50 години обнова и изградба на Скопје (6)

22.12.2013 11:58
50 години обнова и изградба на Скопје (6)

Кирил Муратовски и Мимоза Томиќ: Музеите на Македонија (1972-76)

Истовремено, со зајакнувањето на архитектонската активност во Скопје, се случуваат позитивни промени и во другите македонски градови, а особено во Охрид. Архитектите од Охрид, со своите настојувања успеваат до извесен степен да внесат трансформирани традиционални елементи во новата архитектура, постигнувајќи препознатлив современ регионален израз.

Од средината на 70-тите години, во Скопје се завршуваат значајни општествени објекти, главно за потребите на културната дејност. Зградата на Музеите на Македонија (1972-1976) во Старата скопска чаршија, Кирил Муратовски (1930-2005) и Мимоза Томиќ (1929-) ја конципираат во вид на павилјонско решение со терасесто поставени кубуси обликувани со јаки еркери. Таквата креативна и храбра интерпретација на традиционалната урбана структура придонесува овој нов објект да биде целосно интегриран во историскиот амбиент.

Спротивно на претходното, Кирил Муратовски во соработка со Мирослав Сидоски (1937-1997) на спротивната страна на Скопје го подигаат големиот волумен на ЗОИЛ Македонија (1977), во чие обликување се вложени големи напори и средства, но без соодветен резултат. Тежината на овој волумен авторите настојуваат да ја намалат со неговото расчленување, а „префинетоста“ да ја зголемат со помош на фасадната облога од травертин. Негативниот впечаток уште повеќе се потенцира со поставувањето на овој објект на несоодветна и тесна локација.

Кирил Муратовски и Мирослав Сидоски: ЗОИЛ Македонија (1977)

Славчо Вренцоски (1937-) во втората половина на 70-тите години се јавува како автор на неколку значајни објекти од општествен карактер. Се чини дека Вренцоски има поголема склоност за успешна употреба на новите архитектонски средства без присуство на историјата, што се гледа кај Управната зграда на Македонија табак (1980), каде што кристално чистите волумени со стаклена обвивка импонираат во создадената динамична композиција.

Зградата на МАНУ (1976) од Борис Чипан (1918-2012) претставува врвно архитектонско остварување, кое ја дели сојузната Борбина награда. Просторно-волуменските односи на објектот и неговата второстепена пластика асоцијативно се поврзуваат со традиционалната народна архитектура, кон што придонесуваат модерните тремови, чардаци и избраздената наклонета кровна површина. Својата богата стручно-научна и педагошка работа Борис Чипан во следниот период ја заокружува со неколку книги од областа на архитектонската теорија и книги поврзани со вредностите на градителското наследство.

Борис Чипан: Зградата на МАНУ (1976).

Стоковната куќа Мост (1977) е поставена на мостовска платформа, која го поврзува градскиот центар на Скопје со Старата чаршија. Авторот Тихомир Арсовски (1929-) настојува со мултиплицирани волумени на традиционалната народна архитектура да се вклопи во историскиот амбиент, но евидентно е дека премногу ѝ се потчинил на традицијата.

Поврзувањето со традиционалните вредности постепено станува значајна компонента на македонската архитектура во последните децении на ХХ век, особено во областа на индивидуалните станбени објекти. Меѓутоа, голем број куќи се создадени без некоја особена инвенција затоа што содржат непромислен имитаторски пристап. Наспроти тоа, подигањето на колективни станбени згради честопати поминува во друга крајност. Борбата за поголема материјална добивка придонесува за максимална експлоатација на градежното земјиште, па така се создаваат високи станбени кули во кои е запоставена хуманата компонента, а честопати и безбедноста на станарите од различни непогоди.

Александар Смилевски (1939-), користејќи го своето искуство од тимското проектирање на станбените кули тип Б (П+М+12) во Градскиот ѕид (1966), десет години подоцна ги подига уште повисоките станбени кули (П+М+16) во населбата Карпош IV (1976). Робусните волумени на овие симетрично решени објекти, тој настојува да ги олесни преку расчленувањето со нагласени вертикални ленти и со наклонети покриви. Во истата населба слична проектантска постапка применуваат Донка Петкова-Костиќ (1941) и Здравко Рафајловски (1951-) при создавањето на станбено-деловниот ансамбл Маврово (1979).

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел

Извор: Порта 3

ОкоБоли главаВицФото