Дедо Мраз ќе им подари пакетчиња само на членовите на ДПМНЕ?

20.12.2013 13:37
Дедо Мраз ќе им подари пакетчиња само на членовите на ДПМНЕ?

Скопје, 20 декември 2013

Премиерот на Република Македонија, господинот Никола Груевски, во интервју за Радио Слободна Лапонија откри дека годинава Дедо Мраз ќе им подари пакетчиња само на членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски соопшти дека ја добил информацијата „од прва рака“, на роуд шоуто за привлекување странски инвестиции во Лапонија.

„Зборував со високи претставници од политичкиот врв во Лапонија и тие го потврдија она што сите го знаат: Дедо Мраз ќе им донесе пакетчиња само на умните, добри и послушни деца. А се знае дека сите такви деца се членови на потесното раководство на владејачката партија, како и видни државни функционери“, изјави Груевски.

Тој додаде дека за содржината на пакетчињата сѐ уште се преговара и не сакаше да открива детали, но љубезно кажа што имало во пакетчето што тој го добил под елката минатата година.

„Имаше секакви играчки и слатки работи, но најмногу ме израдува големиот 300-грамски идентитет спакуван во украсна хартија и барокниот комплет со лего коцки“, раскажува Груевски.

Од извори блиски на Дедо Мраз, екипата на Пара вести дознава дека министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ќе добие две пакетчиња, како најмало и најпослушно од сите деца во ДПМНЕ.

Нашата редакција се обиде да добие одговор од министерот за финансии Зоран Ставревски во врска со шпекулациите дека под елката ќе го очекува големо пакетче со заем, но кога го побаравме на телефон, тој одби да одговори со образложение дека не може, од оправдани причини.

Се очекува најавата на премиерот за распределбата на новогодишните пакетчиња да предизвика вистинска партиска новогодишна треска и навала на зачленување во унијата на малолетни сили на ДПМНЕ.

Од владејачката партија велат дека немаат проблем со тоа, бидејќи располагаат со голема залиха на пристапници и членски книшки.

Слика: Свирачиња