Не е злато сѐ што сјае

26.12.2013 10:02
Не е злато сѐ што сјае

1.

Не е. Особено не оние поединци кои со сите сили се обидуваат да ни се претстават како златни. Но, текстов, се разбира, можеше да биде насловен и поинаку. На пример, „Што си мислеа Памук и Ерофеев кога доаѓаа во Македонија?“. Или, „Колку трае лажниот златен сјај врз ореолот на одделни луѓе?“. Или пак, „Бунтовници за по дома, златољупци за по надвор“! Ама првичниот наслов некако подобро соодветствува на приликата, има некаква убава релација и со објектот на случувањето, со режијата на целиот хепенинг, со логистиката и слично. Што е комбинација „пар екселанс“, би рекле некои. Замислете: Памук во злато или дисидентот Ерофеев во позлата! Заедно на сцената со, велат некои, кремот на македонската интелигенција (sic). И тоа после Субрата и неговата „Сахара“ – каква симболика. И да е само заради таа симболика, па не би требало да влезат таму. Но, човекот е само човек. Расиплива материја!

2.

Оттука, „случкава“ – ајде да ја викаме нагалено – навистина заслужува сериозно внимание од повеќе аспекти. На пример, знаеле ли „дисидентиве“ каде доаѓаат? Веројатно, а можеби и не им било гајле, што е исто така можна теза. Зашто, инаку, ќе дојдеа ли? Или толку им затребаа тие пет илјади евра? Па овие од „Табернакул“ се покажаа доволно способни за разни лупинзи и вратоломии, та оттука ќе успееjа и да им ги испратат парите. Преку банка, или со Money transfer. Или пак условот за да ги добијат парите беше „ѕвездите“ да се појават во Скопје како дел од „националниот проект“ на престолнината на кичот? А табернакулци, што ќе имаат тие од тоа?

Можеби нашиве гости навистина се дисиденти, бунтовници, ама само за по дома? Таму ги познаваат/препознаваат, таму ги галат, таму може полесно да се одржува имиџот за „бунтовник и херој“, таму проблемите се поблиски па заради тоа и попрепознатливи …? Таму може да се крева гласот до небеса, таму може да се разговара за политика, ама во Скопје не смее да има политички прашања. Од кога тоа дисидентите и бунтовниците се плашат од политички прашања? Како тоа дома може да се одговара на политички прашања, дури истите се особено посакувани, а надвор не може. Особено не во Скопје? Како тоа дома може да се крева гласот против сѐ и сешто, ама истите принципи не важат и надвор? Или, која е цената на дисидентството и бунтовништвото? Пет илјади евра?!

Дали прашањето „Зошто дојдовте во Скопје?“ би било политичко прашање? Веројатно не, а веројатниот одговор би бил: „Па да си ги земам парите“. И тука навистина не би имало никаква политика.

3.

Каде навистина би биле светските демократски процеси кога дисидентите и бунтовниците како нашиве ценети гости би биле слепи и глуви за сѐ што не ја тангира директно нивната земја? Или нив лично? И дали воопшто би постоеле тие зборови во нашите речници? Кога сите би имале само едноглед, а не и комплексен светоглед, кога сите би имале чувства само за себе и своите, а не и за другите, кога сите тооолку би ги сакале тие пусти евра? Колку ли се златни политичките зборови на Памук? Можеби износот на наградата е премал за да отвори уста и за политика? Ако наградата беше, на пример, педесет илјади евра, ќе можеше ли да го прашаме и нешто за политиката? Не нашава, зашто тој очигледно нема поим каде се наоѓа, туку за онаа неговата, нивната, турската? И руската? Или американската? Или, дали е политика ако некоја „будала“ го праша дали знае колку пати по пет илјади евра чинел театарот во којшто му ја даваат наградата и колку пати по пет илјади евра му се зголемила цената од проект до конечна реализација? Или, тоа би било непристојно кон „гостинот“? А (преплатениот) гостин еден пристоен, до немајкаде! Па нели го „интересираат темите за изолираните, отфрлените луѓе кои не можат да се интегрираат во општеството, оние кои не можат да стигнат во Европа“? А ние да не сме веќе во Европа, а да не сме знаеле? И можно ли е и овој човек да гледа толку стереотипно на Македонија само како на „земја во којашто се родил Ататурк и во чиј јазик има бројни турцизми“? Та тоа ли е интелектуалец за Нобелова награда?

4.

И каква е таа проѕирна грижа на нашиве домаќини табернакулци за гостите, небаре станува збор за малоумници? Те не правите ова, не правите она, не прашувајте ова, не прашувајте она. Па гостите не се ни малолетни ни малоумни. Памук има 61 година и зарем навистина му треба заштита од нашиве? Или – гостинот е светост? Ма није ваљда!

Што е право, вториот гостин, Ерофеев, како однапред да се согласил да биде втора виолина. Можеби зашто нема Нобелова награда? Ама нели е дисидент? Па, кога веќе Памук има памук во устата, можеби тој ќе не’ просветли со нешто остро за Русија, за Путин (ако ништо друго барем да му направи ќеиф на Хорхе), за Ходорковски, за… Или и тој ќе биде слика без тон? Иако, морам да признаам, малку ме буни фактот дека дисидент, денес во Русија, може да има своја емисија на државна телевизија. И да го критикува Путин. Па зошто на Солженицин не му дадоа барем радио, или транзистор, туку го фрлија некаде во Сибирскана пустелија? И илјадници други како него. Или, ни Русија веќе не е тоа што беше, ни дисидентите не се веќе тоа што беа? Сега, наместо во Сибир ги праќаат директно на телевизија, со своја емисија?! Или пак светот толку се смени па постојат контролирани дисиденти, раководени бунтовници, домашни критичари во памучни влечки…? Иако, божем да биде искрен, нему Скопје му „заличе на гробница. Но, во позитивна смисла“, вели Ерофеев. Каков циркузант!

Па кај отиде светов, по ѓаволите? Оној дисидентскиот и интелектуалниот.

5.

Всушност, во целиов циркус – зашто сето ова не може поинаку да се имeнува, со или без Памук и Ерофеев – не е сосема јасно на кого му требаше ова? И зошто? Односно – јасно е, ама што ролји играат овие странциве, и нашиве „интелектуалци“? Да нема недоразбирања, јас воопшто не се сомневам во литературните квалитети на Памук и Ерофеев. За Памук самиот сум се убедил, за другиот, еве, им верувам на табернакулци и „кремот“ на македонската интелигенција што (ќе) ги промовира. Но, зошто тогаш сето ова се прави паралелно со таламбасите на дисидентството и бунтовништвото? Или, уште повеќе, зошто сето ова се прави со таламбасите на власта? Та зарем „кремот“ на македонската интелигенција, сосе табернакулци во истиот кош, не можеа сето ова да го изведат некаде низ скопските меани и кафеани, да не речам ресторани. Што ќе фалеше ова да се направи во „Пелистер“ како градска кафеана, или нека биде во „Лондон“, или ајде нека е и во „Aleksandar Palace“ (ќе му текне ли на некој конечно, после толку години, да ја поправи оваа идиотштина)? Или немаше да биде „на нивоу“? А старо – новиот театар од шеесетина милиони еврае „на нивоу“? И на чије ниво, дозволете да прашам? На „кремот“? Или на шизофренијата?

И дали тоа нашиот „крем“ низ вакви маскаради се нафатил да инсценира „…нова свест, нова генерација на припаѓањето кон Европа“? Меѓутоа, нашата културна инфериорност со тоа не се надминува, а нивниот комплекс дека постојано некому нешто треба да докажуваат, низ „злато“ и лажен сјај, останува наш проблем. Сега, денес, и овде. И тоа нема да ни го решат ни Памук ниту Ерофеев.

Ако ова воопшто беше за нив. И за литературата. Во што искрено се сомневам.

И конечно, едно признание. И табернакулци и „кремот“ го одбраа вистинското место за зборовите дека „доделувањето на наградата сакаме да биде и еруптивна побуна против општиот пад на моралот и темелните вредности“. Е побуна, ама лицемерна! Опточена со сјајот на фалшивото злато!!!

Извор: teodosievskizapisi.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото