Соколи со цокули

27.12.2013 03:02
Соколи со цокули

Нека сѐ оди по ѓаволите!“ - рече ненадејно налутено Остап. „Сѐ е измислица. Не постои никаков Рио де Женеиро, ни Америка, ни Европа. Нема ништо. И воопшто, јас знам, последниот град е - Шепетовска, од кој се разбиваат брановите на Атлантскиот океан.
Иљф и Петров, Златното теле


Дали случајот Македонија станува лудачки занимлив или занимливо лудачки?! Обично Тричковски во своите колумни нуди одговори на ваквите дилеми. Нам, кои се крчкаме под задушливото стаклено ѕвоно, светот однадвор може да ни изгледа лудачки занимлив (се сеќавате на филмот „Total Recаll“ - потрагата на Шварценегер по сопствената меморија - кога целана чудна, хибридна човечка менажерија на крајот од филмот почна да се задушува, во недостиг од воздух?!). На набљудувачите кои нѐ гледаат и на кои полека почнува да им станува досадно, островот Македонија (кој се отцепува од брегот и запловува, како во оној друг балкански филм) им изгледа само занимливо лудачки, оти тие, па и во однос на целиот Балкан, ја надминаа фазата на „лудачки занимливо“.

Власта на Груевски - тоа ми е зборот - сѐ помалку може да се анализира или насочува со некој нормален политички или теориски дискурс. Тоа незрело и политички сосема неодговорно друштво (своевиден „Балон на вампирите“) е толку многу забегано во своите аутистични светови што на јавноста (барем на оној кутар дел од јавноста што со цевки се обидува да прошмрка троа воздух надвор од стакленото ѕвоно) ѝ преостануваат само метафорите и сатирата. Само изобличувачките огледала можат да ја доловат целата историска и политичка карикатуралност на нашите новокомпонирани управувачи („балонот на вампирите“, инаку, може да се замисли и како оние стаклени топки што се ставаат над телевизорот и се превртуваат кога треба да падне „снег“ или кога она што било долу ќе треба волшебно алхемиски да стане горе).

Бесмислено е ова што ни се случува. Садењето дрвца. Отворањето срце. Казните за плукање, мочање и цртање. Патриотските фискални сметки. Децата приштекани на компјутери, а кај и да е и вода ќе пуштат во базенот. Занимливо лудачките непрекинати кампањи кои го величаат непрекинатиот и незапирлив труд на власта. Бесмислено е за само две години владеење да потрошиш повеќе десетици милиони евра од граѓаните, исклучиво со цел да ја билдаш својата неумоливо грда слика во огледало (тука го имаме, колега Фрчкоски, не само „синдромот на Доријан Греј“ туку и синдромот на маќеата на Пепелашка). И бесмислено е, притоа, згора на сѐ - налет парите, налет десетиците редакции, агенции и продукции што го опслужуваат скромното македонско кралче-Сонце - и држејќи ја л’снатата чизма над вратот на речиси сѐ што мрда во Македонија, да им се закануваш со парични казни од по 100.000 евра (ко да мочнале негде, ко да плукнале, ил не дај боже графит исцртале) на неколкуте несреќници што се осмелиле да ги забришат огледалцата и да наслушнат по дупките дали има нешто ново за ушите на Трајан (баш ги спомнувам, Тричковски и Фрчкоски, предавник до предавник, блудни дејства со Бакојани, неморал на јавно место, шири тоа обвинителниот акт!, ама пред тоа да поминат и низ цртаниот филм, т.е. низ „топлиот зајак“ на нашите избрани „народни новинари“).

На периферијата на Москва постои таканаречениот „Птичји пазар“. На тој пазар можат да се купат соколи, специјално тренирани за да ги растеруваат гулабите („соколи со цокули“). Тие соколи ги купуваат во Кремљ, за кремаљските куполи да останат сјајни и златни, а Црвениот плоштад чист.

На „Птичјиот пазар“ има и други интересни работи - ластовици, на пример. Препродавачите нудат ластовица за само неколку рубљи. А што ќе му е на човек ластовица?! Зарем и ластовица може да се поседува како папагал или канаринец?! Лукавите московски шверцери на птици домислиле спектакуларен пазарен пресврт: луѓето купуваат ластовици за да ги ослободат, а не да ги поседуваат. За само пар рубљи човек може да ослободи ластовица.

„Ослободи го срцето“, како што би рекле маркетиншките махери на кралчето-Сонце. (Се разбира дека тие се тотални идиоти, како што би рекол доктор Хаус, и не би погрешил. Кога веќе го спомнувам доктор Хаус, еве една сцена, таман за фуснотава: низ преславната Принстонска болница енергично се шетаат доктор Вилсон и доктор Хаус со својата повредена нога и со својот стап. Во еден момент Хаус збунето прашува: „Па кај одиме ние?“ А Вилсон злобно му вели: „Нигде. Само знам дека те боли ногата од одење“.)

Ете, на тоа ми наликува нашиот лет во место, нашето гризење на сопствената сосема несварлива опашка. Агентите на кралчето-Сонце ловат ластовици. Цел мандат - исклучиво тоа. А сентименталниот народ исто толку доследно - два мандата, ако треба! - на птичјиот пазар под име „Македонија“ постојано ги откупува ластовиците („Садиме дрвца, ослободуваме срца“). А Вилсон вели: „Нигде не одиме. Онака, те шетам, затворам фигури, метафори“.

Ми се чини дека најтажната работа Груевски допрва го чека: кога никој веќе нема да верува во здивеаната пропаганда. Кога со потсмев ќе се отфрлаат како најевтина реклама дури и добрите работи што ги прави оваа Влада. И кога веќе тотално нема да знаеме што е рекламен трик а што стварност.

„Пали, кога не си ја знаеш вистината“, му вели поискусниот Дарко Дамески на младиот Слободан Димитриевиќ (кој тргнува, во очај, да пали сѐ) на крајот на филмот на Бранко Гапо, „Време без војна“. „Пали, кралче-Сонце! Со своите лекокрили зраци спржи сѐ!“ За следната година пак да посадиме дванаесет милиони дрвца. И да ослободиме дванасет милиони ластовици.

Слики: Свирачиња
Утрински весник, 24.11.2008.