Градот убав пак ќе дише?

19.12.2013 15:37
Градот убав пак ќе дише?

Состојбата со загаденоста на Скопје и останатите градови во Македонија е алармантна. Овој еколошки проблем полека се претвора во прашање на живот или смрт, но за градските власти тој е последна точка на дневниот ред.

Незадоволството кај граѓаните расте, владата најавува апсурдни мерки, дел од медиумите се обидуваат да го ублажат и релативизираат проблемот, а воздухот и понатаму е ужасно загаден.

Не веруваме во експресно и инстантно решавање на овој проблем со некакво магично стапче, но дебатата околу проблемот, утврдувањето на причините за загадувањето и можните решенија ги сметаме за многу важни. Затоа, направивме колаж од петнаесетина текстови поврзани со ова горливо прашање, со надеж дека што поскоро ќе дојде денот кога правото на нормално дишење ќе престане да биде актуелна тема.

 

Колку е загадено Скопје? 

Мерењата на Министерството за животна средина од средата во шест часот наутро покажуваат многу високо ниво на концентрација на ПМ10 кај мерните станици за Центар, Лисиче и Ректорат. Високо ниво има и во Карпош, Кичево и Тетово. Во Центар, Лисиче и Ректорат концентрацијата е над 180 микрограми ПМ10 на метар кубен. Максимално дозволена концентрација на ПМ 10 во воздухот е 50 микрограми на метар кубен

Прашања многу, а одговор нема

Скопје со денови наназад се труе од отровен воздух, а на граѓаните надлежните им нудат спас во неизлегување надвор, како собниот воздух да е увезен од некоја друга планета, а не истиот што е надвор.

Од стопанствениците, пак, се бара да соработуваат со инспекторите за животна средина. И, тоа е во ред, бидејќи индустриските објекти се клучните на кои треба да се внимава кога е во прашање загадувањето, иако во препораките на Трајановски тие се на крајот на листата.

Одговор на многуте прашања за загадувањето нема и тоа е доказ дека градските власти не преземаат ништо за намалување на загадувањето на воздухот. Тоа значи, меѓу другото, дека не само еколошката туку и општествената свест на нашите лидери е на многу ниско ниво, затоа што од загадениот воздух страдаат сите, вклучително и нивните најблиски.

Автомобилите, домаќинствата кои се затоплуваат на фосилни горива и дрва како и градежните работи со децении наназад го загадувале воздухот во Скопје, вели министерот за животна средина и просторно планирање.

А зошто тогаш е најголемо загадувањето во деловите од градот кои се греат на парно и зошто никој не ја споменува Железара?

Каде и да лежи проблемот, власта е таа која треба да го реши! 

Кој или што, всушност го загадува воздухот во Скопје, Тетово, Битола и Кичево? Еден ден е сообраќајот, следниот се домаќинствата кои се греат на фосилни горива, потоа е индустријата, градежништвото; дали е лошото урбанистичко планирање и природните карактеристики на теренот, особено на Скопје, или пак е нешто десетто? Веројатно сите причинители имаат своја улога и придонесуваат за огромните концентрации на цврсти честички кои повеќе од две недели нѐ трујат. Но, во овој период, исто како и минатата година и тие пред неа, ниту Владата, ниту Министерството за животна средина, ниту локалните власти, не настапија со конкретни анализи. Кој загадува, во кој дел од градот, кој загадувач е најприсутен и каде, во кои временски периоди. Прашања има многу, а нема кој да даде одговори.

Владата е таа што треба правилно да ги постави работите. Сите ние очекуваме надлежните прецизно да ги посочат загадувачите. Ниту сега ниту во минатото, иако екстремното загадување се повторува секоја година во истиот период, не сме биле сведоци на дебата меѓу експерти, во која ќе ги слушнеме аргументи и предлози за мерки кои ќе дадат резултати. Веројатно тоа што надлежните само ги нагаѓаат можните загадувачи, како и кој загадувач со колкав процент учествува во целосната слика, им е најголемата пречка и да изнајдат соодветни мерки за да ги заштитат граѓаните од загадениот воздух. Заради тоа веројатно и нема казни за виновниците, а животот во вакво загадување е директна закана по здравјето на луѓето. Несериозна би била секоја поинаква одлука, ако не се најдат, посочат и казнат загадувачите, ова ќе се повторува до недоглед.

Ако можеше Мексико Сити, може и Скопје

Има надеж и за Скопје, кога веќе еден град кој е 20 пати поголем од Скопје со добро испланирани мерки успеа да им овозможи на своите жители слободно дишење. Мексико Сити, најнаселениот град на светот со над 3,5 милиони возила на улиците во кој од екстремна загаденост на воздухот во деведесеттите години умираа и птиците во лет, сега е почист од Скопје.

Според мерењата на квалитетот на воздухот во 20-милионскиот Мексико Сити, вчера немаше ниту една црвена точка, а најголемото загадување достигнуваше околу 70 милиграми прашина ПМ-10 и тоа во деловите во кои има најголема концентрација на индустрија. Во Скопје, пак, како и неколку денови наназад, со црвено како екстремно загаден е означен воздухот во Центар и Лисиче. Уште полошо е во Тетово, каде што 13 дена по ред загаденоста не се спушта од највисокото ниво.

Како Мексиканците успеваат да го исчистат главниот град во кој пред 20 години ситуацијата беше полоша отколку сега во Скопје? Прво започнуваат со детално мерење на квалитетот на воздухот. Потоа, одлучуваат во градот слободно, без ограничувања, да можат да се движат само возила произведени по 2005 година. Другите се исклучуваат од сообраќајот ако загадувањето се зголемува. Сите произведувачи на автомобили во Мексико што користат дизел вградуваат катализатори што ги прочистуваат издувните гасови. Еднаш неделно веќе 20 години еден ден во неделата се прогласува за ден без автомобили, а граѓаните во најголем дел го користат јавниот превоз.

Дел од фабриките што имале големи емисии на штетни гасови се затворени, а дел се присилени да се преселат подалеку од урбаните средини. Со овие мерки, загадувањето во Мексико Сити по дваесет години генерално е намалено за 90%, а емисиите на прашина ПМ-10 за 70%.

Михаил Токарев: Скопје се гуши од густината на градбите 

Основната причина може да ја најдеме во неурамнотеженото просторно планирање на земјава, каде што голем број жители доаѓаат да живеат во главниот град, а имаме и т.н дневна миграција. Сега се наоѓаме во состојба каде да го бараме излезот. Сметам дека е веќе доволно искористен капацитетот на животниот простор во Скопје, што за жал како поим кај нас не егзистира, бидејќи со носењето на новиот Генерален урбанистички план се донесе и еколошката одржливост на тој план, но таму немаше таква студија за пресметување на капацитетот на животниот простор. Во Скопје тој капацитет е веќе на границата на својата одржливост и доколку не се почитуваат тие т.н интегрирани еколошки дозволи и ако се оддложи примената на новите закони и нормативи за заштита од загадување на воздухот и водите, Скопје ќе се најде во една многу тешка состојба.

Може слободно да заклучиме дека главниот град не треба повеќе да се урбанизира, туку Скопје треба да се дезурбанизира. Тоа значи дека треба да се стимулира просторниот развој во земјата, односно да се создадат поволни услови за живеење, стопанисување во периферните области.

Краткорочните мерки не се решение

Екологистите бараат да се утврдат вистински мерки кои ќе помогнат да се намали загадувањето на воздухот во Скопје, нагласувајќи дека со краткорочните мерки само се намалуваат последиците од загадувањето. Многу е потешко да се работи на долгорочни решенија кои системски ќе ги решат работите, а не се лесно забележливи и не можат да се искористат на краток рок.

СДСМ: мерките на власта се бесмислени

Имајќи предвид дека најзагадени се Скопје, Тетово, Кичево и Битола, каде што најголемото загадување се прави после полноќ, јасно е дека причина за загаденоста се и индустриските капацитети кои се најактивни навечер, бидејќи тогаш цената на струјата која ја користат е најевтина.

Доколку е потребно, Владата треба да издвои средства за финансиска поткрепа на ваквата ад-хок мерка. Истовремено, со откажување од изградбата на панорамското тркало, фонтаната, барокните фасади, сите овие средства веднаш да бидат пренасочени за помош за покривање на дел од трошоците на индустриските капацитети за инсталирање на филтри,.

Ивор Мицковски: Скопје во маглите на владината пропаганда 

Сега, сведоци сме на истата приказна како во Кина, каде властите пред растечката јавна свест и критика, го лажеа народот дека загадувањето или смогот всушност биле и корисни.

Смогот ги обединува Кинезите, ги прави поеднакви, ги прави посвесни за цената на економскиот развој, ги прави подуховити и им помага да си ги прошират знаењата, особено за метеорологијата. Весникот „Глобал тајмс“, на пример, кој го издава Комунистичката партија, напишал дека смогот би бил многу корисен за одбрана на земјата ако е нападната, бидејќи напаѓачите од воздух ништо не би можеле да видат?!

Кај нас режимот и нејзините медиуми сѐ уште не стигнале до тоа ниво, но затоа мора да читаме од еден „Курир“ или од „Нетпрес“ како нашето загадување не било страшно, оти еден Брисел, Париз, Барселона, биле дури и позагадени?! Или пак, приказната како мерката за увоз на половни автомобили стари и до 17 години, всушност, нѐ спасила од поголемо загадување?!

Ако дозволените граници се движат помеѓу 30 и 50 микрограми, просечната загаденост во зима, во Скопје, повеќе или помалку, изнесува помеѓу 130 и 180 микрограми на кубен метар. Во превод, ризикот од рак на бели дробови е повеќе од 300 проценти поголем во Скопје, од сите оние европски градови каде вредностите на ПМ 10 и ПМ 2.5 честичките се во дозволените граници. Само за да знаат спинерите на режимот, европскиот просек не надминува 30 микрограми на кубен метар.

Арслан Новинарски: Дишење само во happy hour?

„Во тек се преговори со повеќе скопски загадувачи кои за сега нема да ги именуваме, за воведување happy hour за дишење, кога тие треба да престанат со работа околу 60 минути во денот. Имињата на загадувачите ќе ги објавиме откако ќе биде познат исходот од преговорите“, велат од Министерството за животна средина.

Во капитализмот тешко се дише?

Заштитата на животната средина е трошок за секое претпријатие, исто како и платата на работниците. Колку помалку се платени работниците и колку помалку се вложува во еколошки стандарди и „чиста“ технологија, толку е помал губитокот на пари на претпријатието.

Ако некој конкретен капиталист одлучи, свесен за еколошките проблеми, да потроши повеќе пари на заштита на околината, со тоа ќе му даде предност на неговиот конкурент кој не троши средства за еколошки стандарди, така што тој конкурент на пазарот ќе понуди поевтин производ, и со тоа ќе го исфрли „совесниот“ капиталист од трката. Знаејќи дека еколошко производство резултира со поскапи производи, а тоа пак, со губиток на пазарот, капиталистот ќе одлучи да продолжи да произведува евтино и да ја загадува околината.

Јани Макрадули: Скопје е загадено поради недостиг на зеленило 

Просечната зелена површина на метар квадратен во Скопје изнесува 4,9 метри квадратни по жител, а светските стандарди кажуваат за 25 квадратни метри по жител. Само во изминатите две години власта на сила, со полиција, исече и уште пет паркови на 500 метри оддалеченост од ова собрание. Притоа не бираше средства и методи како тоа да го направи. Денес, за жал, Скопје изгледа вака. Денес Скопје е најзагаден град, со многу причини, а една од причините е недостатокот на дрва. Бидејќи тие се најдобри апсорбери, или се борат против јаглеродниот диоксид, којшто го има во воздухот.

Д-р Бисерка Ќаева: Сѐ е ОК, има дури и празни кревети! 

Состојбата на нашата клиника е нормална, вообичаена, дури можам да кажам дека од вчера и се смирува, имаме и празни кревети на женското одделение, вели Бисерка Ќаева, директорка на скопската Клиника за пулмологија и алергологија, која тврди дека состојбата е нормална, вообичаена и дека зголемениот број пациенти во однос на другите периоди од годината не треба да се поврзува со аерозагадувањето во Скопје.

И чистиот Охрид дојде на ред

Забрзаната урбанизација, несоодветните еколошки студии и зголемениот број на возила се главни причини за промена на микро-климата во одредени региони. Исклучок не е ниту Охрид, каде некогаш воздухот во зима беше совршено чист. Но интензивната градба на високи станбени објекти го прекина природното струење на воздухот, па така мирисот на чад во зима, од година во година е сѐ посилен.

Марш со гас маски против загадувањето

На 21 декември (сабота) со почеток во 12 часот на плоштадот Македонија во Скопје ќе се одржи МАРШ СО ГАС МАСКИ против загадувањето.

Придружете се!

К-15: Природата ни враќа, броени се деновите!