Тролови насекаде – коментарите на интернет

23.12.2013 07:58
Тролови насекаде – коментарите на интернет

Голем дел од коментарите на читателите на онлајн медиумите се исполнети со примитивизам, безобразен воајеризам, омраза, сеирџиство…

Неодамна Хафингтон Пост објави дека нема повеќе да објавува коментари без име и презиме и без потврда на идентитетот преку мејл. Уште повеќе, овој популарен онлајн медиум размислува да направи посебна платформа за дискусии и коментари, „надвор“ од нивниот базичен вебсајт.

Во текстот со наслов The Reason HuffPost Is Ending Anonymous Accounts, извршниот уредник на Хафингтон Пост ја објаснува новата доктрина на медиумот во врска со веб коментарите:

„Уште од почетокот на Хафингтон Пост еден од приоритетите беше да се инвестира во заедницата што се создава околу медиумот. Сакавме да создадеме позитивна средина во која луѓето ќе имаат полезни дебати. Пред да бидат објавени, коментарите беа одобрувани. Поттикнувавме развој на технологија соодветна на потребите на веб просторот за дебати и вработивме 40 високо квалификувани работници за подршка на таа технологија за да се обезбеди цивилизиран амбиент за дискусии.

Но, сега, кога ќе фрлите поглед на коментарите на нашиот веб сајт и на веб страниците на другите медиуми, ќе видите зошто го преземаме овој чекор. Троловите* се насекаде. Тие станаа позлобни, поагресивни и поитри. Како резултат на тоа, местата за коментар и за дебати стануваат темни места на интернет. Хафингтон Пост објавуваше до 9 милиони коментари месечно, но сега речиси една третина од коментарите остануваат необјавени. Тие не ја зсалужуваат „светлината на денот“ зашто нивното ниво на култура е под линијата на пристојното. Нашите модератори губеа премногу време на уредување на таквите коментари и на нивно доведување до степен на објавливост. Но, во таа битка победата беше неизвесна.“

Дури и Popular Science (www.popsci.com), сајт на кој е сосема очекувано да има посетители со повисока медумска и дебатна култура, целосно ги укина коментарите само заради тоа што некој напишал дека „тој што не верува во нанотехнологијата мора да е идиот“.

Катастрофална култура на коментирање

Што да кажеме за ситуацијата во Македонија? Веќе се познати оценките за медумската култура кај нас. Дел од концептот за медиумска култура е и начинот и нивото на дебата во медиумскиот простор наменет за тоа, како и уредувачката политика на медиумите по ова прашање.

Уредниците мора да сфатат дека слободата не е узурпација по секоја цена, туку одговорност. За наши услови ова е многу актуелно и важно прашање и треба да се наметнат критериуми што ќе ја стават оваа неконтролирана појава во разумни и продуктивни рамки.

Голем дел порталите кај нас практикуваат коментарите да ги поврзат со Фејсбук со цел да добијат нетворк ефект кој го нуди социјалната мрежа. Освен тоа, уредниците на тие медиуми како да сметаат дека ако станува збор за Фејсбук коментари, кои „само“ се вметнати на нивниот портал, тоа како да ги амнестира од одговорност и како да може да има било што во нив. Ова е многу важно и е тренд зашто се повеќе портали вака ги работат коментарите преку Фејсбук. (Пулс24, Бриф, МКД…)

Во еден коментар со наслов Early comments on stories affect what later readers believe, and what they say, на едно истражување за навиките на интернет корисниците кога се коментарите во прашање, Џеф Сонедраман за Институтот Поинтер, констатира дека корисниците на интернет сѐ почесто прво „ѕиркаат“ во коментарите, па дури потоа да го читаат текстот. Тоа крие една сериозна опасност оние што практикуваат такво читање на изворниот текст да му пристапат веќе инфицирани – без разлика дали инфекцијата е позитивна или негативна.

Затоа коментарите, сакале уредниците или не, стануваат дел од новинарскиот текст. Ова може да звучи чудно, па дури и неприфатливо, но тоа е новата реалност која произлегува од карактеристиките на онлајн медиумите.

Прашање е дали да се укинат коментарите или не, или, пак, може да разговараме за тоа какви коментари сакаме, или како да се модерира…

Цел на модерирањето на коментарите на интернет

Техничките платформи и уредувачките политики за дискусии и коментари на интернет треба да бидат инклузивни и безбедни за да обезбедат амбиент за жива, забавна, продуктивна и над сѐ, фер и интелигентна дискусија и коментари.

За да се постигне тоа потребни се стандарди. Тие стандради ги определува медиумот и одговорноста за спроведување на тие стандарди му припаѓа на медиумот

Секоја дебата и расправа е добредојдена, но тие треба да бидат ослободени од напади ad personem, на личен план, од тролови и од бесмислени злоупотреби на слободниот простор и слободата на изразувањето. Продуктивниот концепт треба да отсликува пријателска средина за интелигентна дискусија и коментари.

Со оглед на тоа што новинарството е јавна професија, прифатливо е новинарските текстови да бидат подложни на критика или да бидат придружени со мислења на читателите, но медиумите треба да ја заштитат својата работа од погрешни толкувања и накалемени коментари, кои на новинарскиот текст можат да му дадат сосема поинаква конотација. Но, за да има конструктивна дебата и разумна причина зошто постојат коментарите, уредништвото на интернет медиумите треба да ја прави разликата меѓу фокусирана и аргументирана дебата со онаа во која се употребуваат тактики и отворени напади за омаловажување на оние со спротивни ставови.

Уредниците на онлајн медиумите треба да покажат разбирање за силните чувства што некои луѓе ги изразуваат во врска со одредени теми што се дебатираат на интернет, но треба да биде јасно соопштено дека нема да биде дозволена содржина која што е навредлива и заканувачка. Уредувачката политика во однос на коментарите и дебатите на интернет треба да бидат средина во која е видливо почитувањето на поинаквото мислење и верување, како и да се има предвид влијанието што може да го има изнесувањето на мислењето.

Медиумите треба да имаат целосен увид и апдејт во дискусиите за да можат да ги враќаат во шините на очекуваната фер, конструктивна, разумна и ненавредувачка атмосфера оние учесници во онлајн дебатата кои „потпалуваат“, генерализираат или вршат напади врз личноста на останатите. Уредниците на отворените форуми за дискусија или за коменатри нема да ги запрат или одвратат ентузијастите, односно дискусиите полни со жар, но нема да дозволат бесмислени поделби и закани или да се излеваат отрови.

Во основата на професионалните и етички стандарди кои ја определуваат рамката за коментари и дискусија на еден интернет медиум, се елементарните принципи и на кодексите на професионалното новинарство. Медиумот што ги утврдува стандардите нема да дозволи расизам, етноцентризам, сексистички ставови, хомофобија и други форми што генерираат говор на омраза. Не смее да се толерира дури и таков тип на коментари што можат да се интерпретираат како говор на омраза.

Секогаш треба да се препознава линијата која изнесува одредено критичко мислење за одредена влада или владеачка политика, одредена организација или заедница, со нападите заради етнички или расни разлики, заради политичките разлики, заради припадноста кон одредена религија, заради сексуалната ориентација, кон луѓето со посебни потреби, или заради разликите во возраста

Платформата за коментари му припаѓа на медиумот, но дебатата им припаѓа на сите

Уредниците на онлајн медиумите имаат основа да внимаваат и на правните последици од содржините што корисниците на нивните сајтови ги ставаат на местата за коментирање. Во таа насока треба да се спречи изнесувањето на клевети и неоснованото и тенденциозно нарушување на угледот на други личности. Треба да се биде внимателен и во однос на постирањето материјали (фотографии и други документи) што ги нарушуваат авторските права.

Исто така, соодветно внимание треба да се посвети и на обесхрабрувањето и оневозможувањето на комерцијални упади и спамови. Целта на просторот за коментари или дискусија е да се комуницираат содржините што ги објавува медиумот или мислењата на читателите. Уредниците на веб коментарите треба да ги препознаваат комерцијалните постови и линкови, што ги ставаат индивиидуалци кои го кријат нивниот корпоративен идентитет. Истото се однесува и на узурпатори на веб просторот кои вметнуваат пропаганда од било кој тип.

Коментарите треба да одат во прилог на релевантноста на дискусијата со темата што ја потикнала новинарската содржина. Сѐ што е надвор од темата треба да биде отстрането. Истото се однесува и на коменатри што се однесуваат на уредувачката политика на модерирањето. Тоа не се коментари релевантни на темата што ја поттикнала одредена новинарска сторија.

Треба да се најде начин на читателите да им се укаже дека, доколку не се јасни и прецизни во нивните коментари, тие можат да бидат погрешно разбрани и интерпретирани. Тоа може да ја „застрани“ дебатата. Освен тоа, не се сите вешти во употребата на зборовите за да се изрази сарказам, хумор или емоција. Тонот на коментарите треба да биде разумен и во неразумни околности.

Платформата за коментари и диксуија на еден вебсајт му припаѓа на медиумот, но дебатата им припаѓа на сите. Медиумите треба јасно да покажат дека тој простор е добредојден за интелигентна дискусија, за инспирирачка и соодветна конверзација. Бидејќи дебатата им припаѓа на сите, тогаш сите треба да бидат одговорни и да информираат секогаш кога некој не ги почитува правилата на заедницата. Само така просторите за коментари ќе бидат конструктивна средина, а дебатата ќе биде придобивка за сите.

Накусо, еве некои сугестии кои медиумите можат да им ги сугерираат на нивните читатели, се разбира доколку им се гледаат прифатливи и доколку ги сообразат на спецификите на нивната уредувачка политика и навики на корисниците на нивните содржини:

-Нема да има никаков проблем за учество во дебата доколку се однесувате зрело и одговорно кон сите останати кои земаат учество во дискусиите;
-Избегнувајте да биде непријатни. Покажете и споделувајте ги интелигенцијата и хуморот, разумноста и мудроста што ги поседувате;
-Преземете одговорност да придонесете за квалитетот на дискусијата.

На оние корисници на содржините на порталите кои учествуваат во дебатите со континуирано нарушување на утврдените стандарди, правила и услови под кои се коментира, медиумот треба да им ги одземе привилегиите.

Медиумот тоа ќе го демонстрира во име на афирмација на вредностите што стојат на страната на отворениот концепт за дебата, слободно изразување на мислењето во средина во која секој има еднакво право на учество.

Но, и на одговорност, на патот кон слободата.

*Тролови, тролање (troll, trolling) - Во интернет терминологијата, трол означува личност чија основна цел е со своите прилози да предизвика што поголема реакција на учесниците во интернет заедницата или на друг начин да се поремети нормалната дискусија. Троловите најчесто не се тематски заинтересирани, туку настапуваат агресивно во обид за создадат раздор во постојната заедница, дискредитирање на поединци со поинакво размислување или насочување на дискусијата во непродуктивен правец.Троловите најчесто се движат во интернет форумите, мејлинг листите, блоговите и низ другите форми на интернет комуникација. Одредени тролови се користат со префинети дијалектички и реторички методи и на тој начин се камуфлираат и подолго време не можат да бидат откриени.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).