Трезен човек добро си поминал на журка

04.01.2014 12:04
Трезен човек добро си поминал на журка

Влатко Јаневски (25): во центарот на вниманието, а трезен

Скопје, 4 јануари 2014

Откако на својот блог напиша дека во петок навечер одлично си поминал во град, иако во текот на целата вечер испил само едно мало пиво, Влатко Јаневски (25) не успева да одговори на сите мејлови, а морал да го промени и бројот на мобилниот телефон, затоа што „не можел да живее од повици и пораки“. Повеќе стотици негови врсници сакаат Влатко да им одговори: во што е неговата тајна?

„По еден или два часа откако во саботата напишав статус, ми стигнаа пораки од неколку другари. Содржината беше речиси иста, пишуваше 'со која финта', 'брат, како' или нешто од тој тип. Во почетокот мислев дека намерно се договориле да ме зафркаваат, па ги игнорирав“, вели Влатко, објаснувајќи дека бројот на пораки растел од час во час, за потоа да почне да добива и пораки од непознати броеви и мејлови од луѓе кои не ги познава.

„Целиот блог беше ископиран на повеќе форуми, на кои некој го оставил мојот мејл и телефонски број. Почнав да добивам толку пораки, што утрово решив да ја променам сим картичката“, вели Влатко.

Новинарите од Пара вести исто така ги интересираше дали Влатко може да одговори на прашањето кое сите му го поставуваат.

„Немам поим и верувајте дека животот би ми бил многу полесен кога би го знаел одговорот! Би отворил нов блог во кој би ја решил мистеријата“, вели Влатко и додава дека вака е под притисок бидејќи сите очекуваат голема мудрост од него. Тој признава дека и самиот бил шокиран од тоа колку добро си помнал и дека чувството било слично на она кое во нормални околности би го имал по седмото, евентуално во комбинација со добро друштво и добра музика, по шестото пиво.

„Гужвата беше огромна и ме мрзеше да се пробивам до шанкот. Во еден момент помина келнерот, но кога го испив пивото повеќе не го видов“, раскажува Влатко и вели дека бил толку расположен, што повеќе немал потреба да пие.

„Сите беа ужасно весели, на сите страни се играше. Девојките беа баш убави... порано ми беа потребни барем пет пива за да ми изгледаат така; а и музиката беше ептен добра. Едно од најдобрите излегувања последниве месеци. Разменив број со една девојка и вечер би требало да се видиме, баш пред малку ѝ го пратив мојот нов број“, рече Влатко и додаде дека размислува да ризикува уште еднаш, но дека сепак, за секој случај, ќе застане некаде блиску до шанкот.

Здружението на сопственици на ноќни клубови реагира: игнорирајте го Влатко!

Здружението на сопственици на ноќни клубови од Скопје упати соопштение до медиумите во кое повикува да ја игнорираат приказната на Влатко Јаневски, бидејќи нејзиното ширење би можело да ги инспирира младите да го следат неговиот пример и навечер да пијат само по една пијачка. Гледано на долг рок, тоа би можело да го уништи ноќниот живот во метрополата, кој е еден од најголемите скопски брендови.

Извор: www.njuz.net