Синтезата во Скопје

26.12.2013 13:34
Синтезата во Скопје

Содржината на поимот синтеза во Македонија се оформуваше во сообразност со повоениот развој на сето југословенско архитектонско и ликовно творештво, а одделно со процесите во овие области на потесното македонско подрачје, за кое местото и улогата на Скопје често имаа пресудно значење.

Со разбирање на синтезата како интегрален процес на разновидни дејности насочени кон обликување на човековиот животен простор во амбиент на неговото целосно физичко и духовно остварување, се воспоставува всушност еден мошне ригорозен критериум за оцена на сѐ она што се сака да се претстави како синтеза во Македонија.

Можеби во таа смисла е одделно карактеристичен „случајот“ на Скопје, особено по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Во повторната изградба на Скопје постепено се создаваа претставите за потребата од интеграција на ликовните уметности и архитектурата, со големо очекување дека овој урбан простор во целосно преструктуирање ќе може да се обликува и како „тотално уметничко дело“. Тешкотиите што требаше да бидат совладани беа многубројни и разновидни, та често дејствуваа и како несовладлива хипотека врз вакви настојувања.

Сакам да укажам, пред сѐ, на еден тежок судир со старата, во земјотресот доста разурната, ориентална и делумно модернизирана балканска градска структура, при воведувањето во неа обиди за едно ново физиономирање на Скопје: урбанистичко, градежно, архитектонско, хортикултурно итн. Се преземаа разновидни творечки нивоа на искуства, модели, програми од речиси сите развиени подрачја во светот. Меѓутоа, не беа исто толку широко остварени и успешни резултати во обидот за синтеза, односно остварување на единство меѓу нешто што беше затекнато и новото што се сакаше да се користи и применува во обновата и изградбата на Скопје. Во оформувањето на овој град, во урбанистичкото, архитектонското и ликовното обликување на одделни простори и објекти, често се вметнати дијаметрално различни појдовни идејно-естетски концепции и стилски настојувања.

Сметам дека денес Скопје сѐ уште дејствува како еден по малку несмасен амбиентален организам, составен од одделни, мошне диспаратни комплекси, или делови на градот. Притоа, особено се изразени неусогласеноста и неповрзаноста на сѐ она што претходно беше затекнато во Скопје. Очигледно е дека во последниве години односот кон оваа проблематика се менува: така и стариот дел на Скопје (особено богат со квалитетни остварувања на исламската верска и профана архитектура) на некој начин е „дотеруван“ во настојувањето да се извршат извесни пологични премини кон она што се гради по земјотресот. Но уште повидливи се несомнените неусогласености на поновите зафати (просторни, архитектонски) меѓу самите нив, со оглед дека не е водена грижа за нивното суштинско материјално и стилско интегрирање (без да се пледира за каква и да е унификација ипи шаблон во обликувањето на скопскиот градски амбиент).

Треба да се укаже дека во Скопје понекогаш е дојдено до мошне недоследни реализации и во потесниот внатрешен простор на низа нови градби. При обликувањето на одделни објекти е присутна видлива диспартност на надворешно впечатливо градежно-архитектонско оформување и условите што се создадени во нивните ентериери - во физичката и во чисто психолошката смисла на зборот. Во некои јавни згради во Скопје се остварени мошне нефункционални и дехуманизирани амбиенти, простори што се често крајно неповолни за општиот физички и духовен интегритет на човечката личност.

Што се однесува до улогата на ликовната уметност во изградбата на Скопје, таа засега остана главно на ниво на дополнителни интервенции во некои големи репрезентативни згради (банки, индустриски објекти, болници, пошти итн.). Тоа не значи дека одделни ликовни решенија сами по себе не допреле до несомнени резултати, туку само дека некои од видовите на таа суштинска синтеза за која постојано се пледира, не се сѐуште постигнати во Скопје. Присутна е и интервенцијата на вајарите во скопскиот јавен простор, со специфична промена на оваа ликовна дисциплина за изградба споменици или друг вид спомен-белези. Резултатите (не ретко пластично-просторно мошне неуспешни) се условени од низа околности (тематски и материјални ограничувања) што често дејствуваат како сериозна емоционална пречка врз личноста на вајарите. Меѓутоа, е присутно и нивното сопствено творечко неусогласување со задачите од овој вид, особено во поглед на осмисленото пластично и просторно сообразување на нивните интервенции во скопскиот амбиент со се она што им претходи или ги опкружува.

Ист е случајот со изведувањето релјефи, декорации, односно ѕидни слики воопшто во одделни јавни згради на Скопје: и тие се решавани зависно од просторните и финансиските можности на инвеститорите и од нивните разбирања за целите на вакви зафати во „нивните“ простори. Тоа пак доведе до мошне различни дострели на уметничките нивоа, а и во смисла на интелигентното и професионалното сообразување со задачите што им се поставуваа на уметниците (делата на Лазески, Мазев, Чемерски, Маневски, Темкова, Коџоман и др.).

Извор: А, списание за култура на просторот, бр. 2, 1985 година

ОкоБоли главаВицФото