење. Не ми е јасна огорченоста после кажувањето дека не сте еден за друг. Проблемот на поместувањето на границата меѓу пријателството, сексот и партнерството за некои е лесно, за мене не. Или сме пријатели, или се сексаме или создаваме заедничка врска. Во желудникот почувствував таква напнатост што почнав механички да купувам заборавајќи на забавноста на расипничкото купување. Тој ме игнорира, тој ме игнорира, тој ме мрази, цело време бев опседнат со неговиот гест. При бирањето на последниот производ забележав како од нигде-никаде се најде зад мене и нежно ме допре околу половината на поминување и повторно исчезнувајќи низ рафтовите. Пред заминување го завидов низ рафтовите дека бил со ќерка му. Некако ми олесна. Никогаш не сме биле еден за друг. А вечерата? Вечерата помина одлично, со мали, слатки глупости на нашите галеничиња.

Гифови: Dain Fagerholm

Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“ изнесува 1000 евра и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.

Спонзор на наградата е Комерцијална банка А. Д Скопје.

Досегашни добитници на наградата Новите! се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус, Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон и Дејан Мирчески.

Слични содржини

Книжевност / Уживање / Култура

ОкоБоли главаВицФото