1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:59
Љубица Никољски (1936-) во 70-тите години создава неколку значајни објекти од станбен карактер, кои имаат нагласена пластичност во обликувањето, со истакнување и вовлекување, со полно и празно. Притоа, фасадната обвивка е направена од комбинација на фугирана тула и натур-бетон. На таков начин во 1977 година таа го подига станбениот блок на ул. Орце Николов, а истата година во соработка со Александар Смилевски го создава Домот за самци во населбата Јане Сандански.
Културниот центар (1979) на левиот брег на реката е изграден според конкурсниот проект на група словенечки архитекти од Бирото 77 (Ж. Кацин, Ј. Принцес, Б. Спиндлер и М. Уршич). Тој има обемна содржина составена од: театар, опера, балет, музичка академија и дел од банка. Неговата скулптурална архитектура од натур-бетон наликува на бела санта лед, која за момент е застаната на брегот на реката Вардар. Профилот на таа композиција има наклон кон реката, покрај чиј брег формира отворен ,,плоштад на културата“. Сепак, оваа цврста комплексна градба од армиран натур-бетон, тешко се одржува и не им дава шанса на следните генерации овој огромен објект да го приспособат за свои потреби и според свој вкус.
Релативно поволните општествено-економски услови во втората половина на ХХ век придонесуваат за појавата на сестрано образовани архитекти. Меѓу нив се вбројува и Благоја Колев (1930-), кој се занимава со урбанизам, архитектура, сликарство, публицистика, а исто така работи и како професор.
Во центарот на Скопје, заедно со Александар Серафимовски најпрвин ја создаваат зградата на Стопанска банка (1975) која има ритмично распоредени волумени и фасадна облога од мермер. Набргу потоа, на јужната граница од Старата чаршија, Колев ги подига терасестите станбено деловни објекти (1977).
Неумерената желба на тогашните раководни структури за архитектура со големи волумени, слично како кај Културниот центар, се манифестира и кај зградата на НИП Нова Македонија (1981). Неа Благоја Колев ја прави со скалеста силуета, која е поделена со хоризонтали, но сепак доминира над околната ниска урбана структура.
Во втората половина на 70-тите години се зајакнуваат активностите и во областа на спортските објекти, при што се создаваат неколку значајни примери. Оваа активност продолжува и во почетокот на 80-тите години, кога се завршува најзначајниот затворен спортски објект во Скопје, Пливачкиот центар 1981-1983) на авторскиот тим П. Зографска, Р. Раѓеновиќ, Б. Филиповска и О. Чоланчевска, кои со употребата на челична конструкција бараат рамнотежа меѓу рационалната функција и експресионистичкиот облик.
Михајло Волканов (1941-), по победата на конкурсот за типска спортска сала и затворен пливачки базен (1981), добива можност за реализација на своите идеи со подигањето на три значајни објекти во Скопје: затворениот пливачки базен Чаир (1981), Спортската сала Јане Сандански (1982) и спортската сала Расадник (1983). Кај сите нив доминира јасната функционална шема, рационалната конструкција и економичното градење со монтажни елементи.
Во почетокот на 80-тите години, македонската архитектура доживува силен подем, слично како по земјотресот во Скопје. Во овој исклучително продуктивен период се завршуваат голем број објекти од разновиден карактер. Македонските архитекти се афирмираат на сојузно, па и на меѓународно ниво. Од таквата бројна продукција тешко може да се издвојат позначајните објекти, а да не се направи некој пропуст. Среќна е околноста што почнувајќи од 1981 година, редовно се одржува Биеналето на македонската архитектура, чии каталози остануваат траен документ за хронолошки преглед и анализа на архитектонското творештво.
Тодор Георгиевски, како голем познавач на здравствените функции, уште во 70-тите години создава неколку објекти од таа област во: Прилеп, Дебар, Кичево, Охрид, Струмица, Кавадарци, Штип и др. Оваа своја стручна насоченост тој ја потврдува во 80-тите години со подигањето на Детската клиника во Скопје (1980-1983) и Медицинскиот центар - болница во Кочани.
(крај)
Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел
Кон шестиот дел
Извор: Порта 3