Интернет, слобода, политика: што проголтавме во 2013?

26.12.2013 16:27
Интернет, слобода, политика: што проголтавме во 2013?

Интернетот е зачнат во грев, во најлошиот можен грев. Како што растеше, не престануваше да ја носи во себе онаа горчлива желба за уништување на планетата, и не верувам, момче, дека тоа се променило.

Томас Пинчон, Bleeding Edge (2013)

 

Интернет технологијата силно ги обликува и крои нашите дневни политики и слободи, било да е налик на волшебно стапче (но не е, вели Џолер) или енциклопедија на мртвите (Киш). Можеби е зачната во грев, а можеби во психоделичната љубов за сите замислена во шеесеттите години во американската потствест. Интернетот е наша постела во која можеме да бидеме заљубени, или да се чувствуваме заробени во неа. Иднината носи сѐ и сешто, од дронови кои ќе доставуваат книги од Амазон до Гугл интернет во балонски сателити. Но, што ни донесе 2013 и колку добро се носиме со тоа, колку напредуваа нашите идеали за „добар живот“, колку ги користиме технологиите за општествени промени за „добро“ или „лошо“ (смееме ли воопшто да го разгледуваме тоа бинарно), ја промислуваме ли исправно, или само нешто - чекаме? Што?

За значајните настани на полето на интернетот, човековите слободи и политичката филозофија во минатата година, прашамче четворица значајни „дрматори“ на напредната мисла: Томислав Медак, член на загрепскиот клуб МаМа, заговорник за слободен софтвер и култура и медиумски активист, потоа Борис Ружиќ, асистент на Отсекот за културални студии и коавтор на книгата „Фрагменти од сликата на светот: критичка анализа на современата филмска и медиумска продукција“, Д-р Небојша Зелиќ, професор по политичка филозофија на Филозофскиот факултет во Риека и Александар Благоевиќ, некогашен политички пират и еден од основачите на Пиратската партија на Србија.

Томислав Медак живо ја опишува 2013 како година во која проголтавме четири црвени пилули, односно година во која распрснавме четири долготрајни илузии за нашата општествена стварност. Ја нарекува година на спознајни резови.

Ружиќ ја разоткрива популарноста на социјалните процеси на Фејсбук и Твитер како „златна кокошка“ за самиот Фејсбук и Твитер кои прават профит од таканаречените „револуции“.

„Сосема сигурно, годинава што изминува оптимистички ја гледам како онаа која ни порача дека кога приватната корпорација Твитер ќе каже 'оп', ние не треба веднаш да скокнеме“, нагласува Ружиќ.

За Небојша Зелиќ кој првенствено се занимава со филозофија на политиката, годината ја одбележа смртта на Роналд Дворкин, а со тоа и неговите дела. Слично на пилулите на Медак, Зелиќ гледа два јасни показатели дека нашето општество се оттргна од идеалот на Дворкин; едниот е неодамна спроведениот референдум, а другиот е вознемирувачката статистика која покажува дека децата на необразованите и сиромашни родители имаат седум пати помалку шанси да завршат факултет отколку децата на богатите и подобро образованите.

Александар Благоевиќ, за кого е тешко да падне од стол поради новостите од светот на интернетот, како и секогаш ги согледува настаните од перспектива на Земјаните и оние кои би сакале да ги прашаат Земјаните што добро, а истовремено и слободно направиле. „Кога вонземјаните би ме прашале што имаме како симбол за успех и прогрес, нешто супер кул што сме направиле, би рекол, интернетот.“ Конечно, во овој осврт се наѕира и малку оптимизам. Оние кои сплеткарат и шпионираат, би можеле да се задушат во сопствениот кеш; се чини дека ритамот со кој се менуваат обезбедувањето и одземањето на дигиталните јавни добра сѐ уште е во поволен однос за нас и иднината, додека она до кое треба да стигнеме е точката во која digital native поединците ќе почнат да го водат овој свет и да ги преземат обрасците на однесување од технологиите кои се отворени и слободни.“

Одговорите на прашањата во целост можете да ги прочитате во текстот подолу. Меѓу овие редови ќе најдете и препораки на важни уметнички дела, блогови, книги, списанија кои успешно ја заокружиле годината.

Томислав Медак: Година на црвени пилули

Оваа година ќе се памти како година на спознајни резови. Во неа се распрснаа четири долготрајни илузии за нашата општествена стварност.

Првата црвена пилула - Годината започна поразително - на 11 јануари Арон Шварц изврши самоубиство. Сјаен хакер, борец против копирајт монополите и активист за пошироки политички реформи - еден од најдобрите меѓу нас. Арон Шварц две години претходно е уапсен поради системско преземање научни статии од комерцијалниот репозиториум JSTOR, а се најде под истрага на ФБИ и му се закануваше затворска казна од 35 години. Два дена пред смртта, американскиот федерален обвинител, и покрај отстапувањето на JSTOR како оштетена страна, ја одби спогодбата во неговиот случај. Драконскиот прогон на Шварц требаше да послужи како пример за останатите кои би помислиле да се спротивстават на монпополите на авторските права. А акцијата на Шварц - обидот да се направат научните статии слободно достапни - удри токму во она поле каде авторските права не ги штитат авторите, туку служат како економски механизам за изградба на монополска моќ, пазарна концентрација и повеќекратно прелевање на јавните средства во приватниот профит на издавачите. Научното издаваштво е висококонцентриран глобален бизнис (околу 11 милијарди долари) во кој владеат 5 корпорации кои не им плаќаат на научниците за нивните авторски прилози, туку напротив, живеат од јавно финансираниот труд на научниците и јавно финансираните научни библиотеки, остварувајќи профити од 35%. Притоа, добар дел од научниот свет поради високите цени на списанијата има многу ограничен пристап до најновите сознанија во науката. Шварц уште порано ги правел достапни податоците во кои заштитата на авторските права нема врска со авторите - каталошките податоци и законско-правната граѓа. Трагичната смрт на Шварц покажува дека економската моќ на копирајт монополот долгорочно нема да отстапи пред херојските хакерски чинови и дека без политичка борба таа не може да се заузда, иако нејзиното зауздување во постоечката политичка рамка денес станува сосема невозможно.

Втората црвена пилула ја разори илузијата за влегувањето во Европската унија како среќен крај на општествената транзиција. Сега кога влеговме во ЕУ, стана јасно дека со самиот факт дека сме таму ништо темелно не се менува. Зад таа проекција на вековната човечка традиција на која припаѓаме, заедницата на либерално-демократски вредности или заедницата на економска благосостојба - како што ја гледаа ЕУ различните политички сили во минатите три децении - се покажа дека општествената стварност и понатаму останува исклучиво онаква каква што ја создаваме - или, како што својски се трудевме минатите децении, да ја разоруваме.

Третата црвена пилула ја голтнавме во вид на неодамнешниот референдум со кој бракот се дефинира како заедница на лица од различен пол и претстојниот референдум против правото на српското малцинство на кирилично писмо. Вистинската општествена функција на тие настани е инструментализација на хомофобијата и србофобијата за новопечената десница, Црквата и ХДЗ политички да се позиционираат за време на владеењето на своите опоненти. Увертирата во тоа референдумско поигрување беше инженерингот на референдумските правила од страна на политиката, токму за лесно да отидеме во ЕУ. Меѓутоа, она што на крајот се покажа со тие настани е дека животот во бесконечната перспектива на капиталистичкото општество резултира со циклично заострување на општествениот антагонизам. Без еден политички еманципаторски проект за благосостојба, еднаквост и напредок за сите ќе бидеме осудени на постојано враќање на националистичките или верските форми на солидарност насочена против другите.

Најпосле, четвртата црвена пилула оваа година ни ја понуди Едвард Сноуден. Најзлокобните претпоставки за контролата и надзорот кој интернетот ги овозможува над приватната и јавната комуникација се покажаа сосема вистинити. А таа контрола овозможи концентрација на комуникациската инфраструктура во рацете на сѐ помал број комуникациски гиганти. Се покажа дека интернетот е уште една технологија која заврши устроена според законитостите на пазарната конкуренција и концентрација. Со тоа се распрсна илузијата дека отворената технолошка природа на интернетот има еманципаторски општествен учинок и дека директно доведува до прогресивни општествени промени. Техноутопистите и технодетерминистите се разбудија: општествената промена не може да се супституира со технолошко решение.

Но, да се вратиме на прашањето што важно се случи во дигиталната култура оваа година. Бидејќи годината беше исполнета со интензивна работа и политички превирања, не остана многу време за следење на културните настани и продукција. Од кругот на сопствените активности, би истакнал само низа случувања и публикации кои реактуелизираа едно поглавје од историјата на хрватските деведесетти - списанието Аркзин. Обидот на Аркзин општеството, медиумите и културата да се промислуваат и живеат плурално, да се одржи во живот „можноста за алтернативна организација на општеството“ поаѓајќи токму од оние кои се исклучени и понижени во општеството, доби повторно критичко значење во политичките настани минатата недела кога повторно ни се отвори прашањето како да се промислува и создаде прогресивно општество под доминација на национализмот, клерикализмот и капитализмот.

Бидејќи Аркзин беше промотор на раната интернет култура, освртот на Аркзин дваесет години подоцна е осврт и на дваесетте години радикална интернет култура која настана во деведесеттите од историската конвергенција на интернет технологијата, алтерглобалистичкото движење и југословенските војни. Изложбата на Аркзин пропатува низ Загреб, Нови Сад и Скопје, Аркзин повторно излезе на киосците како прилог во Новости, Le Monde diplomatique и Зарез, а во соработка со Document е направена и дигитализација на сите броеви на Аркзин кои за сега можете да ги добиете на DVD, а наскоро и на страницата на Архивата за човекови права

На спротивниот крај од спектарот на средбата меѓу интернетот и политиката, годината ја одбележа риечкиот фестивал Република. Во случајот со тој фестивал можевме да се чудиме на парадоксалниот идеолошки спој на средбата на техноентузијастите - промотори на спонтаната идеологија на автономија од државата, bottom-up општествените движења и хоризонтализмот кој е приреден во top-down организацијата на риечкиот оддел за култура. Ако ја оставиме настрана штетноста на културно-политичкиот пристап за развој на дигиталната култура во Риека кој на еден единствен настан потроши повеќе отколку што во последните четири години потрошил на сите настани во полето (предупредување: член сум на културното собрание за нови медиуми во Риека), тука се провлекува и уште едно идеолошко дрвено железо - поимот „креативни индустрии“. Кога станува збор за „креативните индустрии“, сосема се занемарува дека без темелните индустрии како што се текстилната, градежната, дрвната, бродоградителската, IT индустријата или издаваштвото, кои од темел се девастирани, креативните индустрии како архитектурата, продукт дизајнот, текстилниот дизајн или развојот на компјутерските игри немаат иднина. Затоа креативните индустрии не се прашање на културната, туку примарно на индустриската и социјалната политика.

Но, сепак да се вратиме на делата и уметниците. Оваа оскудна година ја одбележа смртта на Алан Секула (го препорачувам на сите неговиот документарец „The Fogotten Space“), излегувањето на книгата „Digital Disconnect“ од Роберт МекЧесни, изложбата на Џереми Делер на Венециското биенале, а дополнително откривањето на книгата на Тимоти Мичел „Carbon Democracy“.

Бојан Ружиќ: Хаикуто на Арапската пролет

Промислувањето на важноста на новите медиумски сервиси како Твитер и Фејсбук барем во еден дел достигна нов пресврт. Но, за да можам да наведам некои позитивни трендови во годината која изминува, сепак морам да се вратам малку во минатото. До пред неколку години среднострујашката критика на новите медиуми речиси исклучиво ја сочинуваа аналитичарите и критичарите кои во дигиталното време за неговите предности и недостатоци дебатираа на ниво на бинарност (добро/лошо или затапувачко/облагородувачко): со знаменосци како површниот Ендрју Кин (Култ на аматерите), интересниот но поларизирачки Николас Кар (Плитко) и умствено најпровокативниот Шери Таркл (Alone Together).

Тие студии излегуваа во печатот паралелно со бранот разнородни протести во светот кои имаа само по нешто заедничко - тоа дека медиумите за нивниот успех речиси унисоно ги пофалија новите медиумски сервиси како Твитер или Фејсбук. Така од една страна истовремено ги имавме протестите на Волстрит (Zuccoti Park), во Иран (#neda), Тунис (#Bouazizi) и Египет (Khaled Saeed), а од друга страна Кин пишуваше за исчезнувањето на културата на професионалците и профанизација на мислата, Кар го оплакуваше нашиот (од интернет чумата) за’рѓан мозок, а Таркл тврдеше дека на плоштадот Тахрир во Египет се наоѓаат истовремено милион осамени души независно од својата вмреженост.

Но, дури ни таквата навидум шизофрена ситуација не е нова на полето на проучување на медиумите, туку означува долготрајна борба со неразбирањето на материјалната структура на медиумите. Во Хрватска, а веројатно и пошироко, тоа најдобро го објасни Катарина Пеовиќ Вуковиќ во минатогодишната студија „Медиумите и културата: идеологија на медиумите по децентрализацијата“. Како е можно истовремено вечното славење на ослободувачките потенцијали на Мрежите кое го прават технофилските протагонисти и ентузијасти од една страна, и оплакувањето на нашата технолошки затемнета иднина која ја понудија технофобите и „реалистите“ од друга страна? Пеовиќ Вуковиќ понуди неколку одговори, а за мене овде најзначаен е оној условно речено марксистички, кој зборува за глобалното неразбирање на новите медиуми како приватни добра кои ја монетизираат сопствената популарност преку перпетуирање на самите идеи како „јавно добро“. Со други зборови, неодговорно е и интелектуално штуро важноста на општествените процеси во последниве години да се објасни или детерминира со бројот на твитови или Фејсбук постови per se. Зошто? Затоа што, од една страна, популарноста на социјалните процеси на Фејсбук е истовремено и „златна кокошка“ за истиот тој Фејсбук кој прави профит од „револуциите“, а од друга страна затоа што токму споменатите факти не смеат да не го земат предвид нужниот предуслов на секоја медиумска анализа - а тоа е политичката и културолошката анализа кои претходат и кои ги наследуваат „медиумските феномени“.

Со тоа не сакам да ја оспорам важноста на новомедиумските ефекти, туку да укажам на нивната политичка и културолошка втемеленост во општеството од кое изникнуваат сите медиумски ефекти.

За таа цел, сакам да споменам една од за мене најважните анализи оваа година објавена во списанието International Socialist Review со наслов „Ќе биде ли револуцијата твитувана?“ Авторот Брајан Лензо нуди детална анализа на сите поважни општествени движења во последните три години преку визурата на еден таков „поширок“ поглед. Некоку моменти кои вреди да се издвојат:

-Твитер имаше многу помала улога во организирањето на протестите во Иран отколку што нашите медиуми нѐ убедуваа. Дури две години по протестите Твитер го воведе фарси како достапен јазик, додека повеќето твитови беа напишани надвор од Иран за публиката која разбира англиски јазик. Речиси цело време страниците како Фејсбук и LiveJournal не беа достапни за жителите на Иран, а некои поголеми градови беа отсечени од интернет и по неколку денови.

-Египетскиот „спонтан протест“ всушност го оркестрираа искусни активисти кои играа пресудна улога во окупирањето на Тахрир.

Иако и самиот длабоко верувам во важноста на таканаречените „социјални медиуми“ во промовирањето на новите облици на политичка борба, појавата на текстови кои дијалектички влегуваат во односите на производството и потрошувачката за мене претставува најзначаен момент во 2013 година, затоа што открива дека корисниците на Гугл и Фејсбук повеќе не се ни потрошувачи, туку се самиот производ. Како во лудиот филм на Карпентер „Тие живеат“, тоа се очилата кои се надевам дека некои вмрежени поединци ќе ги стават на своите очи, а не оние на Гугл. Очилата кои ја покажуваат - да бидам жижековски евтин - реалноста зад нашето фантазирање, односите на моќ зад нашите револуционерни испади. Не за да се спречи промената, туку за да престане да биде рефлексна, а да стане „рефлексивна“ (за тоа филозофот Пол Вирилио пишуваше и пред неколку децении). Сосема сигурно, годината која помина оптимистично ја гледам како онаа која ни порача дека кога приватната компанија Твитер ќе каже „оп“, ние не треба да веднаш да скокнеме.

Во тој дух би завршил со цитат од споменатиот текст кој го парафразира рускиот револуционер Лав Троцки кој во опскурното, но фасцинантно обраќање на Првиот униски конгрес на Советското друштво на пријатели на радиото зборувал токму за таква интеграција на општествената борба и технологија:

„Нужно е еден ден, кога европските работници ќе ги заземат радио станиците, кога францускиот пролетаријат ќе ја заземе Ајфеловата кула, тој ден и час не само работниците од нашите градови и индустрија, туку и селаните од нашите најоддалечени села, да можат да одговорат на повикот на европските работници: Нѐ слушате ли? - Ве слушаме, браќа, и ќе ви помогнеме!“

ТЛ; втора верзија

2013 година со текстовите како оној на Брајан Лензо уште повеќе ја приближи според мене темелната потреба на современата култура: потреба од медиумско образование и не-бинарно гледање на медиумските ефекти. Да се учествува во новомедиумското поле не значи да се учествува во „широкото поле на безгрижните желби, разноличните занимања, недоследните склоности: I like / I don't“, како што пишуваше пред речиси половина век Ролан Барт за фотографијата, туку значи да се учествува во креирањето на просторот на одговорност и рефлексивно интерсубјективно вмрежено мислење.

Уште неколку настани за издвојување:

Ситуацијата околу NSA и Едвард Сноуден која од една страна ја покажа невозможноста за анонимност која киберутопистите отсекогаш ја сонуваат, а од друга страна покажа како новите медиуми можат да се користат и за следење, а не само за ослободување од железните раце на идеологијата.

Книгата на Петер Лофлер, професорка на Универзитетот во Вајмар која во своите истражувања не ги поедноставува читањата на денешната култура како оние кои почиваат на нихилистичката дистракција, туку нуди одлична аргументација според која денешната култура на „дистракија“ не претставува новум на општественото секојдневие туку се надоврзува на некои филозофски традиции од дваесеттиот век. Таа ќе ја прикаже дистракцијата, попречувањето, вревата, како потенцијал, а не како нешто што е пречка за нашето безделништво и креативен процес, спротивставувајќи се на анализите на Кар и сличните. Впрочем, уште во 1903 германскиот социолог Георг Зимел го карактеризира модернитетот како „забрзано натрупување на слики кои се менуваат, остар дисконтинуитет во дофатот на еден поглед и неочекуваност на надоаѓачките впечатоци“.

Крис Пул, основач на 4chan одржа кратко предавање во Риека (Република) во кое зборуваше за работи за кои можеби ни самиот не беше сосема свесен - најмногу за важноста на заборавот и привременоста на интернет, кои стануваат топоси на младата интернет генерација. Ако 4chan го трасираше патот на интернет сервисите кои „не паметат“, дали Snapchat е нов хоризонт? Ако младите генерации сѐ повеќе го избегнуваат Фејсбук бидејќи родителите можат да ги надгледуваат (со оглед на тоа дека и тие имаат профил), дали новиот обид за бегство во анонимност и аполитичност е содржан во Snapchat кој уште сега вреди повеќе од 3 милијарди долари?

Небојша Зелиќ: Наследството на Роналд Дворкин

Да се напише нешто за случувањата во областа на филозофијата со која се занимавам, а тоа е филозофијата на политиката, во минатата година, првенствено значи да се одбележи смртта на еден од најзначајните филозофи на политиката и правото во XX век, Роналд Дворкин, кој почина во февруари оваа година.

Смртта на значајниот филозоф воедно значи согледување на целокупното негово филозофско дело и истакнување на некои негови идеи кои влијаеја на развојот на одредени филозофски перспективи. Смртта на политичкиот филозоф значи истакнување на аспектите на неговото дело кои можат да се забележат во анализата на актуелното општество. Невозможно е на ова место да се опфати целокупната мисла на Дворкин која се движи од интерпретација на уставот до смислата на животот, а особено не софистицираната аргументација со која ги бранеше своите ставови. Меѓутоа, можеме да се осврнеме на некои темелни аспекти кои можеа да ни осветлат и некои моменти од нашето општество во минатата година.

Поставката која посебно сакам да ја истакнам во опусот на Дворкин е онаа според која темелните морални вредности се и достоинството и самопочитта на личноста. Според зборовите на Дворкин - „имаме должност да живееме добар живот“. Но, се наоѓаме во општество кое исто така мора да биде обликувано така што ќе можеме да живееме достоинствено и со чувство на самопочит. Тоа, меѓу другото, повлекува и две работи со чија анализа Дворкин силно влијаеше на современата филозофија на политиката - мнозинството не смее преку заедничките државни институции да им го наметнува на другите своето видување за добар живот и економските нееднаквости не смеат да бидат предизвикани од нешта кои не сме ги избрале, како што е општествено-економскиот статус на семејството во кое сме родени или природните таленти. За да живееме во согласност со вредностите на достоинството и самопочитта, државата треба да биде неутрална кон нашите избори во животот, а за да бидеме навистина одговорни за нашите животни избори сите мораме да имаме иста почетна позиција и тоа си исти економски ресурси. Нормално дека тоа е идеал кој можеби не знаеме како да го достигнеме, но тој може да служи за анализа на тоа колку како општество сме далеку од тој идеал.

Има два показатели дека нашето општество во минатата година почна да се оддалечува од тој идеал. Првиот беше уставниот референдум за бракот со кој мнозинството, користејќи го темелниот вредносен правен акт, му ја отежна на малцинството политичката партиципација во борбата за еднакво признавање на својот начин на живот, а другиот показател е анализата на Еуростат која покажа дека децата на необразованите и сиромашните родители имаат седум пати помали шанси да завршат факултет од децата на богатите и подобро образованите. Ми се чини дека задача на филозофот на политиката во следната година би требало да биде токму анализата на вредностите и идеалите кон кои тежнееме и споредба со нивната имплементација во реалните општествени околности во кои живееме, како што тоа и Дворкин го правеше многу често во јавното дејствување надвор од својата филозофска кула од слонова коска.

За заинтересираните читатели кои се интересираат за развојот на современата филозофија на политиката и трагите на филозофите како Дворкин, Џон Ралс и Јирген Хабермас, сгурно е добар блогот habermas-rawls.blogspot.com.

Исто така, за оние кои се интересираат за моделите на демократска политичка партиципација кои се многу поразвиени и подобри од класичните претставнички демократии или плебисцитарните демократии во облик на референдум, секако е поучен блогот participedia.net.

Александар Благоевиќ: Ништо ново

За мојот вкус еден од најважните слободарски чинови оваа година е покренувањето на процесот на популаризирање на концептот за јавни книжарници. Memory of the World е проект кој на супер начин го разбива концептот на таканаречената „интелектуална сопственост“. Проектот е пионерски, како да не ми се допаѓа! Мислам дека секое воспоставување/пронаоѓање нови, или утилизација на постоечките јавни добра е она што го осигурува нашето позитивно објективно чувство во овој кул свет од една страна, додека од друга страна редундантноста на нашиот отворен и прогресивен систем токму кај ваквите јавни добра (во овој случај јавна динамична инсталација) добро се обезбедува. Зарем не е кул да се отворат можности, убаво и одговорно да се сработи домашната задача и да се пушти идејата да го живее својот живот? А ние нашиот.

Кога ќе ги прашате луѓето кои го прават интернетот во која насока тој се развива, ќе ви речат - во погрешна. Не сум low level web maker, понекогаш сум power user, но како што сфаќам, на иднината најмногу ѝ пречи еродирањето на добрите стандарди - т.е. пенетрацијата на NSA-style експлоатацијата во сето она што не е отворен и слободен интернет. Илустрација за ова е DRM во HTML5 проблематиката.

Немаше момент во кој паднав од столчето откривајќи нешто ново последнава година. Прв пат паднав од стол кога симнував драјвер за мојот нов Тошиба ЦД ром, а последен пат паднав од умор на подот веднаш покрај работната маса за време на војната на Викиликс.

Оваа година во ниеден момент не бев ниту толку среќен, ниту толку преморен; сметам дека конечно пораснав. Како луд „сидувам“ торенти и го тестирам let's share books плагинот за Калибре. Тоа ми е значајно и возбудливо и не престанува да ме возбудува кога на peer листата на мојот нов торент ги гледам по ред Перу, Мозамбик, Тибет, Монако, Луксембург, Франција, Јапонија, Монголија и Аргентина, на пример. Тоа тивко војување во одбрана на The Pirate Bay е симбол на слободата на интернетот. Да!

Ако вонземјаните ме прашаат што е симбол на слободата денес - би рекол The Pirate Bay. Војната за слобода трае веќе десет години. Точка.

Малку боли кога ќе се сфати фактот дека интернетот е како создаден за индустријата за шпионажа и надзор. Ништо ново, ниту скриен, ниту откриен. Понекогаш читам и анализирам за NSA и шпионските и корпорациски алчни програми/бизниси - апсурдни ми се. Фасцинантно е на што луѓето си го трошат времето. Мислам дека тие две фели (шпионски и алчни) на крајот самите ќе се уништат. Ќе се задушат во тој свој кеш и ќе полудат од целата таа шпионажа и сплеткарење. За тие сфери сум наивец, знам. Се занимавам со своите основни слободи.

Од друга страна, повторно ништо ново не се случи, BTC ги потврди очекувањата. Сѐ уште е најдобар кандидат, но сега веќе сите знаат дека не е единствениот. Ако ништо друго, ќе успееме барем со бројот на обиди да го „скршиме“ заостанатиот економски систем. Само да издржиме, мислам дека не се наоѓаме во точка од развојот на цивилизацијата во која протресувањето на еквилибриумот би значело колапс. Ајде да сметаме дека тоа е еден холивудски конструкт и да возиме понатаму.

Од блоговите го препорачувам сјајниот Морозов и одговорот на Сталман. Поминувањето преку овој тек на мислите е драгоцено најмногу поради доброто позиционирање на важните вредности за денешното општество. Како што јавноста (како мнозинство) треба да ги учи и усвојува успешните анархистички вредности на интернетот, така и ние како поединци, делејќи го животот и своите тајни со интернетот, треба да ја градиме таа база како што треба, да трае и да не може да се растури. За иднината. Етиката GNU и FSF проектот е употреблива во сите наши сфери на живеењето. Наједноставно е таа да се разбере како слободно живеење, отворена комуникација и прогресивно создавање и учење без елементи на деструкција - одговорно и пролетерско живеење. Тоа е како кога со свои раце ќе направите оброк - од зрното на билката па до парчето проја на масата, а притоа од никого ништо не сте украле и никому не сте направиле ништо лошо, никого не сте искористиле - сето тоа во прво лице и ведро. Тоа за мене е симбол на етички исправното живење. Пренесете го ова на својата работа, на својот активизам и на своето филозофирање.

The Machine Stops, расказот од Е.М. Форсер сега ми е најсвеж, а резонира со проблематиката за која зборуваме - еве баш сега престојувам во такво опкружување. Во своето шестоаголно катче, сам, со сите инсталации и потрепштни за живот. Имам терминал за пристап кон сѐ, кафе со ѓумбир за намирување на остатокот од физиолошките потреби, додека роварам по информацискиот суб-свет, храна и енергија за живот во тури кои можат да се развлечат на месеци без излегување во надворешниот свет.

Сакам да се задржи овој статус кво. Секогаш ни одело добро таму каде што ја немало државата и државните регулативи. Најдобар пример е интернетот кој е ничиј, без централна управа и полиција. Еве, ако вонземјаните ме прашат што имаме како симбол за успехот и прогресот, нешто супер кул што сме направиле - би рекол, интернетот! Сѐ друго е помалку интересно.

Естаблишментот сериски безуспешно се обидува да го уреди интернетот и да воведе некаква влада и владејачки тела. Океј, тој дел не е толку опасен и тој дел интернетот го преживува. Од друга страна, реално опасно „парче зло“ за интернетот е продорот на корпорациската (читај „интелектуалната“) сопственост во дигиталните јавни добра. Сѐ уште ритамот со кој се менуваат обезбедувањето и одземањето на дигиталните јавни добра е во поволен однос за нас и иднината. Целата финта која лошите момци овде сакаат да ја пронајдат е да најдат скриен код за „легално“ одземање на сѐ што постои. На сите ни е јасно дека тоа е теоретски исход на системот - но повторно, ние толку целосно неорганизирано се браниме од тоа зло. Јас не сум вработен во Националната агенција за слобода, ја живеам слободата без плата.

Повеќе од сѐ сакам законот на Мур некако да се одржи уште дваеет години. Тогаш автономијата на системот ќе биде обезбедена, екстинкцијата на нас „застарените“ исто така. Тогаш конечно ќе раскрстиме со моралната етика на минатото време. За дваесет години светот ќе го води првата генерација digigal native луѓе - само да стигнеме до таа точка.

Извор: www.gkr.hr
Гифови: Bill Domonkoss;
Слика: Сцена од филмот „Матрикс“

ОкоБоли главаВицФото