1019 hPa
65 %

5 °C
Скопје - Вто, 18.03.2025 04:59
Македонија е остров што ќе потоне. Одеднаш, со силен тресок и татнеж, нашиов убав остров ќе се урне во отворената бездна на времето. И нема да остане ништо освен спомените што ќе нѐ прогонуваат долго, долго…
Ја чекаме пропаста, трпеливо, со притаена верба дека ништо страшно нема да се случи, дека лошите предзнаци се погрешно толкувани, дека тревогата е лажна, дека ова заканувачко треперења што доаѓа од темелите и од самата основа на нашата државна градба е привид и измама на сетилата, дека јасновидците во последно време не ја гледаат јасно иднината и дека повиците од улиците што предупредуваат се осамени гласови на чудаци. Чекаме со дланка преку уста, загрижени дека не треба да се коби, дека сѐ ќе биде во најдобар ред, дека тоа што пред очи полека се урива нашив свет е нешто што не треба да нè вознемирува; така чекајќи да почнат да завиваат предупредувачките сирени и да заблескаат виолетово-сините светилки на полициските возила, чекајќи да го чуеме татнежот на тенковите по улиците, чекајќи истрели во ноќта, чекајќи да се загуби гласот на радиото и да исчезне сликата на телевизискиот екран, чекајќи да снема струја, чекајќи да затропаат на нашата врата луѓето во црно и да нѐ одвлечкаат во темнината, чекајќи да се спушти врз нашата глава тупаницата на насилникот, чекајќи во страв, чекајќи чудо, тука, на овој непостојан остров на надежите, минуваат залудно нашите животи.
Пукнатини подмолно се шират преку нашиот остров, се разгрануваат по полињата и по планините, ги заземаат градовите, незапирливо ползат по зградите од кои веќе отпаѓаат делови, се накривиле столбовите, паѓаат од постаментите скулптурите... Останаа само веселите фасади на урнатите градби, земјата се тресе и небото е црвено, а сите велат дека ништо не слушаат и ништо не гледаат.
Кои се причините за несреќата што доаѓа веќе и не е толку важно. Дали лошото управување со овој остров, неспособноста на власта, безмилосниот грабеж, безмерната лакомост, расипаноста или глупоста на управувачите се причина за неизбежната пропаст, тоа, навистина, веќе никому не му значи ништо. Оваа не е остров на идиоти. Ако ги има во значителен број, сепак, не се сите на овој остров заостанати во развитокот или безумни. Има овде и умни и способни луѓе. Овде никој не е толку глуп за да не разбира што се случува. Прашање е само зошто никој не се буни? Зошто никој не и’ се спротивставува на лошата управа, на овој грабеж што веќе со ништо не може да се прикрие, на измамата што е јавна, на ова насилство што стана видливо на улиците... Пред неизбежната катастрофа со која сме соочени никој не испушта ниту глас, нема ни придушен крик...
Неверојатно е какви сѐ „итрини на умот“ употребува нашиов народ само за да не ја види вистината. Како инаку да се објасни ова спокојно поднесување на ужасот на секојдневието? Како да се објасни нашево поднесување на сите неправди (ова е една од најнеправедните земји на светот), на сета сиромаштија (ова е една од најсиромашните земји на светот) и на сета несреќа (ова е една од најнесреќните земји на светот)? Како да се објасни зошто го дозволуваме сиот бесен грабеж што пред нашите ширум отворени очи ја пустоши земјава и сета безобразна измама (едни бајат, други ограбуваат), сите глупави оправдувања за сторените злосторства и евтините лаги навредливи за здравиот ум, сите лажни ветувања што бескрајно се повторуваат и се повторуваат и кои веќе и на идиот би му здодеале...
Значи, ако ги бараме причините зошто никој не се потресува и покрај тоа што нашиов остров одамна се тресе, тоа е зашто повеќето жители се среќни и задоволни! Среќни се и ако не се среќни и задоволни се и ако не се задоволни. Нека не ве збунуваат овие противречности. Овде е нормално да живеете со куршлус во главата. И не се работи овде за некаков измислен „македонски синдром“, за „нагон за самоуништување“, за „страв од слобода“ или за „историски трауми“. Не, овде се работи за паметта на „итри будали“ кои си нашле своја сметка во катастрофата, за расипани и дрчни селани кои не можат да оддолеат на ниските страсти и кои освен за себе за друго не им е грижа и кои се убедени дека секогаш ќе се снајдат и дека дури и сè да потоне ќе се најде за нив некоја штица во морето. А ако нема за што да се фатат додека тонат, ќе ве фатат вас за гуша.
Поголемиот дел од жителите на овој наш среќен остров добро знаат дека овде секој нов ден за нив е добивка. Овде е толку добро што не може да биде подобро. Ова е среќниот остров за којшто тие сонувале. Овде се остваруваат сништата од спалната соба на Мелани Трамп. Овде сѐ е можно. Каде има ваква добра држава, каде е таа среќна земја, кој остров е тоа каде ве вработуваат преку врски, каде добивате плата без ништо да работите; каде тоа ве плаќаат да клатите врата, да решавате крстозбор по цел ден и да поливате фикуси на работното место; каде можете да бидете одличен ученик без да учите, каде има родители на кои им се поважни оцените на децата отколку знаењето, каде факултетски дипломи добиваат неписмени, каде можете да станете врвен стручњак а да немате поим од ништо; каде тоа се добиваат јавни признанија за глупост и неспособност, каде подлизурковците можат да очекуваат дека ќе напредуваат, каде безрбетниците се искачуваат до врвот на општеството, каде најлошите можат да се надеваат на успех; каде можат политичарите јавно да лажат и да мамат, а тоа никому да не пречи; каде можат судиите да судат како им текне, каде можете да бидете министер без одговорност, каде секогаш за сè некој друг е виновен... Каде сите знаат дека сето ова е вистина и не им е грижа, па мирно заспиваат на крајот од денот пред телевизорот со празно пивско шише во рака или со неколку голтнати дијазепами и, со насмевка, задоволни сонуваат за убавините на нашиов среќен остров каде на брегот од синото море се нишаат на ветрот палми а, како на некоја владина реклама, сонцето заоѓа во далечината.
Еден дел од жителите на нашиов остров, поголемиот дел, се вчипчиле едни за други и цврсто се фатиле за сѐ што награбале во животот и не пуштаат па не пуштаат; и да ги удирате со стап по рацете или да им ги сечете прстите нема да попуштат, а островов тоне поради нивната дрчност. Не ги пуштаат тие од раце своите незаслужено добиени работни места, своите незаслужени плати, своите незаслужени станови, своите незаслужени автомобили, своите незаслужени дипломи, своите незаслужени животи... Се фатиле тие во грч за бронзената опашка на Букефал, за Гробот на Александар, за наметката на Аминта III, за Каменот од Розета, за Чудата на Св. Димитриј, за споменикот на Тоше Проевски, за Крстот на Водно, за Хунзите, за Субрата Рој, за неверојатните успеси во економијата на оваа најбедна од најбедните земји во овој дел од светот, за то место во европската кошарка, за името што и онака никој не може да ни го земе, за транзицијата што никогаш нема да заврши, за Бранко Црвенковски, за полициските пендреци, за транспарентите со ликот на нашиот водач, за лагите на политичарите, за „барокните“ фасади, за бродовите на реката Вардар кои никаде не пловат, за своите мобилни телефони без кои не би можеле да преживеат ни ден, за својот „стилски“ мебел, за своите телевизори што се постојано вклучени и тие ниту во најтешко лудило не би се откажале од своите „остварени сништа“ и не пуштаат, не пуштаат по цена на животот. А островов се распукал и само што не потоне.
Дел од нив се впуштил во изживување на најниските нагони, во сладострасно самопонижување и црпење задоволство од лижењето туѓи задници и увежбувањето нови техники за ширење на своите чмарови (за да не се мачат многу властодршците). Можеш воздухот да им го земеш (и им го земаат), а тие нема да се бунат. Колку што повеќе ги газат, толку повеќе уживаат, така ослободени од наследниот грев и од секоја вина за дрчноста.
А она што остана, делот од „посвесните граѓани“, е загубен во некој вид доброволно „прогонство во себе“ и оваа „внатрешна емиграција“ е поголема од економската и политичката емиграција што панично бега од овој остров со сите можни пловни средства. „Внатрешните емигранти“ не сакаат ништо да знаат за светот надвор од кругот што го исцртале околу себе. Не ги допира ништо и не бараат ништо. Живеат во некој свој „филм“ (несвесни дека некој друг го режира) и сѐ што сакаат е да бидат „оставени на мир“; тие сѐ би сториле само за да го зачуваат тој свој „мир“. Не им пречи што градот во кој живеат сѐ повеќе наликува на простачки уредени гробишта. Впрочем, тоа е веројатно и остварување на нивната скришна фантазија. Почивале во мир.
***
Македонија е остров што ќе потоне. Неизбежната пропаст се приближува. Кој да се побуни, кој да крене глава, кој да го дигне високо нашето знаме, кој да застане на барикадите, кој да нè спаси од пропаста кога сите се „прават на удрени“. Нема веќе овде никој кој може слободно да се насмее на глупостите што ги ломотат политичарите, никому овде не е смешно ништо освен несреќата и пропаста на другиот, нема никој да се згрози од плитките лаги на властодршците, никој не е навреден од тоа што власта го смета за малоумен, нема кој да поврати од гадење пред телевизиските екрани, никој нема да ги презре политичките бајачи, лажните јасновидци и бесрамните измамници, нема кој да ги сожали неправедно осудените, затворените без докази, истепаните на улица... Што да очекуваме тогаш? Што да очекуваме од народ кој протестира против други протестанти зашто тие протестираат против насилството во нивната земја. Што од оние кои јавно им даваат поддршка на најголемите светски насилници? Што може да очекуваме од народ кој им гради споменици на оние кои го поробиле? Што да очекуваме од клетници кои мразат клетници; од угнетени што се креваат против други угнетени; од губитници кои ги исмеваат другите губитници, од слабаци кои ги сакаат силните...
Тие што мислат дека во оваа држава имаме проблем со сегашната власт не знаат што зборуваат. Државата е таква каква што народот сака да биде. Оваа власт е власт по мерка на нашиов народ. Власта е „наша власт“ дури кога работи „против нас“. Власта се практикува така како што ја разбира нашиот народ и затоа никој и не се буни. Овде народот е на страна на насилниците, а не на угнетените и на понижените. Оваа држава е создадена токму за овој наш народ. За да ја промениме државата, да направиме подобра и поправична држава, треба народот да се промени, да стане подобар и поправичен, а тоа не е возможно. Или ќе биде возможно за сто години. А до тогаш е прашање дали ќе имаме што да менуваме и да поправаме.
Оваа власт е толку добра што дури и „опозицијата“ работи во нејзина полза. Политичката „опозиција“ (ако такво нешто воопшто постои во оваа земја) не само што ги „одработи“ за власта последниве неколку избори (а има и цврста намера да ги одработи и следниве), туку и свесно, со сите сили, ја одржува постојната политичка номенклатура на власт. Делумно поради тоа што челниците на „опозицијата“ освен излижаните фотелји ништо друго не ги интересира (а оваа власт тоа наследно право им го потврдува), делумно поради длабоката загриженост за доброто на сопствените дебели задници (кои што веќе едвај да можат да ги соберат спомнатите фотелји), но, сепак, најмногу поради тоа што се ставени сосем неподготвени пред драматичен историски избор. А сѐ што треба да направат е да ја растурат шаховската табла во политичката игра со власта којашто мами. Иако знаат дека власта мами, дека играта е однапред наместена, дека исходот е познат уште пред да почне партијата, дека правилата се менуваат како што противникот ќе посака, дека судиите се поткупени, дека часовникот отчукува за нив побргу... тие ја продолжуваат играта губејќи партија по партија во смртен страв дека засекогаш ќе бидат избркани од натпреварот. Сега тие, како родени губитници, упорно се обидуваат да ја добијат однапред загубената партија на својот живот со противник кој „ги растура“ со секој потез на политичката табла, а, за жал, на таа табла се одредува судбината на сите нас.
Да бидеме начисто, да се урива држава што не е добра и што самата ќе се урне зашто е лошо градена, затрупувајќи ги под себе своите граѓани, не само што е патриотска и морална обврска, туку е нужност. Историската одговорност на политичката опозиција за состојбите во оваа држава е огромна, а таа свесно учествува во политичката измама одржувајќи ја владеечката номенклатура на власт со кукавичко оправдување дека така ја одржува државата. Каква е таа „опозиција“ што мисли дека (како и поголемиот дел од народот, за жал) партијата на власт е држава? Помислете дека вашата држава ја запоседнала, наместо политичка партија, разбојничка банда. Помислете дека овие разбојници безмилосно ви ја ограбуваат и ја разнебитуваат државата и го корумпираат народот, а вие како политичка опозиција немате доблест да се кренете против таквата банда. И, помислете, опозицијата во некоја таква држава да соработува (колаборира) со некоја таква бандитска власт на ситни измамници, џебџии, крадци, грабачи, улични тепачи и слични сомнителни типови. И уште ве уверуваат дека колаборираат поради повисоки државни цели. Меѓу уривањето на една гнила држава и лажната слика за таа држава, тие ја избраа илузијата (предавство е, вели Пекиќ, кога вистинската надеж ја заменувате со илузија). Тие ја избраа медиумски посредуваната лажна слика за една непостоечка демократска држава и таа телевизиска слика ќе ја гледаме сѐ додека има струја. А струја ќе има уште некое време (и ако никој не сака да знае со што ќе ја платиме).
ВМРО ДПМНЕ ќе владее уште сто години! Ако претходно не потонеме како островот Кракатау.
Значи, ние како народ немаме никаков проблем со нашата власт, ниту со нашата влада. Ако имавме проблем со владата, до сега ќе ја урневме и ќе го решевме проблемот. Ние немаме проблем ниту со нашиот владетел и водач. Да имавме проблем со водачот ќе го сменевме и ќе изберевме некој подобар. Или барем некој што може јавно да каже нешто што има смисла. Но, ние немаме никаков проблем со нашиот водач. Нашиот водач, а тоа му го признаваат и оние најжестоки „противници“, е „харизматичен и визионер“, тој „е вешт и паметен“, „треба да му се признае сепак...“ итн. Тие јавно говорат за неговата „харизма“, „потентност“, „големи јајца“, „цврста рака“ и дури кога (симболично) му ја сечат главата безброј пати само несвесно создаваат култ на личноста и ја поддржуваат евтината митологија на „груевизмот“. И потоа се чудат зошто никој нема никогаш да гласа за нив.
Нашиот водач е избран според наша мерка. Таков каков што е, тој е мерка за нашата ништожност, нашата неукост, нашата ограниченост, нашата дрчност… И затоа ние го сакаме нашиот водач. А немаме проблем ниту со раководителите кои управуваат со Кракатау, тој остров што го нарековме наша татковина. Да имавме проблем со сите тие неспособни министри, заменици министри, државни секретари, секретарки, бивши дактилографки, директори, директорчиња, шефови, шофери, јавни службеници и останати јавни жени и јавни мажи, ќе се побуневме и ќе ги заменевме со подобри, поправични и поспособни. Но, ние немаме такви проблеми. И, очигледно, не е вистина дека „сме загрижени зошто парламентарната демократија е укината“. Да беше така нема да излезеа пред Собранието да протестираат само десетина несреќни и незадоволни граѓани на оваа наша среќна држава. Впрочем, зошто некој и би се бунел кога сè е како што треба на овој наш среќен остров. Освен што веројатно ќе потоне.
Да се каже дека „паднавме во рацете на националистичката ВМРО“ е исто како да се каже дека паднавме во сопствените раце. Никој нас не нè поробил (или сум јас лошо известен). Оваа власт не е ниту ненародна, ниту туѓинска власт. Не владеат со нас вонземјани. Напротив. Ова е дефинитивно држава на нашиот намачен народ и да се каже јавно дека треба "државата да му се врати на народот" е, простете, недомислено. Од оваа власт понародна нема.
Впрочем, власта ги остварува нашите најскришни соништа. Кажете ми кое дете кај нас не сака да добива добри оцени, а ништо да не учи? Кажете ми кој во оваа земја не сака да добива плата, а ништо да не работи? Кој е тој што не сака да биде многу паметен, а да не мора да прочита ниту една книга? Кој не сака лекарот да му каже дека е здрав кога е болен? Кој не сака да има имот што не го заслужил? Кој не сака добивка без труд? Кој не сака да раководи и ако не го бива? Кој не сака да верува дека иако е неспособен може да биде сѐ што ке посака?
Овде сите се во добивка зашто тоа што го добиле не го заслужиле. Ако им го одземат тоа што го имаат тие се пак свои на свое. Не загубиле ништо. Немале ништо и ќе немаат ништо. Никаде на друго место на светот тие не би биле тоа што се и не би го имале тоа што го имаат и затоа тие со заби ќе касаат и со нокти ќе гребат за да остане сè вака како што е што е можно подолго. И онака еден ден сето ова ќе пропадне (или вие навистина мислите дека вака може да опстоиме?) и некој ќе ги врати назад на нива повторно да туркаат рало или во планина да чуваат овци како што правеле последниве неколку илјади години. Тие чувствуваат дека сето ова нема долго да трае и дека ќе мора да се вратат во мракот на историјата од каде неповикани се појавиле под ова наше, опеано во народните песни, сонце. Ако има каде да се вратат. Зашто наскоро нема да ги има ниту нивите што тие така безволно ги напуштија, ниту планините, ниту ќе има парче наша земја на кое ќе можеме да застанеме.
Ова е Кракатау. Остров што ќе потоне. До неизбежната пропаст, уживајте во убавините на овој преубав остров.
Слики: Odd Nerdrum