Холови и мегаградби

06.01.2014 09:50
Холови и мегаградби

За жал, сè повеќе и повеќе од влезовите во комплексите во центрите на градовите не се врати, туку се ескалатори за подземни простори или за патеки на повисоко ниво. Едно е да се сместуваат просторите над или под нивото на улицата. Сега урбанистите ја ставаат самата улица над или под нивото на улицата. Во некои случаи, косината на некое место бара да има повеќе нивоа. Но во поголемиот број од случаите, архитектонската акробатика се спроведува како цел самата по себе.

Зошто? Градовите кои имаат комплекс на пониска вредност сакаат да се истакнуваат. Помалите градови се чини дека се најранливи. Во оние во кои стандардните центри имаат проблем, на властите им доаѓа да одат до максимум во другиот правец. Па така тргнуваат на аџилак во Монтреал или Минеаполис и се враќаат со планови за системи со патеки на нивоа и за подземни плоштади и холови. Она со што обично не се враќаат, а не го ни земаат предвид, е контекстот кој прави овие пристапи да функционираат каде што функционираат.

Патеките во Минеаполис, на пример, функционираат добро. Има добри причини за тоа. Патеките се вкрстуваат со централното место на градот, поврзувајќи ги стоковните куќи и деловните згради; носат обемни приливи на пешаци, а во зима овие приливи се уште поголеми поради острата клима надвор на улиците. Поентата е во големата густина. Како што се протегаат патеките надвор од центарот, пешаците се намалуваат; а исто и малопродажбата.

Доколку се постави второ ниво со продавници, што се случува со нивото подолу? Еден центар на град со одредена големина може да издржи одреден број продавници, а ако второто ниво значително го зголемува расположивиот простор, нешто мора да попушти. Точно е дека нови капацитети можат да создадат дополнителен бизнис во градот, доволно да се одржат старите, како и новите. Но тоа може и да не се случи. Во тој случај, или ќе страдаат продавниците на повисокото ниво, или продавниците на улицата, или пак, што е многу веројатно, и двете.

Другиот правец е подземјето. Како средство за стасување брзо и лесно од метрото или возот, подземните премини се корисни долго време. Потенцијалот кој урбанистите го гледаат е многу поприфатлив. Сè повеќе и повеќе, подземните простори ги сметаат за средини сами по себе – замени на улицата за шопинг, јадење и дружење. Силен акцент се става на системот. На мапите на подземните проекти, се поврзуваат дебели и точкасти линии правејќи сложена мрежа која, по завршувањето, ќе им овозможи на луѓето да одат од било која точка во центарот на градот до било која друга, создавајќи услови да ги задоволат повеќето свои центарски потреби во подземните простори.

Кога урбанистите би морале да поминат повеќе време на овие места, не би биле толку сигурни во врска со нив. Како средини, подземните коридори како прво се збунувачки. Ако стоите некое време на една точка, ќе се изненадите од бројот на луѓе кои изгледаат изгубено и доаѓаат да прашаат за насоки. Не е дека нема пишани насоки. Се заборавиле ставајќи знаци со хелветика фонт; насоки има насекаде, заедно со светлечки мапи ТУКА СЕ НАОЃАТЕ. И сепак е лесно да се загубите. Дел од проблемот е што подземните системи обично се поставени симетрично: Северниот коридор А најчесто претставува идентична рефлексија на Јужниот коридор B. Ништо не е накосо како што е горе на улицата; нема ориентир кој ќе ви помогне да се снајдете во просторот, нема сонце за да покаже каде е исток или запад.

На местата има провев, особено во близина на влезовите. Исто така, има многу нагли варијации на температурите од еден до друг оддел. Не се оние екстреми кои се очекуваат надвор, но тоа самото по себе е проблем; средната клима претставува поголема опасност отколку јаката, но позната клима горе. Какво облека да носите? За време на добар дел од годината, претопло е за палто, или премногу студено за вообичаена облека.

Како средини за шопинг, холовите се добри за производи за широка потрошувачка - весници, чистење чевли, Ксерокс фотокопири, банкомати. Не се прва лига. Има нешто второкласно кај подрумите, а тоа е впечатокот кој го оставаат повеќето од нив.

Коефициентот на кич е висок. Повеќето холови имаат прекумерен број продавници за подароци и разгледници, флиперници и штандови со неквалитетна храна. Малкуте кои навистина имаат квалитетни продавници обично се дел од голем комплекс во кој нивото на улицата оневозможува малопродажба. Ова создава заробена клиентела, што, секако, може да се посочи како доказ дека на луѓето им се допаѓа како е под земја.

Предноста на ваквиот вид систем во голема мера лежи во гледањето на мапите. Тие изгледаат толку потполни. Но нивната потполност не е релевантна за повеќето пешаци, ниту пак ја забележуваат. Ако проверите како се користи системот, ќе сфатите дека најголемиот дел од сообраќајот е сконцентриран на главните поврзувања. На некои луѓе можеби им е задоволство да можат да одат од точка A до D, а потоа до Z. Но дел од тоа задоволство е во тоа што знаат дека малку други луѓе можат. Додека се пробивате понатаму, бројот на луѓе значително опаѓа. Истото се случува и со соодносот меѓу добивките и трошоците. На метар квадратен, речиси исто чини да се изградат сегментите кои помалку се употребуваат како и главните, и исто толку чини тие да функционираат. Плас Виј Мари во Монтреал е дефинитивно под земја и функционира многу добро во Монтреал. Но има и други фактори кои влијаат освен подземноста. Како и IDS центарот, Плас Виј Мари е во самиот центар на градот, директно помеѓу железничката станица и главната шопинг-улица. Поради острата косина на местото, една страна е на исто ниво со улицата. Во комплексот се внесува дневна светлина преку четири мали дворови со скали кои водат до голем плоштад горе. Исто така, како што е во Минеаполис, климата е остра (денот кога ги направив фотографиите на влезот беше минус 28 степени; температура која, мора да се забележи, не ги спречи големите толпи да бидат на улицата Св. Катерина, главната шопинг-улица). Да повторам, контекстот прави да функционира пристапот на Монтреал.

Мегаградби

Ултимативниот развој на бегството од улицата е урбаната тврдина. Во облик на мегаградби, сè повеќе и повеќе се градат вакви нешта – огромни повеќенаменски комплекси во кои се спојуваат канцеларии, хотели и продавници – како Ренесанс центарот во Детроит, Омни Интернешнел во Атланта. Нивна карактеристична особина е комплетноста. Иако треба да претставуваат спас на центарот на градот, тие честопати се наоѓаат надвор од строгиот центар, и во секој случај, обично се доста независни од нивното опкружување, а тоа е најчесто паркинг. Мегаградбите се целосно прифатени средини, со свои сопствени системи на преживување. Ѕидовите со кои се опкружени се празни, без прозорци, а кон улицата прикажуваат речиси масивно лице од бетон или цигли.

Омиленото средство за влез е автомобилот. Во Хјустон центарот можете да се довезете од автопатот до гаражата на Центарот, низ премин да пристигнете до една кула, оттаму во друга, да го одработите денот, а потоа да се упатите назад во гаражата и автопатот без воопшто да стапнете во Хјустон. А нема ни некоја причина за тоа. Нема излози долу во делот на Хјустон центарот кој е на исто ниво со улицата. Нема продавници. Нема многу луѓе. Единствената малопродажна активност е банката во која може да се влезе со автомобил и единствениот доказ дека е за пешаци се состои од трепкачки светла и знаци кои им кажуваат да гледаат добро да се пазат од коли.

Сличноста со тврдините не е случајна. Тоа е филозофската основа. „Да, точно е дека изгледаат малку застрашувачки“, вели еден нивен поборник, „но навистина мораат. Работата е во тоа што единствениот начин да ги намамиме купувачите од средната класа да се вратат во центрите на градовите е да им ветиме сигурност.“ Па така, со духот, како и со формата, трговскиот центар кој треба да биде помеѓу две држави е преселен во центарот на градот, а безбедноста е зголемена за n-та степен. Комплексите изобилуваат со чувари и развиени електронски системи за надгледување. Каква било сомнителна активност бргу се забележува и на неа се реагира (вклучувајќи го и, како што сфатив, фотографирањето). Местата за влез од градот надвор се малку на број, а дизајнот им е отворено заштитнички. Онаму каде Ренесанс центарот го допира Детроит има бетонска банкина преку влезот. Недостасува само уште порткулис. Но пораката е јасна. Се плашите од Детроит? Влезете и бидете на сигурно.

Комплексите сакаат да се зголемуваат. Сè повеќе и повеќе, мегаградбите се спојуваат со конференциски и спортски капацитети. Како мегаградби, тие обично се наоѓаат на крајот на центарот или уште подалеку, а можат да се здружат со други мегаградби преку мостови и премини формирајќи речиси сосема затворен круг. Како последица на ова, некои градови во Америка денес имаат два града – нормален град и град-посетител. Учесниците на семинарите понекогаш се жалат на недостаток на разновидност. Следен логичен чекор ќе биде изградба на копии на улиците внатре во комплексите. Има една во Дизниленд и е многу популарна; има неколку и во Вајт Флинт Мол надвор од Вашингтон. Со слично шоуменство, можат да се градат затворени тематски паркови со цел да се доживее градот без неговите опасности. Покрај физичките карактеристики од типот на тротоари и газиени лампи, знаци пред берберниците, Индијанецот пред продавниците за цигари и слично, можат да се воведат улични активности, со костимирани актери во улога на улични луѓе.

Друг пристап би бил прво и основно да се поврзат со вистинските улици. Има доста пристојни атракции во мегаградбите – одлични хотели и ресторани, добри продавници, водопади, стаклени лифтови и јавни простори со таква драматичност и луксуз, каква што не е видена од палатите од филмовите од дваесеттите. Мора ли изолираноста да биде услов за нивната атрактивност? Тезата за мегаградбите донекаде се докажува. Се тврди дека доколку луѓето влегуваат внатре, тоа докажува дека тие бараат бегство од градот и неговите несигурности. Но дали е така? Дали луѓето влегуваат во Пичтри Плаза центарот поради тоа што има боцки на предната платформа на улицата Пичтри. Влегуваат зашто нема боцки. Дали луѓето влегуваат во Ренесанс центарот поради банкината? Или и покрај неа? Доказите упатуваат на тоа дека луѓето влегуваат бидејќи има атракции во кои можат да уживаат. Овие атракции не бараат одвојување од градот за да можат да се употребуваат, а и попријатни се кога не се одвоени. Фанел Хол шопинг центарот е сведок на ова. Местото е малку преувеличано, исто така, и тоа на најмудар начин, но е дел од вистински град и има прекрасно чувство за простор.

Ова е тоа што толку многу им недостасува на мегаградбите. Човек се чувствува некако бестелесно на овие места. Ноќе ли е? Или дење? Пролет? Или зима? И каде сте? Не се гледа од внатре. Не знаете во кој град сте и дали воопшто сте во град. Комплексот може да биде на аеродром или во нов град. Може да биде на исток или на запад. Музиката од звучниците не дава никаков знак. Исто е како и секаде. Може да сте во странска земја или на вселенски сателит. Се наоѓате во универзална и контролирана средина.

А ќе застаруваат на многу лош начин. Низ историјата, превозните средства и културите во кои тие се појавуваат ги имаат создадено своите најразвиени манифестации само откако ќе влегле во период на застареност. Можеби така ќе биде и со мегаградбите и ерата на автопатите која ги создаде. Тие се последното грчевито олицетворение на едно време кое минува, но и несреќен модел за иднината на градот.

Кон првото поглавје
Кон второто поглавје
Кон третото поглавје
Кон четвртото поглавје
Кон петтото поглавје
Кон шестото поглавје
Кон седмото поглавје

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото