Рускиот Бин Ладен: Со максимална сила за спречување на Олимпијадата

30.12.2013 11:23
Рускиот Бин Ладен: Со максимална сила за спречување на Олимпијадата

Исламистичкиот водач Доку Умаров се закани дека ќе го спречи одржувањето на Олимписките игри во Сочи.

Овој самопрокламиран емир на Кавказ стои зад самоубиствените напади во московското метро во пролетта 2010 година, кога загинаа најмалку 40, а беа повредени повеќе од 100 луѓе. Тој додава дека ги наредил и нападите на аеродромот „Домодедово“ во 2011 каде настрадаа најмалку 37, а беа повредени околу 180 луѓе.

Умаров поради тие напади во меидумите е нарекуван „рускиот Бин Ладен“. Во февруари 2012 неочекувано им нареди на своите муџахедини да ги запрат нападите на цивилни цели во Русија и да се концентрираат само на воените и безбедносните мети.

Меѓутоа, подготовките на руските власти за зимските олимписки игри во Сочи, кои ќе бидат одржани во февруари, очигледно влијаеле Умаров да го промени мислењето. Во пораката која ја пренесоа медиумите, тој најави дека ќе употреби максимална сила за да ја спречи Олимпијадата на брегот на Црното Море, во близина на Кавкаските планини.

„Денес мораме да им покажеме на оние кои живеат во Кремљ дека нашата добрина не е наша слабост. Тие планираат да ја одржат Олимпијадата врз коските на нашите предци. Врз коските на многу мртви муслимани погребани во нашата земја покрај Црното Море. Од нас, како муџахедини, се бара да не го дозволиме тоа. Ќе ги користиме сите методи кои Алах ни ги дозволува“, гласи пораката до чеченските терористи, која Умаров ја снимил во шума облечен во маскирна униформа.

Американскиот Стејт Департмент во 2010 го стави „емирот од Кавказ“ на листата на глобални терористи, поради можните напади на територијата на САД и нејзините сојузници.

Во меѓувреме, се случија два терористички бомбашки напади во Волгоград, на железничка станица и во тролејбус. Во првиот напад загинаа околу петнаесетина луѓе, додека во вториот животот го загубија десетмина.

Нападите се случуваат четириесет дена пред почетокот на олимписките игри во Сочи.

На оваа тема, на Окно може да го прочитате текстот: И Бејрут би бил подобар од Сочи

Извор: www.rferl.org