Напредна самоувереност

25.12.2013 10:11
Напредна самоувереност

Неколку квиз прашања на почетокот. Прво, колку суверени држави се наоѓаат на територијата на Африка? Потоа, колку километри е долга реката Амазон? На крајот, колку студиски албуми имаат Ролинг Стоунс? Да одговориме на овие прашања користејќи некаков (разумен) опсег, но за кој сме барем 98% сигурни дека е точен. „Во Африка има помеѓу 35 и 45 држави“ или „Амазон е долг помеѓу 10 и 15 илјади километри“ или „Стоунси снимиле помеѓу 15 и 20 албуми“, на пример.

ОК, одговорите на паметните кукавици како „Снимиле помеѓу еден и осум илјади албуми“ не се важат. И потоа да ги запишеме одговорите на хартија. Зошто? Бидејќи кога луѓето велат дека се речиси 100% сигурни во нешто (славните „99%“), се покажува дека се во право во многу помал процент - само околу 60%. Имено, психолозите ги прашувале своите заморчиња популарно наречени луѓе, слични, но и побизарни работи: колку јајца годишно се произведуваат во САД? Колку лекари има во телефонскиот именик? Колкав годишен данок се собира на Панамскиот канал? И им дозволиле да одберат каков било псег - само да бидат „98%“ сигурни во него. И заморчињата поминаа лошо, односно, (просечно) четири од десет заморчиња грешеле. Психолозите го нарекоа ова „ефект на претерана самоувереност“.

Според слични истражувања, дури 93% од американските студенти мислат дека се подобри возачи од просечните. Во Стариот свет, дури 84% од Французите мислат дека се натпросечни љубовници. Универзитетските професори редовно мислат дека се подобри предавачи од просечните, а студентите се многу самоуверена сорта. Истото важи и за оние што ги напуштаат факултетите за да тамбураат во рокенрол бенд кој само што не се „пробил“. Потоа, претприемачите кои земаат кредити и упорно отвораат драгстори, кафеани и ресторани на места на кои работата баш и не оди, исто така се уверени во својот натприроден успех на пазарот на леб и млеко, вињак и чкембе. На крајот, младенците упорно мислат дека нема шанси да се разведат, иако на Запад речиси секој трет брак пропаѓа. Статистиката е сурова, но речиси сите се уверени во тоа дека можат да ја изиграат или измамат. Адвокатите и банкарите сметаат на тоа.

Истата работа, ефектот на претерана самоувереност, се случува во Српската напредна партија. Имено, и нивното членство и нивното раководство полека почнува да верува во тоа дека се натпросечни во сѐ што прават. Локалните избри во Оџаци и на Вождовац на кои напредњаците убедливо победуваат, само го засилуваат тоа уверување. Кое е опасно за самите нив, а потоа и за боранијата сочинета од обични граѓани. Наглата популарност на Српската напредна партија која се прелева во предвремените локални гласачки кутии, како и горливата желба на многу напредњаци јавајќи на тој бран да остварат уште поголема контрола и власт на секое ниво и во секој агол на ова државиче, можат да се покажат како погубни и со краток здив. За да биде сосема јасно, напредњаците на идните сеопшти избори убедливо победија, но се поставува прашањето што потоа. И не, овде не станува збор за ползечки тоталитаризам и слични баба роги, веќе висевме на тоа предизборно јаже. Работата е за нијанса посложена.

Пред сѐ, самоувереноста не е рационална евалуација на веројатноста дека сме во право. Таа е чувство. А ако правиме нешто во што воопшто не се разбираме, можеме да бидеме толку очајни во тоа и да не сфаќаме дека немаме поим. Во ситуациите на претерана самоувереност не само што не ги гледаме нашите слаби точки, туку не знаеме ни дека тие воопшто постојат. Претераната самоувереност се појавува затоа што луѓето се слепи за сопственото слепило. Станува збор за една од најтешките когнитивни грешки на човечките животни, а таа е виновник за многу промашувања, порази, крахови на берзите и војни. Во дневнополитички контекст, токму Демократската партија и Борис Тадиќ, опкружен со истомиленици со прстите во неговиот задник, когнинтивно потфрлија пред предизвикот на самоувереноста. Впрочем, се сеќава ли некој како неславно помина онаа работа по повод мислењето за независноста на Косово од страна на Меѓународниот суд на правдата? Земајќи ги предвид проблематичните кадри на напредњаците, во содејство со нивните политички апетити и чувството на суперхеројска семоќ, сличните промашувања само чекаат да нѐ гризнат за задникот.

Конечно, најновите гласачи на Српската напредна партија припаѓаат на своевидната „нормална големина“ која е идеолошки изгубена, материјално осиромашена и морално проблематична. Демократската партија со години и со амбивалентен успех се обидуваше да ги преземе (овие) гласачи на радикалите, а сега поранешните радикали ѝ ги земаа тие гласачи на Демократската партија. Најголемиот број од овие луѓе не сакаат особена одговорност над својата судбина и посакуваат цврста рака во политиката, додека се плашат од опшествената уреденост. Таквото општество тешко можат да го реформираат самоуверените, сигурни во себе и самозадоволни политичари, лажно убедени дека само небото е граница. И затоа првобитната маѓепсаност на гласачкото тело на Александар Вучиќ и партијата која ја предовди многу брзо може да се трансформира во разочараност - пред сѐ поради големите очекувања и гладните очи. Зашто, антологијата на досегашните политички разочарувања е подолга, а граѓаните на Србија не се нестрпливи - само чекаат побрзо од другите.

Политичката самоувереност, значи, е последица на изборните успеси, но и на когнитивната апаратура на човечкиот вид на кој, веројатно, припаѓаат и политичарите. Во такви околности, тие нужно ќе се убедат себеси во исправноста на она што го мислат, зборуваат и прават, односно ќе ги рангираат своите способности како многу поголеми отколку што реално се. И како што внатрепартиските избори на напредњаците најавуваат, ќе ги исчистат своите редови од сплеткарите и сомничавите - што се само дополнителни рецепти за проблемите. Поради оваа самоувереност берзанските брокери инвестираат во будалаштини, а студентите излегуваат на испит иако учеле само една ноќ претходно. Затоа пијаните седнуваат зад воланот, а хирурзите ги забораваат ножиците и газата во утробата на пациентите. А колку имаме вистински внимателни хирурзи, поединци кои ги знаат своите дострели, пред нужната вивисекција на српското општествено ткиво? Иронично, но секогаш е подобро да им се верува на стручњаците кои признаваат дека се несигурни. Во политичка смисла, на оваа несигурност и неизвесност треба да упатува критичката јавност, а и со дотичната сме во хроничен недостиг.

Чарлс Дарвин во една прилика рекол: „Незнаењето почесто раѓа самоувереност отколку знаењето“. Затоа овој внимателен гениј го подготвувал „Потеклото на видовите“ уште цели две децении откако се симнал од палубата на „Бигл“. И веројатно би го бистрел уште долго ако нуждата не го натерала да побрза и дури во 1859 да го промени начинот на кој го гледаме светот и животот. И затоа, како да се избориме со слабоста на умот кој го носиме меѓу ушите? Прво, треба да се биде постојано свесен дека по правило го преценуваме своето знаење. Потоа, неопходно е да се биде скептичен и внимателен пред самодовербата или самоувереноста на другите. Конечно, кога нешто планираме, подобро е да се обложиме на песимистичкото сценарио. Новата политичка гарнитура има - ако локалните избори се само предигра - и ќе има прилика да изведе сериозни политички и општествени реформи. Доколку ѝ дозволиме да се шлапка во само(за)доволната бара на сопствената самоувереност, по обичај нема да направиме ништо, иако ќе се чувствуваме убаво. Рационалните и трезвените одлуки бараат ментален напор, а обеспокојува тоа што Србија е уморна од напори. И да: Африка има 54 суверени држави. Амазон е долг 6.992 километри. Стоунси имаат снимено 25 студиски албуми. Веројатно ќе снимат уште некој.

Извор: Danas

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото