На седницата за пратенички прашања забранети прашањата поврзани со политика

26.12.2013 16:46
На седницата за пратенички прашања забранети прашањата поврзани со политика

Скопје, 26 декември 2013

Претседателот на собранието Трајко Велјановски уште вчера најави дека ќе му го одземе зборот на секој пратеник кој на денешната седница резервирана за пратенички прашања ќе постави прашања поврзани со политика.

„Нашата библиска Македонија е земја на мед и млеко. Има толку убави теми за кои може да се зборува. Зошто да ја расипуваме идилата со поставување некакви си политички прашања?“, изјави Велјановски за Пара вести и најави дека нема да прави никакви компромиси ако некој макар и алудира на политичка тема.

Колку што можеа да забележат членовите на нашата екипа во собранието, Велјановски доследно се придржувал до новото правило за дебатирање и прекинал дури 13 опозициски пратеници, веднаш штом го спомнале зборот премиер, буџет, демократија и датумот 24 декември.

Новиот начин на расправа во собранието, освен пратениците и министрите од власта, го поздравија и истакнати културни дејци од Македонија, како професорот и писател Венко Андоновски, истакнатиот филозоф Ферид Мухиќ - Ферида и сопствениците на издавачката куќа Табернакул.

„Се радувам што во парламентот се презема формулата која Табернакул ја примени на синоќешната свеченост со Орхан Памук и Виктор Ерофеев. Никако политички прашања. Очекувам во иднина и македонскиот парламент, исто како и културната сфера, да зрачи со вселенско смирение и ангели небесни со фластери на устата да мочаат над Македонија. Оти карши светлото е темното, зад мокрото е сувото, а тврдото е комшија со мекото, и други спротивности што ги спомнувам во секој втор текст“, изјави Андоновски.

Слика: Свирачиња