Сноуден и Гринвалд (2)

31.12.2013 10:55
Сноуден и Гринвалд (2)

Сноуден растел во сенка на најголемата организација за собирање разузнавачки податоци на светот – НСА – во Крофтон во округот Ен Арундел, во државата Мериленд. Ситуирана, плански одгледана заедница од средната класа со 27 000 жители која списанието Money ја категоризираше меѓу „100-те најдобри места за живот“ – Крофтон, како и градовите од околината, давал работна сила во областа на одбраната и разузнавачките служби од таа област. НСА, која вработува десетици илјади луѓе од јавниот и приватниот сектор, била оддалечена само дваесетина километри, во Форт Мид, чие средно училиште се гордее со „програмата за домашна безбедност“ преку која ги подготвува децата за оваа индустрија.

Тука, буквално секој работел за владата или пак во областа на „компјутерските технологии“, се сеќава Џошуа Стјуарт (30) кој се доселил во Крофтон 1999 година. „Никогаш не знаевме што работат возрасните за плата“. Имало куќи со посебно обезбедени телефонски линии, „бетмен телефони“, како што ги нарекува Стјуарт, кој денес е репортер во слободарскиот дневен весник Orange County Register од Калифорнија. Некои, во своите куќи имале дури и сопствени „глуви соби“.

Син на општински службеници – таткото Лон работел во крајбрежната стража а мајката Венди е службеничка во окружниот суд во Балтимор – Сноуден бил слабо, тивко момче кој изгледа дека не им оставил особен впечаток на своите некогашни другари и наставници од училиштето. Неговиот универзум бил интернетот, тоа подоцна ќе му го каже на Гринвалд. Редовно објавувал на Ars Technica, веб страница за вести и технолошка култура, каде под корисничкото име „TheTrueHOOHA“ коментирал видео игри и ги прашувал искусните гикови како да ги унапреди своите компјутерски вештини. „Навистина сакам да знам ’како‘ работи вистински веб сервер“, пишувал кога имал 18 години. Се занимавал и со филозофски прашања за животот. „Слободата не е збор кој може (пардон) да се дефинира слободно. Мислам дека постои изрека ’живеј слободен или умри‘. Изгледа дека тоа сугерира условна зависност од слободата како претпоставка за среќа“.

Иако одличен по сите предмети, Сноуден бил рамнодушен унченик кој во 10 клас го напуштил средното училиште. Потоа повремено го посетувал општинскиот колеџ, но никогаш не стигнал до диплома. Во своите доцни тинејџерски години деновите ги поминувал сурфајќи на интернет, вежбајќи кунг фу и играјќи Tekken, обидувајќи се да смисли што би можел да работи. „Секогаш сонував да ’бидам некој‘ во Јапонија, рекол во еден чет од 2002 година. „Според некои анализи, од повеќе квалификувани кандидати тие често ги избираат русокосите... баш би ми легнала некоја .gov работа таму“.

Патот до успехот не бил лесен. Во дваесеттата година во еден пост напишал дека живее „без диплома и безбедносна дозвола“ во областа со која НСА доминира со своите приватни ограноци. „Со други зборови, невработен“.

Како и Бредли Менинг, чиј случај подоцна ќе го следи внимателно, Сноуден имал идеализиран поглед на Соединетите држави и нивната улога во светот. Исто така, го имал оној гејмерски впечаток дека е во состојба да ги совлада слабите шанси – подоцна ќе му раскаже на Гринвалд дека моралниот став го формирал благодарение на видео игрите кои ги играл како дете, во кои обичниот човек војува против застрашувачки и наизглед несовладливи сили на неправдата, за на крајот сепак да победи. Следејќи го таквиот етос и длабоко повреден од нападите од 11 септември, Сноуден во 2004 година се пријавил во војска со надеж дека ќе им се придружи на специјалните единици и ќе отиде да се бори во Ирак. „Верував дека тоа што го правиме е добро. Верував во благородноста на нашите намери да ги ослободиме поробените народи во светот“. Набрзо, илузиите биле разбиени – „изгледаше дека луѓето кои нè тренираа повеќе беа загреани за убивање Арапи, отколку да помогнат некому“; за време на повеќемесечната обука за специјалните сили во Форт Бенинг, ќе раскаже подоцна Сноуден, ги скршил двете нозе па затоа бил отпуштен.

По враќањето дома, Сноуден добил работа како чувар во Центарот за напредни студии за јазик на Универзитетот во Мериленд, установа која ја финансира министерството за одбрана и која подоцна ќе ја опише како „тајна“ – иако на својата веб страница, како што истакнува The Washington Post, „има мапа со впишана адреса“. Исто така, се вратил на општинскиот колеџ и ги усовршил компјутерските вештини. Работата компјутерски техничар во ЦИА ја добил во 2006 година.

На врвот од елитните владини агенции, ЦИА зрачи со атмосфера на овластувања и тајни. Убавината на нејзиниот IT сектор, без оглед каде се наоѓате, била во егалитаријанизмот, вели Сноуден. „Никому не му е грижа во кое училиште си одел... Јас немам ниту диплома од средно училиште“, пишуваше во 2006 година. „Па сепак, имам 0 долари студентски долг, заработувам 70 000 долари, морав да одбијам понуди за 83 и 180 илјади... работодавците се борат за мене. А имам само 22 години“.

Во текот на 2007 година бил распореден во станицата на ЦИА во Женева. Во Женева, младата правничка Мавани Андерсон се спријателила со Соуден и се сеќава на него како на промислено, но несигурно момче. „Често споменуваше дека не завршил средно училиште“, пишуваше подоцна Андерсон во текстот за Chattanooga Times Free Press. „Но, тој е IT мајстор; всушност, секогаш го доживував како IT гениј“.

Сноуден го нервирале многу нешта што ги видел во ЦИА. Подоцна ќе ја спомене операцијата за регрутирање на некој швајцарски банкар како шпион, за чија цел полицијата го уапсила заради возење во пијана состојба. Во разговорот со Рајсен од The New York Times ќе ја опише осветата на висок менаџер чив авторитет еднаш го довел во прашање. Инцидентот се случил заради грешка која ја нашол Сноуден во некој софтвер на ЦИА, со што го свртел вниманието на надредените. Наместо да го пофали заради иницијативата, еден менаџер кој не го ценел таквото однесување, напишал критика во неговото кадровско досие, што практично го оневозможило да напредува понатаму. Најпосле, ќе ја напушти агенцијата „во некаква криза на совеста“, се сеќава Андерсон. Сепак, Сноуден научил важна лекција: „Ако се обидеш да работиш преку системот“, му рекол на Рајсен, „ќе бидеш казнет“.

Додека Сноуден се снаоѓал во заплетканиот свет на американската шпионажа, Гринвалд ја решетал администрацијата на Буш и нејзината политика, повремено целејќи и на демократскиот конгрес затоа што одбил да ја запре војната во Ирак. Во јавните настапи, сè почесто на телевизија, ја спроведувал својата стратегија за поткопување на статус квото, облечен во одело и со совршена и непобедлива реторика, изнесувал идеи, истакнувајќи ги причинско-последичните врски помеѓу американската надворешна политика и тероризмот – нешто што секој друг би го осудило на брборење во забавните емисии. Меѓутоа, Гринвалд бил редовен гостин на каналот MSNBC.

„Морате да ги научите правилата на играта. Облекувам одело. Зборувам со кратки фрази. Знам за што зборувам и не мрморам без врска. Една од моите главни забелешки за Ноам Чомски е тоа што дозволи да го маргинализираат, затоа што никогаш не направи стратегија со која ќе го спречи тоа. Ако ги застапувате политичките вредности и верувате во нив, ваша обврска е да смислите како максимално да го зголемите своето влијание. Во основа, мојата стратегија беше ’ќе упаднам во секое проклето место и ќе си овозможам пристап‘.“

По изборот на Обама, многумина од неговите претходни либерални сојузници се оддалечиле од Гринвалд заради ветувањето дека ќе биде остар кон новиот претседател, како што бил и со неговиот претходник. Особено го критикуваше мандатот на Обама „Гледај напред, не назад“, со кој практично им беше врачен имунитет на државните службеници за кривични дела сторени во ерата на Буш, додека во исто време министерството за правда ревносно започна сопствена „војна“ против бунтовниците во областа на националната безбедност.

Тој „правен систем со две лица“, како што го опишува Гринвалд, беше видлив и во случајот на поранешниот службеник на НСА Томас Дрејк, за кој Гринвалд пишуваше во 2010 година. Дрејк е познат во круговите на алармирачите на јавноста по доставувањето податоци во Конгресот за програмите за надзор започнати по 11 септември, како и објавувањето на листа со примери за лошо управување во рамките на НСА во весникот Baltimore Sun, вклучувајќи го и скапиот а пропаднат проект со назив Trailblazer. Во 2010 година против него е покренато обвинение според законот за шпионажа од 1917 година за пропусти во ракувањето со доверлив материјал, но процесот кој го покрена владата против него, на крајот, се распадна. Сепак, истрагата го чинеше губење на работата, ја испразни неговата заштеда и му ја уништи репутацијата. Денес работи во продавница на Епл во Бетесда, во државата Мериленд. За Гринвалд и Сноуден, Дрејк ќе биде поучно предупредување за тоа како поминуваат одметниците кои се обидуваат да работат во рамките на системот.

Дрејк го запознав во канцеларијата на неговиот адвокат во Вашингтон. Тој е висок и силен човек, со искрено но цинично држење на разочаран набљудувач. Поранешен офицер на морнаричката разузнавачка служба, Дрејк поминал 12 години во приватниот сектор по договор, работејќи меѓу другото и како инженер за тестирање на системски софтвер. НСА го вработила во 2001 година и го распоредила во својот директорат за обработка на електронски и комуникациски сигнали, што било дел од потфатот кој го иницирал новиот директор на НСА, генералот Мајкл Хајден, „за да ја освежи генетската база“, како што вели Дрејк, и да ја унапреди оваа институција од Студената војна за влез во 21 век.

Иако НСА некогаш била водечка во областите како што се криптологијата и електронското прислушкување, по распадот на Советскиот сојуз останала со намален буџет и без јасна мисија. Нејзината закоравена управа не успеала да го предвиди напредокот на оптичките влакна и целуларната технологија, која ќе доведе до револуција во остатокот од светот, а агенцијата ќе ја остави „безмалку глува, нема и слепа“, според зборовите на историчарот на НСА, Метју Аида. Потполно пропуштила да го сфати значењето на интернетот, додава Дрејк. „Ставот беше дека на интернет нема ништо битно затоа што е отворен, нели? Сакаа да го знаат само она што е затворено“.

Равенството го променија настаните од 11 септември, за Дрејк тоа бил првиот работен ден во Форт Мид. Дрејк ја објаснува промената на две нивоа: првото е масивната експанзија на можностите за шпионирање затоа што агенцијата „се ослободи од уставот“ и почна да ги шпионира американските и странските државјани, дома и во странство. Другата промена која ја почувствувала целата разузнавачка заедница била забрзаната експанзија на самата агенција.

„Огромни количини пари се слеваа во НСА по 11 септември, додека конгресот само прашуваше колкав е износот што сакаме да го напишат на чекот“, вели Дрејк. Со речиси секоја агенција вклучена во следењето на комуникациите на терористите за нејзиниот SIGNIT, односно собирање податоци од електронските сигнали, НСА ги проширила своите операции во Тексас, Џорџија, Хаваи, Колорадо и Јута, како и центрите за прислушкување во странство, а исто така започнала со градежни потфати во Форт Мид, каде кампусот на НСА се простира на околу 20 квадратни километри, речиси десет пати поголем од Пентагон. До 2013 година, според наодите на Washington Post, НСА ја зголемила својата работна сила за една третина, до околу 33 000 луѓе. Бројот на приватните компании кои во тоа време биле под договор, бил зголемен трикратно, па и повеќе.

Благодарение на овој прилив на пари и сè поголемото учество на приватниот сектор во водењето дури и на чувствителните работи, срцето на американската разузнавачка инфраструктура практично им е изнајмено на претприемачите. „Во суштина 11 септември беше масивна програма за вработување, каде влезница за забавата претставуваше безбедносната проверка“, вели Дрејк. „Многу луѓе добиваа такви одобрувања. На тој начин постои тој огромен апарат, кој е во изградба, и владата која само управува со него. А во некои случаи не го правеа ни тоа“.

Сноуден, кој во 2009 ја напуштил ЦИА, бил како создаден за НСА, која со двете раце ја прифатила неговата иницијатива за решавање на проблемите, која бившите шефови ја гледале со презир. „НСА беше далеку попрактична, поутилитарна од ЦИА“, вели Дрејк. „Ако можевте да докажете дека сте вешти со компјутер, не беше важно од каде доаѓате или какви ви се оценките. Имавме многу луѓе во НСА како Сноуден, кои ги вработив. Немаше ограничувања“.

На почетокот, Сноуден го вработила компанијата Dell која имала големи договори за одржување на внатрешните IT мрежи во НСА. Исто така, работел и за мегапретприемачот Booz Allen Hamilton, кој минатата година заработи 5,76 милијарди долари речиси исклучиво од договори со владата, и се смета дека учествува буквално во секој аспект од разузнавачката работа и следењето.

Во светот на НСА има мали разлики помеѓу оние кои ги вработува агенцијата и оние од приватниот сектор. Меѓутоа, типовите од конвенционалната управа јасно се разликувале од бушавите хакери и компјутерски гении. „Тоа беше превртен свет; имаше такви момчиња по ходниците, никогаш не знаев каква боја ќе им биде косата кога повторно ќе ги сретнам“, вели Ричард „Дики“ Џорџ, 40 годишен ветеран од НСА кој, пред да се пензионира во 2011 година раководел со директоратот за обезбедување информации за време на 2000-те години и вработувал многу млади хакери. „Имаа идеи кои на нас старите не ни паѓаа на ум, и сметавме на тоа“.

За некои разузнавачки инсајдери тоа претставувало и ризик. „Во почетокот се поставуваше прашањето како ќе знаеме дека хакерите кои инаку ги прогонуваме, сега ќе бидат добри момци?“, вели Џејмс Луис, директор на Програмата за технички и јавни политики во Центарот за стратешки и меѓународни студии. „Проблемот е во генерацискиот јаз. Во НСА имавме скаменета култура и сега одеднаш ги доведуваме тие момчиња однадвор, кои имаат сосема поинаков однос кон информациите“.

До моментот кога Сноуден се вработил во агенцијата, општиот надзор кој подоцна го разоткрил не бил само институционализиран – туку станал сериозен бизнис. „Беше веќе 2009 или 2010 година кога можеше да се видат богатите плодови од тој џиновски балон со пари“, вели Џејк. „Луѓето одеа до крајни граници“.

Меѓутоа, системот имал внатрешни проблеми. „Кога ќе ги најмите сите тие претприемачи за да го работат она што всушност е владина работа, потребни ви се посебни овластувања за нивниот пристап и учество во операциите“, вели Дрејк. Документацијата била создавана со рекордна брзина. Некогаш, тајните документи како што се одлуките на FISA судот, биле складирани во посебни сефови до кои имале пристап малкумина, сега се дигитализирани и складирани во огромни колекции електронски податоци кои ја содржат целата архитектура на државната национална безбедност.

Кариерата во НСА, Сноуден ја започнал во Јапонија каде му била доделена релативно обична работа за надгледување на унапредувањето на компјутерските системи на НСА. Подоцна се вратил во Америка – каде придонел во кампањата на конгресменот Рон Пол, во март 2012 година – и се доселил на Хаваите. Работел како систем администратор а потоа и како аналитичар на инфраструктура, вклучувајќи го и посебниот агенциски центар за закани (NTOC) на хавајскиот остров Оаху. Иако не бил еден од елитните хакери, имал пристап до многу доверливи компјутерски мрежи, а веројатно бил одговорен и за составување листи со цели во подготовката на идните сајбер конфликти и истражувања на електронските упади во странски мрежи. Според Аида, кој разговарал со повеќе извори запознаени со работата на Сноуден, „тој имаше пристап до работи до кои никој од хавајскиот дел на НСА не можеше да пристапи“. Тоа не му беше чудно никому, напротив, „Ед само си ја работи својата работа“.

Продолжува...

Кон првиот дел.

Извор: http://www.rollingstone.com