Сите ордени на Керим

28.12.2013 11:29
Сите ордени на Керим

Слушам дека највисокото признание на Штип - орденот „Свети Никола“ - му го доделиле на д-р Срѓан Керим.

Мора да му го закачиле на к...., реков, сркајќи од салепот со цимет, додека моите пријатели во загрепскиот хотел „Шератон“ климаа со главите, кога по мала пауза додадов дека остатокот од телото одамна му е покриен со медали, ордени и разни други одликувања.

Истовремено, од инсајдерски извори во неговиот кабинет, дознав дека во Клиничката болница „Сестри Милосрдници“ ја разработуваат варијантата за лапораскопско закачување на идните медали во длабоката внатрешност на докторот. Се работи за многу софистицирани истражувања на способноста на панкреасот да го прифати три килограми тешкиот Медал со вкрстени платформи за нафта на султанот од Брунеи или Големата ѕвезда на украденото дрво на „Македонски шуми“. Треба, исто така, да се види како ќе се однесува левото белодробно крило ако му се обеси Големото темнозелено шише како највисоко одликување на заедничката Асоцијација на тешките алкохоличари и институционализираните лопови!

Од кабинетот имаат разбирање за големиот интерес за одликување на најодликуваниот доктор во Бившата држава на Македонците. И во остатокот од светот. И, истовремено, молат за трпение!

- Сите ќе дојдат на ред, доктор Керим нема да одбие ниту еден орден или награда, но, просто, сите треба да почекаат слободни места на неговото тело подготвени да ги примат сите тие одликувања. Уште еднаш сакаме да повториме и да ја смириме јавноста, да ги избегнеме турканиците и можните инциденти пред неговата канцеларија: длабинските сондажи утврдија сигурни резерви на квалитетно ткиво за уште 125.789 милиони медали и ордени што на секој разумен треба да му каже дека порано или подоцна ќе ја добие честа да го одликува доктор Срѓан Керим - порачуваат од „Институтот“ за одликувања што работи во рамките на неговиот потесен кабинет!

На 8 септември следната година во Музејот на револуционерната борба на македонскиот народ против слободата и самосвеста, доктор Керим ќе се изложи самиот себе со сите ордени и медали. Ако ќе го послуша крикот на народот! Инсталацијата ќе биде поставена со употреба на три тешки товарни хелихоптери од типот МИ-26 и два „Чинука“!

Тоа ќе биде шанса да ги провериме злобните инсинуации на македонските лузери кои тврдат дека Срѓан Керим, всушност, не постои, дека лицето со тоа име умрело од детски сипаници кога имало три години и дека неговиот идентитет го зел некој колекционер од Санта Барбара, или уште позлобните тврдења дека тој постои само како носач на ордени и функции и дека ако му се симне целиот тој метал кој на еден апсурден начин го држи исправен, ќе се свие како говното на Бан Ки Мун што го гледав како се приземјува зад сините испарувања, кога серевме во шаварот на Форт Лодердејл, додека влажните очи на крокодилите не гледаа со некоја чудна, мајчинска, би рекол, топлина!

Идеален кандидат за последен претседател на Македонија!

Вториот кандидат за претседател смета дека проблемот со загадувањето на воздухот може да се реши ако трудните жени и луѓето постари од 60 години не одат на работа и ако во детските градинки успеат да се воздржат од активности на отворено на минус шест степени! Очекував дека ќе препорача жените да не (се) затруднуваат пред да падне снег, зашто забрзаното дишење во затруднувачкиот процес може да ги убие македонските родители додека ја спроведуваат пронаталитетната политика на владата, но од страна на неговите премиерски советници било оценето дека ако луѓето престанат да се ебат меѓу себе, ќе посакаат да ја ебнат власта!

Освен тоа, сега се гледа смислата на вработувањето на илјадници ебиветри кои во државната администрација воопшто не одат на работа, односно тоа ми ја покажува неговата моќ и моќта на владата да ги антиципираат, а можеби и да ги конципираат процесите на сеопштото загадување!

Оти, кога подобро ќе размислам, гледам дека загадувањето е прекрасен феномен, со кој преку волшебните инструкции на владата луѓето се држат во постојана ангажираност за себе, за своето семејство, за градот и најмногу за нацијата, за нејзиното достоинство и за нејзиниот семоќен и мудар лидер. Што не им дава многу време да се занимаваат со други теми, со теми како што е слободата, да речеме, или, правото и правдата, процедурата, со теми какви што се реалните димензии на кретенските статуси на нив и на нивните мили чеда, со темата за сеопштата пљачка!

Кога е воздухот чист, народот го занимаваат со садење на иднината, кога не е на садење дрва - го носат на ручек на некои од скопските мостови, ако не е на ручек - го канат да зјапа во цицките на Цеца на некој прилепски пиволенд или на некој валандовскиот празоленд, ако не е на празоленд - го викаат на крстоградба, итн. Ако ве потсетува ова на една од основните дефиниции на Ур фашизмот кај Умберто Еко, тогаш знајте дека сте сосема во право.

Речиси сум сигурен дека најголемото загадување не доаѓа од печките на Минчо туку од кампучијанскиот дух што испарува од зградата на Илинденска бе-бе.

Слушнавте ли што рекол Надвојводата Шарло откако Брисел нè отфикари од сите агенди? Рекол дека Македонија ќе чека Европа да каже кога е спремна да нè прими!!!

Не знам дали е полуд човекот или овој народ што го трпи!

Тоа што сопствената власт, а не Грција, ја блокира Македонија на патот кон Европа, тоа е битен аспект на културоцидниот проект, на процесот на политичкото декапацитирање и историското десубјективизирање, на самокретенизирањето на еден народ какво што не е забележано во политичката историја на цивилизацијата!

Ние сме жртва на Злосторничкиот потфат на едно Злосторничко здружување! Кој нема да го сфати овој момент како појдовен став нема да разбере ништо и нема да биде чудо ако умре без да знае дека повеќе од сите костенџии, воздухот го загадуваат гасовите што се ослободуваат во напреднатите процеси на распаѓањето на Македонија!

Македонија ќе знае дека е библиска земја ако успее да го убеди да стане нејзин претседател пред да умре! Мислам на Македонија! А и на Него, фала Богу и Тодору Петрову!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат