Мал есеј, машкуданест

30.12.2013 10:08
Мал есеј, машкуданест

Дали влакнестите нозе на мажот се „мажествени“? Ако се, тогаш какви се влакнестите нозе на некоја жена? „Женствени“ сигурно не се, што не значи дека нема такви кои ги привлекува таквата „неженственост“.

1.

Не знам што маскулинитетот навистина значи, но отсекогаш сум бил меѓу оние кои се спремни да учат. А и да знам што значи тој збор, тоа не би променило многу. Во секој случај, наградата би останала иста: мало пакување наполитанки и тоа оние со вкус на лешник. Никаде не пишува дека тие се добри за нас, но ние сепак ги земаме, отвораме и почнуваме да јадеме. И додека тие крцкаат под нашите заби, јас ги собирам трошките и парченцата кои се обидуваат да избегаат од судбината, но сепак заклучуваат дека бегството е залудно. Постоењето трае додека трае и не трае додека не трае, сѐ останато е илузија, сѐ останато е болка.

2.

Дали маскулинитетот треба да го сфатам како „мажественост“ или „машкост“ и дали нивниот однос се повторува во парот „мажествен“ и „машкуданест“? Има ли „машкуданести“ хомосексуалци? Толку прашања за осамениот патник кој се осмелил да чекори во шумата од прашања за поделбата на улогите помеѓу половите. И кога еднаш се почнува со прашањата, може ли да се очекува дека воопшто ќе стигнеме до крајот? И зошто тој маскулинитет воопшто би бил толку важен? Стравува ли феминизмот од маскулинитетот? Или тоа спаѓа во доменот на маскулинизмот? На сите тие прашања овде не треба да се очекуваат посебни одговори. Моето знаење за маскулинитетот е всушност мое незнаење за маскулнинитетот. Ниедна библиотека не може да ми помогне во тоа.

3.

Дали влакнестите нозе на мажот се „мажествени“? Ако се, тогаш какви се влакнестите нозе на некоја жена? „Женствени“ сигурно не се, што не значи дека нема такви кои ги привлекува таквата „неженственост“.

4.

А што е со мојата некогаш долга коса - дали ѝ дозволив да порасне поради мојот „маскулинитет“ или против него? Дали ѝ дозовлив да биде толку долга (до половина од грбот, да речеме) затоа што го претставуваше она значење кое овдеѝ беше припишувано (прикриено изразување на хомосексуалноста) или она кое го заговараа припадниците на алтернативната култура („Коњскиот опаш на главата на мажот е најубавиот можен континуитет на американската историја и култура“, рече една русокоса Американка додека еден на друг си ги мрсевме долгите влакна, со тоа што моите беа црвени.)?

5.

Светот е најубав кога е во рамнотежа, но таквите мигови се ретки, и доколку погледнеме во кој било учебник по историја, тие се секогаш безнадежно неважни. Војната отсекогаш била придвижувач на сите нешта; мирот на сите им е здодевен, непродуктивен и залуден. „Водете љубов, а не војна“ всушност беше повик на војна против конзервативните идеи и нивните поддржувачи, и нема никаков сомнеж дека т.н. пацифисти, само ако ја имаа поддршката од војската, крваво ќе се пресметаа со конзервативците.

6. „Автобиографија“, еден од моите кратки раскази напишани во една реченица, гласи: „Во преполовените огледала го гледате само долниот дел од своето тело.“ По малку невешто срочена, таа реченица требаше да каже дека нашите автобиографии се производи на нашите гениталии, дека приказните на нашиот живот всушност ги испишуваат нашиот пенис и нашата вагина. Во преполовеното огледало тоа јасно се гледа: во забавената тишина пенисот бавно се ниша, додека вагината немо седи во ладовината на старата круша. Пенисот помислува дека би било добро тој и вагината повторно да се соочат на натпреварување, како што беше она од пред неколку дена. Тогаш, до душа, триумфираше вагината, но пенисот е сигурен дека овој пат ќе биде подобар. И да, секако, овој пат беше подобар, со тоа што треба да се има на ум дека тоа е непрестајна борба од која во архива се праќаат само извештаите од двонеделните анализи на остварените резултати. Ужасна реченица чијашто конструкција ништо не може да ја оправда. Најмалку тоа можам да го кажам јас, кој додека таа реченица се мачеше со своето настанување, го употребив целокупното свое знаење - што и не е толку големо - за да пронајдам реченица која би послужила како противтежа на првата. Во однос на пенисот и вагината тоа е сосема безначајно, како што е безначајно и сѐ останато. Ние живееме во нивниот свет, а не тие во нашиот. Во нашиот живот ректо што испаѓа добро; во нивниот, пак, страниците на нивните роковници се преполни со веќе утврдени обврски. Што сѐ нема тука: предавања, семинари, работилници, тркалезни маси, воведни зборови, завршни анализи, списокот е бесконечен. Но, каква врска има сето тоа со почетните искази за автобиографијата - што всушност секогаш би требало да се пишува во наводници, како што Набоков предлагал за зборот „стварност“. Навистина, што е стварност, односно, што е автобиографија? Ако не се лажам, тоа се синоними, што или објаснува сѐ или прави сѐ да биде несовладливо замрсено - изборот е само ваш, односно наш.

7.

Феминизмот и маскуларизмот ни се неопходни за да го одредиме своето место во зрнцето простор кое ни припаѓа. Сѐ е во ред додека тие се во рамнотежа, додека сите знаат кој на кого припаѓа. Во оној час кога се губи рамнотежата - како во приказните кои ја изгубиле рамнотежата - почнуваме да се губиме и ние. Тоа е грда слика, но мораат да постојат и такви слики, не е сѐ во убавината. Ниту јас, на пример, не сум убав, иако давам сѐ од себе да изгледам така. Тогаш долго се гледам во огледало, го воочувам обликот на мојата глава, брчките на челото, заобленоста на брадата, вжареноста на очите, благо отворените усни, болникавите образи. Каде е тука маскулинитетот, каде е зовриената мажјачка крв? Бледилото ме покрива како свилен покривач кој се спушта од голема височина. Уште малку, па тоа би можел да биде падобран, онака четвртест како на еден цртеж на Леонардо да Винчи. Вистинско чудо е што нему, како некој кој знаел сѐ, не му паднала на памет облината на куполата. Но затоа се досетил на Мона Лиза, тоа суштество во кое нема ни машки ни женски принцип, туку постои нешто сосема трето, нешто што сѐ уште се обидувам да го најдам некаде на мојот јазик, но колку и да се обидувам, не наоѓам ништо. Баш ништо.

Извор: Сараевски тетратки, бр. 39-40, 2012
Слики: K. Kriesel

Слични содржини

Квир / Теорија
Општество / Квир / Живот
Фотографија / Квир
Квир / Око
Квир / Уживање / Теорија
Квир / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото