Генот го одредува времето на смртта

20.12.2013 09:01
Генот го одредува времето на смртта

Дали сте природен ранобудник? Личност која следејќи го својот биоритам рано оди на спиење и рано станува? Ако сте, на својот профил можете да му додадете уште еден податок: Сè поголема е веројатноста дека ќе умрете околу 11 часот претпладне. Наспроти вас, кај спанкото кој доцна оди на спиење и станува доцна, природната смрт најверојатно ќе настапи во попладневните часови, попрецизно, малку пред 18 часот.

Како некој воопшто дошол до идејата дека навиките во спиењето, вродени или стекнати, би можеле да бидат поврзани со периодот од денот во кој настапува смртта? Никој не формулирал таква хипотеза. Истражувачите од Медицинскиот центар „Бет Израел“ во Бостон случајно дошле до ова помалку бизарно согледување.

Биолошкиот часовник

Денот кој трае 24 часови е врежан и во нашата биологија. Нашите тела поседуваат внатрешни деноноќни часовници со чија помош се приспособуваат низа физиолошки функции и однесувања, на тој начин што се одвиваат во циклуси кои го следат дневниот, дваесет и четиричасовен ритам. На работата на овие часовници можат да влијаат срединските фактори, што и се случува кога ќе ја промениме временската зона или, два пати годишно, кога астрономското време се поместува за еден час. Сепак, судејќи според сè, бројни други аспекти на деноноќниот ритам, како периодот од денот во кој когнитивно сме најбудни, имаат генетска подлога.

Бостонските истражувачи ги интересирало токму тоа: генетската компонента на биоритамот. Излегло дека темелите за студијата им ги поставиле колегите од Универзитетот Раш во Чикаго, пред 15 години.

Прво, секој од учесниците во тогашното истражување, вкупно 537, носел актиграф – апарат кој забележува и снима детални податоци за циклусите спиење-будност. Второ, во времето кога е спроведено истражувањето, субјектите имале по 65 и повеќе години, така што повеќето не биле меѓу живите, кога експертите од Харвард ја започнале својата студија. Освен тоа, сите се сложиле да го донираат мозокот за научноистражувачки цели. Благодарение на тоа, истражувачите располагале со прецизни податоци за времето на смртта. Најпосле, заради тоа што за време на истражувањето поминале низ серија лекарски и психолошки евалуации, за секој од субјектите била направена ДНК анализа.

Располагајќи со сите овие податоци, истражувачите од Харвард можеле да ги споредат матриците спиење-будност на испитаниците со варијациите во нивниот генетски код. Дошле до неочекуван резултат: единствената нуклеинска база (нуклеотид) е одговорна за значајните разлики во поглед на ритамот на спиење и будност.

Генетиката на спиењето-будноста

Во 60 проценти од случаите, соодветната ДНК секвенца содржи нуклеинска база аденозин (А), додека во преостанатите 40 проценти истата секвенца ја гради нуклеотидот гуанин (Г). Сите имаме по два хромозоми (наследуваме по еден од двата родители), 36 проценти од луѓето му припаѓаат на генотипот АА, 16 проценти поседуваат генотип ГГ, додека најбројната група (48 проценти од луѓето) е составена од носители на генотипот АГ.

Освен на чикашкиот примерок, истражувачите направиле ваков распоред и на својот контролен примерок, составен од здрави луѓе на возраст од 65 и повеќе години. Исто така, во двата примероци постоела следната матрица: генотипот АА ги дава ранобудниците; носителите на генотипот ГГ се спанковците; луѓето со генотип АГ спаѓаат некаде помеѓу, но според својот фенотип – однесувањето во поглед на циклусот спиење-будност – се слични со оние од групата АА.

Биоритамот на смртта

Со вкрстување на податоците за генотипот со податоците за времето на смртта на субјектите од оригиналната чикашка студија, харвардските истражувачи дошле до заклучок дека и за смртта постои деноноќен ритам: носителите на генотипите АА и АГ умираат претпладне – пред 11 часот – додека луѓето со генотип ГГ умираат приближно шест часови подоцна.

Иако врската изгледа бизарно, за неа постои плаузибилно објаснување. Ако деноноќните ритми важат за будноста и параметрите како што се крвиот притисок и срцевиот ритам, има логика да не важат само за активноста туку и за нејзиниот крај.

Меѓутоа, како да се објасни постоењето на матрицата во поглед на периодот од денот во кој настапува смртта?

Како што постои период од денот кога организмот паѓа во сон или период од денот кога сме когнитивно најбудни, кога притисокот ни е највисок, а срцето најефикасно, не е неосновано да се претпостави дека постои период од денот со зголемен ризик од акутни медицински состојби како мозочниот или срцевиот удар. Од друга страна, многу лесно може да се покаже дека наодите важат само за постарата популација, што веќе би имало врска со срединскиот, поточно со социеталниот фактор.

Оригиналната чикашка студија е изведена на субјекти кои биле шеесетгодишници и постари. Бостонската контролна група ја сочинувале субјекти со слични демографски карактеристики, главно пензионери. Една од карактеристиките на нивниот начин на живот е дека нивниот ден е помалку структуриран, а нивниот биоритам е под помал притисок да се прилагоди на социеталниот фактор.

Бостонската група утврдила дека носителите на генотипот АА во своите ќелии поседуваат поголема количина од протеинот Period1, заради што нивниот биолошки часовник работи побрзо. Со други зборови, понаклонети се секој ден да стануваат малку порано од претходниот ден. Ако би се однесувале во согласност со својот биоритам, со тек на време би почнале да стануваат среде ноќ, а да одат на спиење во доцните попладневни часови. Тоа би ги направило социјално дисфункционални. Затоа, принудени се секојдневно да го прилагодуваат својот ритам кон општествено прифатливото „рано“. Благодарение на тоа, тие практично стануваат само еден час порано отколку носителите на генотипот ГГ. Меѓутоа, како што луѓето стануваат постари и имаат сè помала потреба да се раководат според општествениот календар, во состојба се да живеат повеќе во согласност со својот природен биоритам. Во моментот кога умираат, разликата помеѓу генотипот АА и генотипот АГ се зголемува за цели шест часа.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото