Вторник – неработен за сите, Македонија го празнува Црниот понеделник

23.12.2013 13:38
Вторник – неработен за сите, Македонија го празнува Црниот понеделник

Министерството за труд и социјална политика известува дека вторник, 24 декември, е неработен ден за сите граѓани, бидејќи се празнува големиот демохристијански празник Св. Трајко Вељановски – Чудотворец, патрониот празник на македонското собрание.

Преданијата велат дека на овој ден во далечната 2012 година, Вељановски, меѓу народот познат и како Бељаноски (од старословенските зборови „беља“ и „носи“), направил божјо чудо. Тој само за еден миг направил да исчезнат од собраниската сала опозицијата и новинарите, по што луѓето првпат станале свесни за неговите натчовечки моќи. Оттогаш демохристијаните во Македонија почнале да го слават како светец, а тој скромно велел дека неговата моќ произлегува директно од Свети Никола и само ги следел неговите патокази.

Св. Трајко Бељаноски е беатифициран за жив светец непосредно по направеното чудо на специјална комисија под покровителство на археопископот на македонската глупост Хорхе први.

Денеска во собраниското бифе, ликот на Св. Трајко Бељаноски се појави во неколку филџани со талог од кафе, во една чинија од супа и во едно чинивче со шербет од баклава. На пратеникот Амди Бајрам ликот на Св. Трајко му се појавил на етикета на шише од Кока кола и според неговото сведочење му се обратил со зборовите: И јас верувам во тебе!

Извор: fokus.mk