Еден час во ИКЕА или каде оди овој свет

27.12.2013 17:51
Еден час во ИКЕА или каде оди овој свет

Излегов сабајле невообичаено рано. Тргнав по продавници, да барам столови за на балкон. Отидов во една, нешто не ми се бендисаа, па си реков ајде да видам што има во Икеа. Стигнав таму, фантастични 40 минути порано. Се изнервирав. Што да правам сега, кај да утепам толку време? Ајде си викам да се прошетам, ама без некое очекување. Се маткав 5 - 10 минути низ шопинг центарот. Повеќето продавници затворени, а во излозите и во тие што веќе работеа - шаренило, намаленија врескаат од сите страни, ветувања за заштеда ако испазарите таму, секакви предмети обесени на закачалки. Ужас. Видов - не видов, решив да седнам и да пијам кафе. Најдов едно место, Јамајка Блу се викаше, и на натписот тврдеа дека прават добро кафе. Отидов на каса да нарачам, бидејќи на маса не служат. А таму една нерасположена женска ми ја прими нарачката, ме праша дали сакам појадок и ми покажа со прстот накај пластичната реклама за пржени јајца со сланина. Не, фала, ѝ одговорив, а во себе се прашав колку е тој појадок јамајкански. Седнав. По неколку минути една друга женска, со безличен израз, со поглед изгубен на подот и дланки обложени со полупровидни пластични ракавици ми го послужи кафето. Од ракавиците ми се згрчи стомакот. Тие ми беа знак на безумна опседнатост со хигиена премината во стерилност. Но повеќе од тоа, ракавиците многу ме потсетија на часовите по анатомија, кога сецирав мртовци со исти такви на рацете, за заштита од формалин. Значи кафето го пиев заштитена од сѐ живо и мртво. Во меѓувреме се фативме во муабет со Искра, а кога завршивме се упатив кон Икеата.

Таму гледав, седев, тестирав, ама ниедни столови не ми фатија око. Едно време пробав да се вратам, да проверам еден стол по втор пат, ама заталкав низ лавиринтот, и покрај стрелките на подот, и почнав да се вртам во круг. Два - три пати поминав покрај истите луѓе, одејќи во спротивен правец. Почна да ме фаќа паника, со чувство дека сум заглавена таму, дека нема да можам да излезам, иако знаев дека не можам да се изгубам. Некако успеав да се свртам за 180 степени и да тргнам во вистинскиот правец, т.е. кон надвор.

Во меѓувреме, пикав секакви дребулии во жолтата торба, curtesy of Ikea, додека не стигнав до една голема корпа полна со кујнски часовници, тајмери, онакви што ти го пазат времето, за да можеш да се занесеш во нешто друго. Беа црвени, сини и зелени по боја. Навив еден да видам како работи. Од тајмерот се слушна гласно тик-так, тик-так. Потоа зедов друг, и го направив истото. Потоа трет, четврт. Почувствував наплив на возбуда и потреба да навијам што повеќе тајмери, можеби сите, за да тиктакаат истовремено. Имаше нешто субверзивно во тоа, сакав да направам голема врева, можеби заради фрустрацијата од она што претходеше, од ракавиците за мртовци, од талкањето, од дезориентираноста. И додека така со задоволство ги навивав тајмерите, одеднаш станав параноична: а што ако тука има камера, и некој ме гледа и си мисли дека… кој знае што, дека комплетно сум откачила… брзо ја оставив мојата мала одмазда и се одалечив од корпата. Зедов уште неколку ситници без кои наводно не можам да живеам, но пак некако се најдов во близина на тајмерите. Во тој момент покрај неа стоеја двајца момци и една девојка и кобајаги крадешкум, но со големо уживање ги навиваа тајмерите, еден по еден. Си реков добро е, не сум само јас.

Тргнав накај излезот, каде се соочив со самоуслужна каса и уште еден паничен напад. Како ли работи скенерот и како се плаќа?! Една од помошничките на Икеа (не би можела да ја наречам продавачка, зашто не е тоа) ми помогна, но со израз на лицето кој велеше: како можеш да не знаеш?

Додека излегував се прашував со колку ли безлични искуства човек мора да се соочи во едно вакво не-место. Што ли уште ќе треба да научам за да бидам компетентен купувач во трансакциите со машини? После оваа епизода и понатаму ќе ги претпочитам малите улични продавници, иако шопинг центрите, со сета нивна стерилност, безличност и потенцијал за дезориентираност, се некогаш неизбежни.

И да не заборавам, меѓу оние ситници со кои ја напуштив ИКЕА се најде и еден зелен тајмер.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото