1024 hPa
93 %
9 °C
Скопје - Чет, 05.03.2026 11:59

Македонија влезе во осмата година од својата епоха на контрадикции.
Полициските и медицинските билтени велат дека како никогаш порано мирно поминавме за Нова Година, можеби, надевајќи се дека така ќе поминеме и во 2014-та. Искрено, народ кој живее лудо секојдневие, мирно ги поминува своите прослави! Тоа е затоа што причини за прослава воопшто немаме! Не знам за вас, но јас не сум видел потажно, помирно и порезигнирано влегување во годината што следи. Ете, во вакви пригоди се гледа до каде оди маката на Македонецот, кој ниту има средства, ниту пак има особена волја нешто да прославува. Наместо со будење, Македонецот во 2014-та повторно влезе заспан.
Симболот на нашата контрадикација, тој криминален и ревизионистички проект СК 2014, конечно ќе го оправда своето име и ќе ја даде вистинската слика за нашите лажни состојби. Сега е јасно повеќе од кога било, дека проектот сме биле ние и нашето анестезирање.
Крунисана е една епоха на контрадикции на сите полиња од нашето општество. Политичката фикција на режимот ни создаде илузија на грандиозност и успеси, на себепронаоѓање и опулентност, а реалноста говори само за сѐ поголема мизерија, изгубеност и сиромаштија. Светот и регионот бегаат од нас, додека ние се тешиме со илузијата дека можеме сами. Живееме мирно и заспано, а нашите економски, социјални, етнички разлики и тензии сѐ повеќе растат и се подготвени за експлозија. Буџетите на режимот растат, богатството на фамилијата расте, додека огромното мнозинство граѓани тоне во една недостоинствена и непоправлива сиромаштија. Сѐ помалку сме слободни и нашите права се сведени на концесии од режимот, но барем сме слободни тоа да го игнорираме. Политиката еманира стабилност и помирливост, додека граѓаните се соочуваат со материјален и духовен немир. Сите предуслови за крај на епохата на контрадикциите се пред нас, но ние помирливо и речиси безгрижно оставаме катастрофата да нѐ проголта.
И нашата актуелна катастрофа е контрадикција сама по себе. Дното е допрено одамна и малку што може да стане полошо. Од тој аспект, може да се тешиме дека во иднина може да ни биде само подобро. Убаво звучи, но вистината е дека секогаш има полошо, и единствената работа која режимот ја контролира, а тоа е купениот социјален, етнички и безбедносен мир, е на пат да стане неиздржлива и да експлодира. Премногу контрадикции на едно место, за оваа наша мала и тажна приказна да не добие трагичен епилог.
Во 2014 година ќе ја одбележиме стогодишнината на една од најголемите човекови контрадикции и трагедии, истрелите на Гарвило Принцип во Сараево како повод за Големата војна. Премногу ми е значајна симболиката од таа епоха на контрадикции и заспаност во Европа, за да не повлечам аналогија со Македонија. Тогаш, Европа живеела политичка реалност која се базирала на архајската и анахрона рамнотежа на моќта. Кај големите актери кулминира територијалниот империјализам, кај малите се појавуваат никулците на национализмот. По децении на национален раст и релативен мир, владите, политичарите, граѓаните стануваат мрзеливи и безволни. Никој повеќе не се грижи за реалните состојби, за растечкото вооружување, за националните нетрпеливости, до степен што и еден спорадичен повод, наспроти бројните и наталожени причини, ќе доведе до континентална експлозија. Тогаш Европа, иако свесна за последиците, иако дури свесна за потенцијалната катастрофа, како несвесно и заспано да влегува во четиригодишно крвопролевање, 30 години нестабилост и кризи, а потоа и уште една Светска војна.
Ете, Македонија, со сета своја маленкост и безначајност, е во таква ситуација. Знаеме што не ни чини, знаеме дека негуваме премногу тензии и контрадикции, знаме дека е илузија нашата политичка стабилност, дека е илузија и нашиот нов идентитет или националистичката сплотеност, и сепак, не преземаме ништо околу тоа. Некаква казна за таквото поведение ќе мора да платиме. Големиот историчар на првата светска војна, Кристофер Кларк, таквото однесување го нарекува месечарење. Термин кој одлично ги опишува државите или индивидуиите кои полусвесно, спиејќи одат кон неизбежната катастрофа, кои наместо да живеат и да понесат одговорност за состојбите, месечарат додека не паднат во провалија.
Ете, на ист начин сме контрадикторни и ние Македонците од проектот 2014-та, одбираме да шетаме и месечариме околу лажните проекти на режимот, кога всушност со очи ја гледаме нашата тажна и поразителна реалност и ништо не преземаме за да се разбудиме од лошиот сон.
Симболиката со Гарвило Принцип и приказната за малиот повод кој го пали големото буре барут на наталожени причини е уште една поука и за нас. Нема да нѐ сменат големите причини или големи настани, и кај нас можеби ќе биде доволен и најмалиот повод за конечно да расчистиме со фикцијата која ја живееме. Можеби звучи пренасилно за нашата помирлива природа, можеби нѐ чека и поголема катастрофа од ова што веќе го живееме, а можеби преку поголемата катастрофа конечно и ќе се опаметиме. Како и да е, нашата слепост и заспаност неизбежно нѐ водат кон голема трагедија.
Живееме епоха на контрадикции, а оваа осма година ќе биде особено тешка. Впрочем, секоја наредна е сѐ потешка. Живееме комплетен расчекор помеѓу зборовите и делата, и сите на свој начин сме дел и причина за нашата општа регресија. Ако мислиме дека затоа што сме мали и забаракадирани во нашите четири ѕида на национализмот, ќе се спасиме или вака ќе егзистираме и понатаму - се лажеме. И се лаже мнозинството наши граѓани дека ако го имитира месечарењето на режимот, ќе ни биде подобро. Сите вие обесправени и потиштени, апатични и аполитични, свесни, а незаинтересирани, сте подеднакво одговорни, ако не и најодговорни што не барате и не се борите за подобра иднина и подобра Македонија.
Една работа кај контрадикциите и успаните народи или индивидуи секогаш се потврдува, а тоа е дека контрадикциите водат кон изненадувања и нагли освестувања. Предусловите за наша дефинитивна катастрофа, но и за почеток на нашето ослободување, подеднакво постојат. Се надевам дека во оваа однапред тажна 2014-та ќе доживееме некое изненадување кое ќе го извади најдоброто од нас, наместо како по обичај, најлошото.
Слика: Свирачиња