Брзоплетото момче

24.12.2013 11:50
Брзоплетото момче

Со Вера седиме пред една селска гостилница, близу до Љубљана. Сабота попладне е. Носам кратки панталони и маица без ракави. Пиеме раденско пиво. Јули е и топло е. Тоа беше пред приближно четири години.

На соседната маса седат мажи. Момчиња. Гласни се и пијани; на масата има многу празни шишиња од пиво и вино. Келнерката не ги враќа празните шишиња; не им ги допира трофеите на момчињата.

Пушам и разговарам со Вера. Не гледам во момчињата со трофеите; никогаш не ги предизвикувам. И Вера не ги гледа. Воопшто не зборуваме за нив, воопшто не ги спомнуваме, како воопшто да ги нема.

Потоа најмладиот, на возраст од некои седумнаесет и пол години, тргнува во веце. Се клати, со рацете бара потпора на столовите, на масите, на оградата. Поминува покрај мене, зад мојот грб. Се потпира на мојот стол. Не го гледам, не се вртам.

„Еј, мали!“

Тоа е гласот на најстариот од масата, на возраст од околу триесет и осум. Пред себе има најдолга низа од празни шишиња. Можеби тоа не е единствена најдолга работа што ја има. Мали е името на седумнаесетгодишниот, кој се потпираше на мојот стол. Со Вера замолкнуваме. Не погледнуваме во никого, ниту една во друга.

„Што?“, прашува Мали зад мојот грб.

„Извини се“, му наредува Најдолгиот, „се сопна од нејзиниот стол. Тоа не се прави.“

„Аха“, вели Мали, „извини.“

Раката ми ја става на рамото. Сѐ уште не се вртам. Сега ја гледам Вера.

„Во ред е“, му велам, „сѐ е во ред.“

Тоа му го кажувам на Најдолгиот, бидејќи знам дека Мали не се брои.

„Извини“, повторува Мали.

Ми дише во вратот.

„Не нејзе, нему“, го подигнува гласот Најдолгиот. „Нему извини се.“

И Мали уште еднаш му се извинува нему – на Вера.

„Сега е во ред“, рече Вера.

И таа му зборува на Најдолгиот на масата. Двете набрзина повторуваме дека сѐ е во ред, бидејќи не сакаме да привлекуваме внимание и бидејќи сакаме сево ова да заврши.

„Извини, стари“, ѝ вели Мали на Вера.

Сега веќе силно се наведнува кон мене, се плашам дека ќе падне, ќе си ја скрши тиквата и ќе ме испрска со крв. Потоа ќе се извинува уште сто години.

„Извини, стари, што се залетав во твојата женска“, вели Мали и конечно тргнува кон вецето.

Воздивнувам – не заспа зад мојот грб.

„Добро е“, вика Вера.

Плаќаме и стануваме. Од масата со трофеите нѐ гледаат без збор. Им кажуваме чао. Чао, едногласно ни одговараат.
Пешачиме кон Љубљана. Денот е многу топол.

Извор: Сузана Тратник, Во својот двор; Темплум 2013
Превод: Драгана Евтимова

Слични содржини

Квир / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Квир / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото