Омаж за 24 декември

23.12.2013 10:33
Омаж за 24 декември

Како еден од фетишистите на отпорот, сакам на годишнината од 24 декември, па и на самиот крај на оваа 2013 година, да им се посветам на сите оние кои и понатаму се спротивставуваат на режимот и на системот.

Се мачев мислејќи дека годишнината треба да се одбележи со еден текст каде повторно би се анализирало сето она што ни се случуваше во овие изминати осум години, или, пак, во оваа година на неуспех на отпорот, но нема да го направам тоа. Сите што ме читаат ги знаат моите ставови и мојата жестина во однос на тие прашања, па затоа овој пат сакам да ја пофалам слободата на маргиналците, на отпишаните, на оние малкумина кои не поминуваат ден без да му пркосат на режимот. Но, и да ја објаснам нивната огромна улога и заслуги.

Еве, влегуваме во осмата година на еден од најнерационалните и најнереалните режими во историјата на човештвото. Мал народ, што сиромашен, што уплашен од својот судир со светот, повеќе од добивањето некаков си човек на провидението, си создаде политичка реплика на самиот себеси, тоа суштество го донесе на власт и го откри монструмот во себе. Од нашата слабост се роди неговата сила, од нашата поделеност и заблуди се роди неговата долговечност, од нашата плашливост - неговата заблуда дека е семоќен.

Поминаа осум години кои никој нема да ни ги врати, ни од индивидуален аспект, а уште помалку од аспект на држава или на општество. Толку многу грешки се направија што не знаеме дали воопшто некогаш ќе можат да се исправат. Паднаа и многу жртви, изгубени се неколку генерации, а страда и мака мачи огромното мнозинство од нашиот народ.

Наспроти сето ова, само една мала група луѓе, гласно и јасно се спротивставува и зборува, дејствува, не го прифаќа, прави нешто, нешто спротивно, нешто против режимот. Некогаш е доволно и што тие малкумина се реални, што не го купуваат лудилото на власта, што не влегуваат во соработка со режимот. Тие малкумина се единствените слободни луѓе во оваа држава. Можеби звучи како трагична, но дефинитивно, таквата сатисфакција не е фарсична. Тоа се индивидуи кои не се привикнуваат, не се адаптираат, не се ни резигнираат, не се предаваат, кои мислат со своја глава, кои се слободни индивидуи и кои, на крајот, можеби ќе бидат уништени од сите останати.

Но, не ме сфаќајте погрешно! Јас знам дека таа индивидуална, морална слобода е фалична, нецелосна, дека е еден вид фикција наспроти реалноста на режимот. Но, сепак е слобода наспроти самонаметнатата или наметнатата неслобода. Што значи дека во услови на режим, само таков вид слобода е можен и добро е такви личности да постојат како мали острови на слободата. Во општество каде сите стандарди тонат, таквите луѓе се моралната вертикала, идејниот хоризонт, како еден вид на жироскоп се, ни покажуваат дека наспроти објективното лудило постои освестувачки разум. Повеќе од само морализам, таквите луѓе се носители на вистината.

Некои би прашале - која е користа од тоа што некој ја соопштува вистината, се бори за неа, кога огромниот број на луѓе ја разбираат, но не прави ништо во врска со тоа?! Дали овие слободни луѓе се некоја критична маса што ќе промени нешто? Дали се тие оние кои ќе донесат некаква револуција или промени? За мене лично, сѐ тоa е индиферентно, како што слободниот човек во режим всушност е индиферентен кон оковите кои режимот сака да му ги наметне. Оттука, тој треба да е подеднакво индиферентен за то како ќе се остварат целите кои му се блиски до срцето. Не заборавајте, слободата во режим е пред сѐ индивидуална, и таа не може да ја понесе грижата за колективните промени. Но, слободарот има своја улога и може да даде свој придонес во општествените промени.

Втора работа, иако ни се јасни одредени технологии за рушење на режимот, историјата ни покажала дека револуциите или тивките транзиции од режимите, никогаш не се предвидуваат. Тоа не може да го погоди слободниот интелектуалец, тоа не може да го реализира некоја жакерија или пужадизам, туку тоа може да го оствари само јасно политичко водство, лидерство и организација. Но, додека тоа не се случи, овие слободари се тука за да сведочат, прво, дека секој режим го води човек да го покаже и да се претвори во најлошото од себе. И второ, дека е невозможно да се сруши еден режим сѐ додека ние внатрешно го фаворизираме и го имитираме режимот или, пак, пасивно го восприемаме. Оној што застапува позиција на слободар, колку и да му се обраќа на режимот, тој пред сѐ му се обраќа на граѓанинот, е во потрага по здравата индивудуа во нездравата средина. Што значи, слободарот не може да го ослободи во апсолутна смисла неслободниот, но може да му каже и да му покаже како да биде слободен под режим. Тоа, впрочем е предуслов за освестување на сѐ поголем број граѓани, кои, потоа, би го емулирале веќе сфатеното и би продолжиле по ист терк.

Сега, некои луѓе под режимов се доволно очајни, па мислат дека за промени е доволен бес, дека интелектуалците и слободарите не значат ништо, дека народот може самиот. Или, пак, нудат рецепти на веќе видено, бараат нов човек на провидението, всушност, нов диктатор кој би продолжил по истиот пат. Мојот став е дека ниту бесот е доволен, ниту народот нешто може сам, а ниту парадигмите блиски до режимот се решение.

Слободарите се клучни затоа што се менталната, духовната и здраворазумската критична маса која треба да ги ориентира и граѓаните, но и одредена политика која утре ќе треба да дејствува во насока на конфликт со режимот и за спроведување на суштински промени. Сега, не сакам да звучам како тие малку слободари што ги имаме да треба да се една хомогена маса, при што секој размислува исто или гледа подеднаков излез. Но, барем повеќето слободари не се хетерогени и контрадикторни кога употребуваат термини како револуција и демократија во исто време. Можеби и револуција нема да се случи, но тоа што мора во иднина да се случи е демократија. И тоа, верувам, е нешто што повеќето нѐ обединува. Дали тоа ќе се случи низ некаков си историски континуитет, кој искрено за нашето општество е безначаен или безнадежен, или како прекршување и сосема нов почеток, е сосема ирелевантно. Во случајот на Македонецот, многу е поважно потребата за демократско општество да се прекрши, без континуитет, како свест, сфаќање, разбирање на нова потреба, на конечно освојување на долгоочекуваната, наместо лажната слобода. Односно ментално, слободата да се поистовети со реална надеж за еднаквост и правичност, подобар живот, материјален напредок.

Но, постои една опасност кај слободарот и кај интелектуалецот кој предолго е во сенката на режимот и е отстранет од државата и од нејзините институции. Слободарот треба да се труди да влијае врз политиката, некогаш да биде и нејзин портпарол, но никако да стане политика или политичар. Без реална слобода, интелектуалецот лета кон апстрактните слободи, без колективни искуства и без експериментирање со вистинска активност и со вистински крајности, тој може да подлегне на илузијата дека има политичка мудрост или штоф за политика. Најчесто, така се греши, и најчестата грешка на народот е тоа што откако ќе расчисти со корумпираните политичари, им дава доверба на политичарите поети. Вистинскиот интелектуалец секогаш треба да се бори да биде коректор на политичарите, но никако да падне во заблуда дека и самиот треба да биде политичар. Конечно, неговиот домен е промислувањето, идеологијата, демократската пропаганда, граѓанската свест и активизам, и колку и во тој интелектуален или невладин свет да постојат интереси и тесни олигархии кои се во контрадикција со принципите за кои се залагаат, тие сепак се неминовни за самото нивно функционирање и се функционални во борбата за демократија.

Можеби не сфаќаме, но нашето граѓанско општество е илјадници пати послабо од државата водена од режимот. Ако се остане и понатаму на мала група индивидуи, тоа никогаш нема да може да влијае врз политиката или да испровоцира некакви промени. Денес, трагично е, но е подеднакво точно дека и политиката, онаа опозициската, е станата илјадници пати послаба од самата политика на режимот или државата. Тоа значи дека сме двојно оштетени. Ниту имаме доволен интелектуален капацитет, ниту имаме доволно политичко лидерство, знаење и страст за да испровоцираме промени. Два од трите предуслови - интелектуално граѓанство и политика на конфликт - и по осум години режим, ни недостасуваат и треба забрзано да се надоградуваат.

И затоа мене ме плаши да не се измешаат некои улоги. Затоа ме плаши некој да не повика или да создаде заблуда за ослободување од долу. Немаме капацитет сега, во овој момент, за такво нешто. Можеби немаме моќ ниту да го испровоцираме, но и да се случи тоа, уште пострашно е што немаме капацитет да го исконтролираме. Неизбежно е дека тој вакуум некој ќе го пополни во идно време, пред сѐ политички, но интелектуалата и слободоумните луѓе треба да бидат подготвени да учествуваат во тоа и да бидат морални контролори, интелектуални засилувачи.

Последно нешто што ни треба е некој бунт од долу кој ќе биде само рефлексија на бес и на одмазда. Кој може да замисли што има во еден општ хаос на гневниот Македонец и неговото потиснато Јас, какви монструозни форми и реакции можат да се јават. Последно нешто што ни треба е некој си револтиран пост-Македонец, роден од пепелта на уништената политика или од самоуништената политика и култура, кој ќе ја бара својата слобода преку препуштање или ослободување на своите најниски страсти. Јас не знам дали тоа неписмено, изгубено суштество, препуштено на своите инстинкти, ќе направи повеќе штета затоа што е уплашено од незнање како понатаму или повеќе нема ниту да знае, а ниту да го интересира што е страв и што е знаење. Таквиот бесен народ може да најде само господари какви што заслужува, кои ќе ги искористат повторно неговиот страв и незнаење, ќе му понудат само нови лаги и лесни решенија што ќе нѐ внесат во нова погрешна авантура, најмалку од сѐ, демократска. Мене таквите процеси ме потсетуваат на нешто фашизоидно и погрешно, и нашата неподготвеност и во еден таков неверојатен случај ме плаши.

Нам ни треба само една работа и секој добронамерен слободар и интелектуалец треба да е свесен за истата. Ни треба бунт, но бунт предводен од јасен политички чинител кој ќе има културолошка и политичка хегемонија во опозицискиот блок. Само сериозна политичка структура и водство можат да организираат и да контролираат бунт кој би дошол од долу, или креиран од горе, кој би бил поддржан од интелектуалците и насочуван кон изборна победа или договор со режимот. Но, мора да постои политика на конфликт, затоа што само таква политика може да го стави режимот во агол, да го умори, да му ја земе силата и потоа да го принуди да капитулира. Самите избори не се решение, само бунт исто така, овој режим мора да се удри со сите расположливи средства, со мудра и храбра политичка поддршка, со јасна и кристализирачка интелектуална пропаганда. Само тоа може да нѐ однесе до победа над режимот.

Само така бунтот ќе го искористиме за комплетирање или заокружување на нашето руинирано општество. Тоа ќе биде и бунт и едукација, и постепено враќање и освојување на институциите, и доволен историски континиутет, и доволно силна, а сепак не пренагла промена, и доволно идеолошки поткована платформа, за еднаш кога ќе се случи падот повеќе да не бидеме неписмена и бесна банда, туку народ свесен за својот историски исчекор. Се разбира, јас којшто тврдам дека нема смисла теоризацијата на бунтот, замислувам или посакувам едно вакво сценарио, без разлика колку тоа е реално или не. На крајот на нештата, самото сценарио колку и да е непредвидливо, толку и некои политичко-општествено-технолошки предуслови за истото се неопходни и мора да се предвидливи.

Ама гледате, сето тоа мора да почне од вистината на слободниот човек во режимот, па да се претвори во политичка вистина, па во вистина на масите, за утре оној што ќе нѐ води да ја има хегемонијата и целосноста. Без вистина не може да се има културолошка хегемонија која ќе му помогне на човек да се побуни, а кога еднаш ќе се побуни, да му помогне да издржи и да истрае.

Ете, слободари, затоа се почнува од вас, затоа што вие сте реалноста која креира вистина, која нуди разум, која создава претпоставки за сето останато. Нека ви е честит денот кога се симнавме на земја и заедно протестиравме за слободата.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото