Памукот на диктатурата

31.12.2013 10:19
Памукот на диктатурата

Имаше нешто гротескно во средбата на најпознатите европски дисиденти со човекот кој во детство ја влечел мајка си за футата и врескал дека сака да биде диктатор! И покровител на книжевни награди!

Гледав како во најпогодниот бургтеатарски амбиент за бескрвни атентати врз нормалноста, детето со остварени сништа и наградените дисиденти онанираат пред разголената слика на светот како морално и вредносно разорено чудовиште и си велев: слушај, Тричко, можеби ти не разбираш дека ова е новата синтеза што ќе го спаси светот, можеби ти не знаеш дека Џеси Овенс 80 години е шеф на Организациониот одбор на Втората олимпијада што фирерот ќе ја организира на оној свет!

Можно е дека Ерофеев и Памук решиле да учествуваат во најновиот табернакулски перформанс откако претходно успеале да го проектираат македонскиот диктатор, прво, во неговото детство, а потоа во неговата актуелна чаплинска димензија, во него како циркузантска деноминација на диктатурата, а самата приредба во монтипајтонско подебавање и со диктатурата и со наградата и со сиот усран свет!

Но, се сетив дека при одење на местото на злосторот тие морале да видат дека шарловидниот покровител ги има засрано не само сите Гези паркови во Скопје туку и целиот скопски Таксим, дека го има избербатено тоа што со сите резерви, сепак, може да се нарече некаков дух на овие простори, дека сè што гледаат и допираат во пречник од 200 километри е загадено од неговите ментални, полуинтелектуални и аутистични прдежи, па Македонија изгледа како место на кое веќе се случило неуспешно уништување на хемиското оружје на уште еден покровител: Башар Ал Асад! Дека ние сме Турција во мало по прашањето на државната тортура и корупција, дека Памук, и покрај тоа, би бил сериозен кандидат за притвор кога би го зборел за Македонија тоа што го збори за Турција, дека дента кога ги примија наградите покровителот ја ликвидира и најмалата можност за медиуми надвор од благородното покровителство на власта!

Арно ама, наместо да свртат во "Пирин" на пиво и вотка, тие сепак решија да влезат во дупката со црвено кадифе и златни орнаменти, во просторот во кој Дејвид Линч би убил десетици јунаци во некој нов "Твин пикс" или "Блу велвет", да си ги земат парите на нашиот Хопер под изговор дека неговите "гробишта" (Ерофеев) можат да имаат и "позитивна смисла"!

Тие не му се поклонија на македонскиот Путин, односно на нашиот Ердоган, туку на најселската, највулгарната, најпростата интерпретација на Таип-Владимирската самозаљубеност на еден провинциски кабадахија кој нормалноста ја сака повеќе отколку што Ким Јонг Ил го сакаше тетин му! Во присуство на најдобрите џубокси на промотивните песни во сите хвалоспевни формати: Венко Андоновски и Ферид Мухиќ, тие се закачија себе си како етикети на режимската одора давајќи му ја на режимот декларацијата на "памучна диктатура"!

Ерофеевата слика за Скопје како московско гробиште, и Памуковото откритие дека во македонскиот јазик има многу турцизми и едно место кај што се родил Ататурк (тралала), е знак дека тие во Скопје дошле со извесна свест за тоа дека освен петте илјади евра, сè во македонската провинцијална безначајност не заслужува ни две секунди напор на нивните дисидентски умови. Заминаа без да упатат, како папата Фрањо или последната Мис јуниверз, да речеме, пораки за мир во Сирија или за неодложно стопирање на глобалното затоплување, за опасноста од естрадно контаминирање на културните потреби на современиот човек или некои други опсервации чија пригодност во слични прилики од сериозен маштаб се оформува во врна книжевна естетика и значајна порака на градот и на светот! Ништо од тоа!

Треба да се каже уште нешто: прво, македонската диктатура има еден европски нормативен и декларативен, параден штит, а кон искривената перцепција на македонското политичко монструмче придонесуваат незаинтересираноста на поголем дел од граѓаните за прашањата на слободата и демократијата и неадекватната артикулација на проблемот од страна на опозицијата! Диктатурата не е само посилна туку е и поитра од сите слободарски интенции.

Диктатурите во средини каква што е македонската не се во состојба да произведат или да спонзорираат сериозни културни пројави! Има нешто смешно во тој тип на диктатури, нешто што произлегува од неприродноста на режимот, од мисијата како поза, од имитаторството, од отсуството на каков и да е реален културен супстрат ако не ја сметаме културата на неудобноста во слободата, од беспризорноста на административната тортура. Затоа сè, од театарските и музејските згради, до спомениците, од националните пензии до сите манифестации, сè се претвора во тешко срање. „Табернакул“ треба под итно да се дистанцира или од покровителството или од наградата!

На крајот, сакам да кажам дека многу поважно прашање во неделата што изминува, беше она што го постави Шекеринска: како влегуваат и кај завршуваат милијардите долари што на нелегален начин циркулираат во Македонија ( 1024,5 милиони долари нелегални трансфери за четири години според Глобал фајненшел )!!!

Кај се парите!!!

Овие 1024,5 милиони долари минус десетте илјади за Памук и Ерофеев!

Ако претпоставиме дека писателите биле платени од тие долари кои во меѓувреме биле претворени во долари во менувачницата под кино „Милениум“!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат