МТВ со жестоки прашања за новогодишното интервју со Груевски

25.12.2013 12:57
МТВ со жестоки прашања за новогодишното интервју со Груевски

Јавниот сервис МТВ продолжува со несмален интензитет јавно да ѝ сервира на Владата. Наскоро ќе сервира интервју со премиерот Никола Груевски заради баланс, бидејќи, нели, го имаа Зоран Заев во вестите. Иако би можеле да се искористат истите прашања како и за Заев (Колку тежите заедно со братучедите?) и да се инсистира на исцрпен и точен одговор до крајот на интервјуто, сепак, во МТВ се работи на нови прашања зашто секој политичар е различен.

Коза ностра, благодарение на свои извори во власта, дојде до овие прашања уште пред МТВ да дојде до нив, па ги објавуваме за да може и колегите навреме да се подготват што треба да прашаат:

1. Господине Никола Груевски, да почнеме со економија. Многу од најавените инвестиции веќе се во фаза на реализација, најавени се и некои нови, но колку вие лично сте задоволен од сработеното?

(На што Груевски ќе одговори дека секогаш може подобро, но генерално е задоволен.)

2. До каде сме со собирањето пари за буџетот? Има ли интерес за наградната игра со фискални сметки?

(Неговите информации покажуваат дека има огромен интерес и дека нема никакви проблеми со буџетот.)

3. До каде сме со капиталните инвестиции?

(Ќе следи монолог од десетина минути, идеално водителот Горан да скокне до тоалет и да провери дали во режија сѐ под контрола.)

4. Ви благодарам за исцрпниот одговор. А сега нешто сосема лично. Заев со 6 милиони евра вели дека е средна класа. Која класа сте вие како кираџија и со скромните примања што ги има еден македонски премиер?

(Напад на Заев и одговор дека за Македонија би работел и без пари, за доброто на граѓаните.)

5. Македонија повторно не доби датум поради Грција? Ваш коментар…

(Ќе удри едно патриотско шиканирање на Грција.)

6. Како го коментирате однесувањето на ДУИ?

(Ќе удри едно патриотско шиканирање на ДУИ, жестоко како никогаш да немаат делено тендери заедно.)

7. Се подготвувате ли за избори?

(Да, за претседателски, а ако има потреба и за парламентарни. ВМРО-ДПМНЕ е спремна, ама опозицијата се плаши.)

8. Кој ќе биде претседателски кандидат?

(Членството најдемократски, најтранспарентно ќе си одлучи.)

9. Премиере, ви благодариме за интервјуто. За крај, има ли нешто што сакавте да ве прашаме, а ние заборавивме?

(Ќе им честита Нова година на сите граѓани, со топла мила невина насмевка ќе им посака многу успеси во наредната.)

Ете, така е отприлика конципирано интервјуто на Груевски за МТВ во кое тој ќе мора да одговори на сите актуелни жешки прашања. Го објавуваме за оние што можеби патуваат за новогодишните празници надвор од државава (и планираат да се вратат во неа) да бидат во тек, зашто е можно да ги испрашаат на граница при влез.

Извор: fokus.mk