1032 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 12:59
САМОЦЕНЗУРА
Додека го правам изборот на песни
се чувствувам како касап
кој го касапи сопственото тело
пред да го изложи во излогот
за продавање.
ПОБЕДАТА Е СЛАТКА
Забрзано чекорам од плоштадот до кафулето
по пат ставам облаци во џебовите
да имам со што да ја наполнам перницата
за да ја намалам далечината
помеѓу мојот град и твојот сон.
Моите зборови се горчливо остри очи што болат.
Две шеќерчиња во кафето, малку е,
од келнерката бараш трето.
Слатка е победата, дури ѝ кога е лажна.
Со лажичето го мешаш твојот поглед со мојот.
Јасно е
за сите наши гревови платив јас, со мојата коса,
затоа не се осмелуваш да прашаш
што ти требаше да ја скратиш толку кратко.
Во полусон ја туркам перницата долу
заспивам на душек
за да не може никој да ми подметне соништа
кои не се мои.
ДЕН ПОТОА
Очекувањата беа преголеми
комунизмот сѐ уште трае во некои од нас.
Ја одминуваме староста
надевјаќи се дека еден ден и таа ќе не одмине нас
на смртта ѝ се смееме в лице.
Непријатни мириси не толерираме
излегуваме на воздух,
чист дим, слобода на улиците.
Спремни сме да го освоиме светот
барем на една ноќ
авангардно, забораваме на немоќта...
Штиклата е крива
калдрмата нерамна
чекорите сигурни
пивото ладно
и најдобро лизга во друштво на пријатели.
Смеата е гласна,
срцата полни
душата плови
на крајот на денот најважно е со кого се смееш
раскажуваш, планираш, дискутираш...
Ракијата појма немавме каква беше,
но светот беше наш
иднината ветува авантури...
Главата секогаш боли ден по тоа.
БЕЗ ЗДИВ
Сeкоја ноќ пропаѓам во сон
како што пропаѓам во твојата прегратка
се присетувам на твојот хипнотизирачки глас
ми вели - животот е убав Снешка,
само треба да знаеш да го уживаш.
Потоа ми проповедаш хедонизам
додека ме гледаш во очи
се прашуваш се скротува ли ова чудо.
Се скротува - ти велам
само прво треба да го убиеш мазохизмот во мене
со бакнеж
ми ги превртуваш очите
и пропаѓам
се топам
тонам
се губам
губам
љубам...
НА ПАТОТ ДО ТЕБЕ
Влезот мирисаше на запршка, лоша и силна
пред зграда лесен ветер најави дожд
надолу по улицата се прелеваше канализација
и нема потреба да кажам на што мирисаше
на автобуската на бурек
во автобусот на киселина и старост, сабота во јули
крај контејнерите трулеж од лубеници и мачки
големи како рисови, со светкави очи.
Со забрзан чекор стигнувам до тебе
и тогаш сите непријатни мириси на летото
се ништат со твојот
се губам во прегратката
и посакувам
цело летото да мирса на тебе.
НИКОГАШ ПОВЕЌЕ
Во WC-то на коленици,
со главата во школка
го блујам јадот и џганот од животот
и се преколнувам никогаш повеќе.
ПОД НУЛАТА
Нивото е ниско - под нулата
нулата тркалезна како обрач ме стега за грлото.
Тeсно е.
Градот е премал за да се нарече метропола
но го викаме, oти нема кој друг.
Тука е големо само малограѓанството
и предрасудите.
Две корпи облека за перење
на едната налепница - БЕЛИ, на другата – ЦРНИ.
Те фрлаат во купот по боја
без да видат каков си навистина, во суштина.
Многу површно, но тоа е...
пред да трепнеш веќе ти залепиле етикета на челото.
Ни случајно не размислувај многу
фрлај во корпата - Црни
и пушти машина на евтина струја,
можеби ќе ти ја испере совеста.
Тестовите во животот не секогаш се на хартија,
во пишана форма.
На крајот пак сѐ е црно на бело,
никогаш сиво.
Една бубашваба во тоалетот бега испаничено.
Немам сила да ја треснам.
Уморна сум, а и жал ми е.
Ја разбирам,
знам како е да се биде смачкана на подот.
ГЛАДНА ПЕСНА
Убаво ги раширив нозете
за да можеш подобро да го видиш
центарот на светот.
Влези длабоко во него!
Изгасни ги сите огнови!
А ако утре дојде крај на светот
нема да се плашам
да родам нови светови.
БЕСИЛКА
Ќе се обесев на жицата од телефонот
да не беше безжичен
додека те чекав да се јавиш
безнадежно барав збор
на дното на твоите очи
немо одобрување
насмевка
зрак
знак
.
знак
зрак
насмевка
немо одобрување
на дното на твоите очи
безнадежно барав збор
додека те чекав да се јавиш
да не беше безжичен
ќе се обесев на жицата од телефонот.
Слики: Тристан Пигот
Снежана Стојчевска е родена во Скопје 1980 година. Дипломира на Инситутот за Педагогија при Филозофскиот Факултет во Скопје.
Со пишување на поезија започна на својот блог sneznobela.blog.mk. Има настапувано на повеќе поетски читања помеѓу кои „Ноќ без Интерпукции“ на СВП (2011, 2013), поетскиот фестивал „Песнило“ во МКЦ (2011), „Women rights“ (2013), Одбележување на 21 мај Меѓународниот ден на културната разноликост на УНЕСКО (2013), Поетри Слем Прилеп (2013), на мултимедијалниот фестивал УФО во Охрид (2013), Поетска ноќ во Велестово (2013). Се јавува како организатор и учесник на поетските читања „Дружење“ во Галерија 7 (2011), „Wake up poetry reading“ во Ла Кања (2012), „Свирачиња“ во Менада (2013). Во октомври 2012 година го организира и учествува на Креативниот викенд во Лазарополе „Кратки книжевни форми“ на кој учествуваа петнаесеетина млади поети.
„Шеќер по подот“ (2012) е нејзина прва книга во издание на издавачката куќа ИЛИ ИЛИ, дел од едицијата Русалки во која се јавува и како уредник. Застапена е во антологиите „Лирски додекамерон“ СВП (2012), „Антологија на македонската авангардна поезија“ Феникс (2012), „Планета Скопје“ Феникс (2012) и „Скопје позлатено од љубов“ ЈУ Гратска библиотека Браќа Миладиновци (2013). Повеќе пати е објавувана во електронскиот магазин за алтернативни уметности „Чивилук“ и во студенскиот магазин „Ш“, како и на сајтовите diversity.org.mk, zenica.mk, duvlo.mk, makbox.mk и др.