Раѓање на зборот

20.12.2013 12:30
Раѓање на зборот

РАЃАЊЕ НА ЗБОРОТ

Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Камена шума
изѕемнина.
Глужд на глужд.
Камен врз камен,
од камен и ние обата.
Чади ноќта.
Зборот се двои од темнина.
Модар јаглен му гори во утробата.
О ти што постоиш зашто не постоиш,
небото го лулаш,
земјата ја вртиш.

О ти што постоиш зашто не постоиш,
земјата јачи под камени плочници.
Иде замелушен од своите смрти
зборот што ги крши сите слепоочници.
Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Својот гроб со прокуда го копам.
Отвори ме
проклетио,
ти тврдино камена,
да изгорам во јагленот на зборот,
да се стопам.


КОН ГАЛЕБОТ ШТО КРУЖИ НАД МОЈАТА ГЛАВА

Галебе мој,
не слетувај на моите очи.
На тие брегови откинати ниеден пристан нема.

Зарони во сите длабочини,
надлетај над сите височини
и дај виделина да земам!
Галебе мој, јас очи веќе немам.

Не слетувај на моето срце.
Галебе мој, срцето не е мое:
мини низ сите предели неминати,
кај сите живи, непознати, загинати.
Загледај во сите осамени, сите разделени,
и сите ледено врвои и сите ливади зелени,
и чуј -
додека твоето крило над нив морно се вие -
како немирно во нив моето срце бие.

Не слетувај галебе мој,
врати се пак во јатото.
Јас сум лотка, осудена
на судир со непознатото.


ГЛЕДАЧ ВО ПЕПЕЛТА

Изгасни песно во огнот што го запали сама.
Прска зборот и исчезнува во пепел од кремен.
Гледачу во пепелта, ја препозна ли во неа исконската драма
што доаѓа од дното на овој извор темен.

Песно, те откинав од клунот на птицата во крвта што ми лета,
од црвеното небо на запалените вени,
од тие далноводи на два непомирливи света,
тие изгрејсонца со неодгатнати мети.

Те откинав од гневот на иконите, тие неразбирливи гами,
од громот врз копјето на воинот со камен што е сраснат,
од сонот на тие повисоки што се од сонот што ги мами,
и што се раѓаат пак откако еднаш згаснат.

Сега сме два света, два врага, две завојувани страни,
сегеа сме војна без излез и кама против кама.
Кој е победен? Кој е победник? Кој е изгрев на осмислени рани?
Изгасни песно во огнот што го запали сама.


УБАВИНАТА

На Л. Личеноски

Ме прогони како жена блудна,
ненаситна, похотна, осамена.
Ме грабнува во прегратка пламена
неизбежно и со сила судна.

И ме фрла со дланката лесна
в чудна игра, в чудно компонирање,
изгаснувам во грч и умирање
и се враќам в живот како песна.

Па со поглед што блика и зрачи,
потонувам до дно во модрината
и кликнувам пак на убавината:
Прострелај ме со своите лачи!

Прострелај ме, па сè нека стивне
без расудок, без празно умување,
и блесокот на тоа лудување,
само твојот блесок нека вивне.


МОЛИТВА ЗА ЕДЕН ОБИЧЕН НО УШТЕ НЕПРОНАЈДЕН ЗБОР

Телото мое те моли:
Пронајди збор што личи на обично дрво,
што личи на дланки јагленосани и прародителски голи,
што е како чедност во секое молење прво.
За таков збор телото мое те моли.

Телото мое те моли:
Пронајди збор од кој - штом со крик ќе се рече -
несвесно крвта почнува да боли,
крвта што бара корито да тече.
За таков збор телото мое те моли.

Пронајди таков вистински збор
налик на сите мирни заробеници,
на оној ветар, оној развигор
што ги буди срните во нашите зеници.
Пронајди таков вистински збор.

Пронајди збор на раѓање, на лелекање,
пронајди таков збор. И овој храм
затворен во својата древност и голем од чекање
ќе ти се отвори покорно и сам.
Пронајди збор на раѓање, на лелекање.


ЉУБОВТА НА ОГНОТ

На С.Ј.

Глув варовник паѓа врз нашите лица.
Се прпелка огнот под него како птица.

Се прпелка огнот во кафез од време,
На полноќно сонце зрее црно семе.

Сам од себе огнот оган вечер краде
љубовта на бодеж своја да ја даде.

Греј, полноќно сонце, не запирај, греј.
Еве сам и ранет, иде Прометеј.

Како стрвник стемнет, како земја гладна
го подзеде огнот и изгорен падна.

Песната се стопи како лажно злато.
Подолг е од животот до човека патот.

Само од себе огнот оган вечен краде
љубовта на бодеж своја да ја даде.

Молчи, молчи, молчи во млада боровина.
Оган и горовина. Оган и горовина.


ЦРНО СОНЦЕ


1.

Ни исток имаш црно сонце, ни имаш запад,
ни небо за молитва ни земја за напад

И секој што ќе посака да ти се напие од сјајот
изгнаник е од пеколот и изгнаник од рајот

Тревите се веднат, дрвјето трчат боси
пред твојот цвет што гори и црна пепел носи.

Црно сонце, птицо преправена во sвезда,
кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна.

Црно сонце, црно без исток и без запад,
црно сонце за жедни на брегот што стапат.

2.

Од која незнајна земја, како долета тука
о црно сонце, птицо во живо дрво што клука.

Кој маѓесник те прати, со каква тајна сила
sуницо над триста Волги и преку триста Нила.

Каков е тој небесен пос, таа шарена лента
од сите темни галаксии па до нас - два континента.

Зар да те истрадам сега пред да знам како се страда,
пред да те видам како вселенска барикада.

О црно сонце, песно, о кој ли тоа те става
на плеќи да те носам место својта глава.

3.

Каде ли ме водиш сега, која ли пештера глува
се што ќе биде наше ќе знае да го чува.

Sвездите гледаат во нас, а sвездите се слепи.
Ние сме само на светот како две сраснати крепи.

Кој тоа над нас стои, кој тоа над нас sида
за да ни закопа живи во мртва пирамида.

О песно, земјо, жено, о живот и смрт ведно
се што ми носиш денес сам ќе го испијам жедно.

Ни исток имаш црно сонце, ни имаш запад.
Попусто те молам со молитва за напад.


ОБЛАК

Патник што нема ни пат ни це
и со ветровите спие.
Од жед му напукнал образот бел,
оган во очите крие.

Туѓ на секаков земен лик,
туѓ и на страстите свои.
Сам, како некој нестварен лик
меѓу луѓето и облаците стои.

ВО ТИШИНАТА

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина -
тишината сама ќе го рече.

 

Подолу може да проследите аудио снимки од изведби на песни од Ацо Шопов.

Лузна (чита: Софија Гогова Врчаковска)

 

Небиднина (чита: Софија Гогова Врчаковска)

Во тишина (чита: Зорица Георгиевска)

Гледач во пепелта (Чита: Славко Нинов)

Долго доаѓање на огнот (Чита: Софија Гогова Врчаковска)

Грозомор (Чита: Зорица Георгиевска)

 
На Окно може да ја чуете и ретката снимка од Ацо Шопов кој ја чита сопствената песна „Очи“.


Ацо Шопов e еден од основоположниците на модерната македонска литература. Неговата прва збирка Песни (1944 година) e прва книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија ДПМ и негов член од основањето во 1947 год., прв претседател на Советот на фестивалот Струшки вечери на поезијата и претседател на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија. Член на Македонска академија на науките и уметнстите (МАНУ) од нејзиното основање (1967). Член на Македонскиот [[ПЕН центар]]. Долгогодишен директор на издавачката куќа Македонска книга, Ацо Шопов бил главен уредник на повеќе списанија меѓу кои и сатиричниот весник Остен. Амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971 - 1975), Ацо Шопов ја завршува својата кариера како претседател на Републичката комисија за културни врски со странство.

Роден во Штип, на 20 декември 1923 година, Ацо Шопов го помина детството во родниот град, со браќата Димитар (1920-1972) и Борислав (1927-1996), татко му Ѓорѓи Зафиров-Шопов (1893-1944) и мајка му Костадинка Русева (1897-1942), на која ѝ ги должи љубовта кон поезијата и творечката дарба.

Уште како гимназијалец, во 1940 година, Ацо Шопов влегува во СКОЈ, а две години подоцна, се вклучува во анти-фашистичката борба, во редовите на Третата македонска ударна бригада. Член на истата бригада е и неговата љубена, Вера Јоциќ, која загинува на 22 мај 1944 и на која Шопов и ја посветува прочуената песна „Очи”.

По војната, Ацо Шопов матурира во родниот град и заминува за Скопје, кадешто ќе ги заврши студиите на Филозофскиот факултет, отсек чиста филозофија. Уредник во литературните списанија и весници Нов ден, Млад борец, Иднина, Хоризонт, Современост, Шопов ќе работи и како главен уредник на сатиричниот неделник Остен, што ќе го поттикне да објави серија сатирични песни, подоцна групирани во збирката Јус-универзум (1968).

Избран, на 18 август 1967 година, меѓу првите членови на Македонската академија на науките и уметностите, а една година подоцна и за дописен член на Српската академија, Ацо Шопов е добитник на највисокото југословенско признание АВНОЈ (1970), како и на литературните награди: „Кочо Рацин”, за збирките Слеј се со тишината (1956) и Гледач во пепелта (1970); „11 октомври”, за преводот на Хамлет (1960) и за животно дело (1981); „Змаеви детски игри”, за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај (1967); „Браќа Миладиновци”, за збирката Песна на црната жена (1977).

По долги години посветени на издавачката дејност, претежно како директор и главен уредник на Македонска книга, во 1971 година, Ацо Шопов е именуван за амбасадор на Југославија во Сенегал, земја којашто ќе ја инспирира збирката Песна на црната жена. За време на престојот во Африка, тој ќе преведе и избор од поезијата на сенегалскиот претседател, Леополд Седар Сенгор, член на Француската академија, добитник на „Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата, во 1975 година. Истата година Ацо Шопов е именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, во Скопје. Но три години подоцна, болеста, одамна насетена во песните, ќе го присили да го напушти активниот живот.

Починува во Скопје на 20 април 1982 година.

Песните се преземени од книгата „Лузна“ во издание на Мисла (1981).

Аудио снимките од песните на Ацо Шопов се архивски материјали од емисиите „Ехото на поетот“ (Зорица Георгиевска и Ристо Аврамовски) и „Играј со мене (Зденко Петровски, Билјана Николовска и Софија Гогова Врчаковска) емитувани на Македонско радио.

ОкоБоли главаВицФото