Новогодишен карван на глупости

31.12.2013 09:22
Новогодишен карван на глупости

1.

Не дека и преку годината немаме еден тон глупости, ама околу Нова Година како да побудалуваме. Во сѐ, секаде, и начисто. Некои, што е право, не ги фаќа лудилото. А и нема зошто, ги држи перманентно, во континуитет. Константна состојба на умот. Би било чудно кога би било поинаку. На пример, некогашното Министерство за култура, денес камуфлирано во Министерство за леб и игри да се „уозбили“, да се зафати со сериозна работа, да седнат да подготват (барем) еден годишен извештај за тоа што сработиле. Ако воопшто нешто сработиле, во што сите (со право) се сомневаат. Ама луѓето таму, барем оние што мислат дека раководат со македонската (не)култура не се навикнати да (с)работат. Тие се таму да земаат плата. И да прават глупости!

Последната ступидарија во албумот за вечност, нормално, пак е врзана за забавата како нивна основна и единствена преокупација, па „стручњаците“, ете, решиле дека македонската култура не ќе биде „на нивоу“ ако на „Макфест“ не му се даде еден шлепер пари. А, впрочем, што и би била македонската култура без сите такви фестивали, што друго би правеле луѓево освен да слушаат распеани тралалајки? Та книги ли ќе читаат, на изложби ли ќе одат, можеби во театар, не дај боже во библиотека да стапнат, или на концерт? Впрочем, според „стандардите“ на нашево Министерство за леб и игри тие безвезни нешта и не треба да се вбројуваат во сериозната култура. Тоа ќе да се некакви второкласни заебанции измислени во времето на комуњарите, кои со сила го тераа народот на изложби, во театар, на концерти! Затоа, удри бригу на весеље, што би рекле Србите (ама не и оној Стоиљковиќ, Србин над Србите, кој сака да е „свој на своето“), пеј и зло (не) мисли. Искрено се надевам дека Троицки, кого го почитувам како вреден човек, нема да го разбере ова како удар на „Макфест“. Ама, сериозно, немаме ли попаметни нешта во културата каде што треба да ги насочиме парите? Не знам како е измолена онаа поддршка за класичната музика, ама и таа доаѓа post festum, после „славниот“ указ за делење пари „капом и шаком“ на фолкерите и тралалајките како заштитени бели мечки на македонското општество.

2.

Но, ако случајно го прашате славниот ни Синдикат – оној што никако не можете да го видите – тие се на иста бранова должина со Министерството за леб и игри, барем што се однесува на културата. Да не се состануваат навечер, тајно, па разглабаат културни стратегии и тактики? Зашто, гледаш дека идентично мислат. Поточно – не мислат. А можат и да си ги сменат местата. Оние од Синдикатот да одат во Министерството, а оние од Министерството во Синдикатот. Никој нема да ја забележи разликата. Дури, овие од Министерството ќе пополнат некоја дупка во другите гранковни синдикати, како на пример во земјоделие, во здравство, во манекенство… и пациентажа, секако!

Или, ако некому не му е јасно, треба да прочита што нашиве страобално глупави синдикалци подразбираат под култура. Е па, кога три илјади културњаци прифатија тутуруткана Дојчин – има слика нема глас, а сѐ повеќе нема ни слика ни глас – да им биде претставник, или пак онаа сурија околу оној битолчанецон, па, па пааа. Та тие „стручњаци“ да ти сметаат дека во македонската потрошувачка кошничка, во делот култура, биле битни три ставки: еднаш месечно одење во кино, плус претплата на еден дневен весник и едно месечно списание! Бравооо, „стручњаци“. Ама мислам дека сте претерале. Сте се надминале и себеси. Сте вклучиле дури и читање на месечно списание, што за вас му доаѓа како напор еднаков како да сте го прочитале „Војна и мир“, во цели три тома. А во кино што гледате? „Ивица и Марица“ илити „Јованче и Марика“? До таа буква ли сте дошле или и тоа е прекомплицирано за кикиритките во вашите глави?

Е па, ако и Министерството за леб и игри и Синдикатот заедно мислат дека македонскиот граѓанин не заслужува повеќе од едно одење во кино и читање на весници, а на националните телевизии освен турските серии може да им се даде и по некое домашно фестивалче, тогаш за која и каква култура говориме? Па и во пусто турско имале подобра понуда, за српското да не говорам. (Она српско за коешто солзи рони Стоиљковиќ и сака да си/ни го врати. Во што, додуша, и успева, наспроти патриотиве. Го има Театарот „Краљ Александар Први“, го смести и Душан, милина). И повторно ќе прашам: за таква култура на леб и игри се залага ли и Советот на Министерството за леб и игри, составен од „еминентни“ претставници на лебот и игрите во Македонија? Зошто седат тие персони таму, почнувајќи од академикон, па преку џезерон-опинчар, авангардистон-антиквизатор и остала боранија? На нивен крипто критериум и суд ли спадна македонската култура, којашто секој ден ја гледаме на дело? А ќе гукне ли некој од гулапчињава – можеби оној Драгиша како „еминентен“ музОалец – за кражбата во музејот на македонија? (Ни „о“-то во музеалец ни малите букви кај музејот не се техничка грешка!). Или тоа е над нивното ниво, та не седат тие за тоа таму?! Иако, всушност, никој до денес не разбра за што седи таа уфитилена сенишна компанија таму. За да молзат пари за лични проекти?

3.

И, се разбира, новогодишниот карван на глупоста не би бил тоа што треба да биде без – вистински карван. А за тој е одговорен кој друг ако не онаа гооолема и пооозната пиљара чиј сопственик така помпезно и самобендисано се престори во главен архитект и ни го украсуваше градов во изминативе години.

Е тие, како општествено одговорна фирма (sic!), тргнале во вистински карван и делат подароци. А бе луѓе, зошто арчите свои тешко спечалени паре? Па вие веќе ни го дадовте најубавиот подарок што може да се замисли. И тоа купен со наши пари! Ни го стокмивте градов според вашите пиљарски параметри и патолошките соништа на нашион Сарајлија, Вангел и компанија, ни ги подаривте Ацета, Филипа и целото им семејство, Гоце и Даме, киклопон Карев, оној Ченто што апсел луѓе па како благодарност му направивме споменик, ни ги посеавте низ центарот оние грозоморни нешта кои Министерството за леб и игри ги нарекува скулптури, нѐ „облагородивте“ со оние филмски кулиси покрај Вардар и да не ги спомнувам трине „генијални“ во идиотштината (такозвана „ленд-арт инсталација“, според нашана непрежалена Национална галерија) врби среде реката… Та вие нѐ „просветливте“ во сознанието со каков всушност „творечки“ потенцијал располага оваа земја, почнувајќи од оние „архитектине“ кои градат мостови што не водат никаде, кои од восхит по јајцето наречено Универзална сала почнаа да ја барат кокошката, кои од калливите опинци влегоа директно во македонскиот Версај… Па ние вечно ќе ви бидеме благодарни што ни ги откривте „најдобрите“ балкански преваранти, пардон „уметници“, кои наплатуваат сѐ живо и диво, дури и алатот што се подразбира дека (треба да) го имаат! Ама не е лошо да се наплати уште еднаш, нели? Особено кога шефот е така дарежлив, со туѓи пари!

4.

Но финалниот шлаг на новогодишната торта на идиотштината го филува нашата духовна братија. Зашто, не може профаното без духовното. А кај нас духовното е – најпрофано. Испрофанисано до зла бога!

Елем, нашиве „владици“ (ако некого го интересира зошто служат наводниците, нека се јави, ќе му објаснам), намислиле да ја редат со мозаици новата црква Св. Цар Константин и Елена, онаа што се гради од донации што луѓето не ни знаат дека ги дале, и што така ревносно ја чуваше едно „здружение“ на хистерични баби, коешто прво ја уриваше Општина Центар, а потоа ги бранеше темелите на црквата. (Инаку, патем, оваа денешнава црква нема три благе везе со таа што треба да ја имитира, ама нека им биде! На тоа „владиците“ ништо не им пречи сѐ додека „капе“).

Како и да е, намислено – сторено, па МПЦ си објавила конкурс за избор на уметник кој ќе ги изведе мозаиците во црквата. Конкурс ко конкурс, ама не е. Зашто ѓаволестиве „владици“, од што им е досадно, намислиле прво да си помуабетат со уметниците што ќе се пријават, односно прво доообро да ги испрашаат(?) како и колку тие знаат за византиската иконографија, што сработиле во животот, дали можеби се верници, пушат ли, какви се нивните размислувања за добрите/лошите мозаици во православниот свет, можеби ќе ги потпрашаат и за нивните размислувања за истополовите бракови, за абортусот можеби и сл. Е ако уметникот го помине овој прв (тие велат теоретски) дел, го чека вториот дел: „изработка на парче мозаик, на точно зададен лик од светител, (Св. Климент од Перивлепта), допојасна претстава во природна големина, со природни камчиња, без отстапки од цртежот, а со сопствена интерпретација во претворањето на зададената фреска во мозаична форма“. Шампиони!

Ама и тоа не е сѐ. Има уште, има и еден предуслов, којшто вели: „ПРЕДУСЛОВ за избор на уметникот е претходно во целост да ги познава каноните на православната иконографија, традициите и православната духовност, да го работел тоа, да се занимавал со фрескоживопис (кој би имале можност да го видиме во живо), како и да има искуство во изработка на мозаици во византиски стил (истиот како продолжение на традицијата на нашите цркви). Технички и технолошки да е образован и да има преглед врз историјата на православната уметност како низ вековите така и денес. Секој кандидат треба да ги презентира своите размислувања и на според него светски добри примери од мозаици со православен карактер, да ги презентира своите знаења и размислувања и да ги сподели со одговорниот тим“. Бре, бре, брее! Ама има уште, односно „владициве“ појаснуваат дека „станува збор за огромни површини кои временски не би можел еден уметник сам да ги сработи“, па „би се направил избор на Тајфа од уметници – мајстори во која одговорен ќе биде најдобриот и најспособниот уметник“! Сполај ви на глупоста, неизмерлива е!

Барем мене, сега, многу појасна ми станува претставата зошто всушност МПЦ е на ова дереџе и другите едноставно не ја играат. Па кој може да се разбере со вакви сезнајковци кои сѐ уште живеат некаде длабоко во средниот век? И со свеќи ги бараат Михајло и Евтихиј за да ги ангажираат за новата црква. Ама тие не работеле мозаик, ниту пак го работеле тајфите на Папрадишки и другите. Како ли ќе ја склепаат оваа тајфа, а особено како ли ќе го изберат „најдобриот и најспособниот уметник“? Замислете ги наредени неколку „владици“ – веројатно сосе Петар, како стручњак за сѐ, па Тимотеј, по охридска христијанска линија, па некој од помладине турбосезнајковци – како ги испрашуваат уметниците (кои се, што се, што знаат и умеат), па им ги оценуваат делата… па, па, пааа! И замислете го еден Чемерски, на пример, како маестро на македонскиот мозаик, ако реши да се појави на конкурсот, седнат пред нив и им одговара на глупавите прашања. А знае повеќе од сите нив заедно, сосе останатите „владици“ и попови, сосе целата МПЦ, топтан. И им ја објаснува сопствената уметност, сопствените погледи на византиската иконографија (за којашто пишувал цели есеи), а дудуциве немаат поим што говори. Кој ли смисли таква перверзија, или и овде важи типично македонското правилото: тоа што можеш сам да си го направиш, никој не може да ти го направи!

Елем, карваниве се кинисани, велат. Ама – ќе стасаат ли? И каде?

Извор: teodosievskizapisi.wordpress.com

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото