Прометеј во гаќи

24.12.2013 15:22
Прометеј во гаќи

Бeв во Скопје и ја видов иднината. И, каква е? Што да ви кажам: не сакате да одите таму. Не во Скопје, туку во иднината. Само што вас (повеќе) никој ништо не ве прашува: на таа пруга сте, не можете да се запрете во удолницата; додуша, можеби сеуште постои некое одвојување каде би можеле да свртите од неа во некој друг и речиси извесно подобар правец, но тешко дека имате вешт скретничар на располагање. Некои што беа, тие веќе и онака почнаа да работат за машиновозачот!

Океј, одиме од почеток. Момчето кое седеше до мене во авионот Белград-Скопје, правник, Македонец со работа во Белград и на други места “во регионот”, ми вели дека редовно чита што пишувам за ситуацијата во постдемократска Србија и, ми вели тој, знајте дека сето тоа ми е предобро познато, бидејќи ние во Македонија тоа го проживуваме веќе 7-8 години. Потоа, “тоа” детално и проникливо ми го опиша; се’ што во наредните денови видов и слушнав, ја потврди точноста и остроумноста на неговите забелешки.

Македонија, таму некаде во 2006 година политички беше “киднапирана” од националистичката ВМРО-овска десница – секако, во соработка со природните и неизбежни партнери, албанските националистички партии – и беше спроведена своевидна “конзервативна револуција” која најдобро се чувствува во медиумската и интелектуална “надградба”, а богами и во секојдневниот живот, кој на љубопитниот посматрач му делува како чудна мешавина на пуританска репресивна ригидност (секаде е забрането пушење, нема алкохол кога ќе падне мрак, повечерјето по кафеаните се почитува, помпезни цркви и џамии никнуваат на сите страни, конзервативниот мултикултурализам ја заменил либералната “распуштеност” итн.) и пословичниот “балкански” јавашлук. Огромни пари се фрлаат на бесмислици и на монументален националистички кич (секако, партнерски мултикултурен – и македонски и албански!), додека кај народот владее беда и немаштија, убаво видлива дури и во центарот на Скопје.

ВМРО и компанија заседнале на власт како беспорочни “поштењаци” кои ќе ја куртулат сиротата Македонија од корупција и другите непогоди, во кои нели, потонала, под лево-либералната власт на неспособни и крадци. Во почетокот уживала огромна популарност врз бранот спектакуларни апсења и судења и други атрактивни нуспојави на “борбата против корупција”, на тој современ ерзац за некогашните јавни погубувања. Ветувала и дека ќе ги реши исцрпувачките спорови со соседите, а богами и внатрешниот македонско-албански перманентен конфликт со низок интензитет. Меѓутоа, годините поминувале, а ништо од тоа не е решено на задоволувачки начин, позлатата од ореолот на “спасителот” во голема мера опадна, но општеството, вклучувајќи ги и алтернативните политичко-интелектуално-медиумски елити, во меѓувреме толку е скршено и прилично ослабено, што се отвара можноста на сегашната гарнитура да освои уште еден мандат. Да, се’ е веќе заморено од изгубените години, но и репресивно-демагошкиот дрил го направил своето. Тоа на српски се нарекува: убиеност во поим.

А што е, Панчиќу, со оние “антички” и други споменици за кои сите толку пишуваат? Читав доста за тоа и бев наизглед подготвен на целиот тој гломазен Ужас на Празнината, но ништо не може навистина да ве подготви на жива средба со Александар и Филип Македонски, сосе бројната им фамилија, со цар Самуил, со Прометеј во гаќи (бил прво гол, па го облекле за да не ги скандализира невините жени) и со сите други, не им се знае бројката. Да се нарече тоа само “кич” е смешно, бидејќи ова е многу полошо; да се нарече тоа триумф на дегенерираната фашистичка естетика со елементи на соцреализам е точно но слабо, недоволно пластично. Ова е отворен, циничен, бајат триумф на Ништото, то ест на “идентитетската” и секаква друга политика без содржина, смисла и правец, засрамувачки банална утеха за сите неуспеси. Па добро, патеписецу и колумнисту, но “кај нас” сепак нема ништо слично? Точно, нема (иако она фрапантно “константиновско” лудило укажува и на таа школа на мислење во власта), или нема засега. Тоа го немало ни во Македонија во првите, надежни ВМРО-овски години, туку дури тогаш кога нивните претенциозни ветувања се соголени и покажани како лаги.

Компаративно, се чини дека Македонија на Никола Груевски се некој вид предигра за Унгарија на Виктор Орбан, а дека орбанизираната Унгарија… хм, е се’ поблиска роднина на постдемократска Србија која ни се случува пред очи. Како што тргнало, во догледно време ќе можеме да го укинеме и повеќепартискиот систем, бидејќи ќе ни стане сосема одвишен. Секако, по некое време ќе посакаме да го обновиме, но тој ќе постои само како форма без суштина.

Бев, велам во Скопје, и ги видов контурите на српската иднина која делумно веќе е и сегашност. Единствено заборавив да ги прашам моите македонски пријатели, дали тогаш кога се кршеше, трасираше патот на Македонија во “александриски” правец, имале свои “бели ливчиња”? Како и да е, ним врвот на бранот на штеточинството и лудилото барем им пројде, па макар среднорочно можат и на нешто да се надеваат. Кај нас главните работи допрва следат, веројатно веќе од пролет. Изглeда и за нас е веќе доцна во оваа смисла. Но, можеби можеме да послужиме како предупредување за некој друг во регионот, за Хрватите, Словенците, Црногорците: никако и по ниедна цена да не се дозволи доаѓање/враќање на власт на конзервативна националистичка десница (без оглед како е закамуфлирана), и на време да се откријат демагозите кои ќе ве убедуваат како тоа нема врска, како сите се ионака исти, освен лево-либералите и центрашите, кои се уште полоши. Секој паметен Македонец или Унгарец денес знае колку е тоа голема и одвратна лага, но сега со тоа знаење може само да се слика, да речеме, под споменикот на цар Самуил.

Слики: Свирачиња
Извор: Време (Белград) / Либертас

ОкоБоли главаВицФото