Имитација на модернизацијата

03.12.2009 16:25
6.jpg

Последното обраќање на Дмитриј Медведев во Федералното собрание на Руската Федерација сосем основано е окарактеризирано како маниловштина1.

Ако тргнеме од претпоставката дека Медведев навистина сака да изврши модернизација на земјата, веднаш се соочуваме со фактот дека тоа што е замислено не одговара со реалните можности на економијата. Меѓутоа, вистинската цел на „модернизацијата“ на Медведев не е следната фаза на развојот, туку безначајна козметичка корекција и зачувување на сегашниот политичко-економски модел.

Бидејќи путиновата номенклатура е пред банкрот, „модернизацискиот“ проект на Медведев би требало да реши неколку проблеми:

1. Да создаде нов механизам за пљачкање на буџетот

Треба да се вложат што е можно повеќе пари во „современите технологии“ и тоа, во такви, кај кои веќе однапред се знае дека конечните резултати на „научните истражувања“ се непознати. Како во руските бајки кога царот ќе им нареди на своите поданици: Оди таму – не знам каде, најди го тоа – не знам што. Овој пристап отвора широк простор за коруптивно творештво не само во областа на таинствените нанотехнологии, туку и во многу поопипливи сектори како истражувањето на космосот, производството на разни прибори и специјални алати и сл. Медведев своевремено како вицепремиер беше задолжен за „националните“ проекти, така што е добро запознаен со предностите кои ги пружаат задачите од овој тип. Тие предности се: многу реклами, широки можности во располагањето со финансиските средства и отсуство на секаква одговорност за крајниот исход. Сега оваа веќе разработена шема ќе се применува во уште пошироки размери.

2. Да ја тргне одговорноста од елитата за лошата состојба во економијата

Кризата не се случи зашто многу се крадеше и ништо не се направи за развој на земјата, туку зашто немавме доволно амбициозни цели. Бевме претерано скромни. И така живеејќи ги своите скромни животи, наеднаш ни стана јасно дека ако не се модернизираме итно, на нашата економија и’ се заканува пропаст. Затоа ние сега повеќе немаме време да ги бараме виновниците, туку треба сите заедно да ги засукаме ракавите и во најкраток можен рок да се зафатиме со модернизација на целата земја. Со оваа постапка се служеа и советските лидери, па поради честата употреба таа е веќе излитена. За сите промашувања во спроведувањето на индустријализацијата и колективизацијата Хрушчов го обвинуваше другарот Сталин, и така ја заштити партијата од одговорноста. Истовремено им упати повик на сите да ги впрегнат сите сили со цел да се „достигне и престигне Америка“ и да се изгради комунизам во кој нам, за 20 години, свечено и на голема врата ќе нè внесе нашата комунистичка партија. Денес улогата на Сталин ја игра Елцин и неговата „епоха на проклети деведесетти“. „Стратегијата 2020“ (ништо друго освен преименуваниот „План на Путин2“) одговара со документот кој е прифатен на XXII-от конгрес на КПСС под насловот „Програма за изградба на комунизмот“. Тогашната партија е заменета од симбиозата меѓу бирократијата и олигархијата, и тие денес заедно настапуваат под единствениот бренд „силна држава“. Улогата на Америка ја игра Америка. Оваа последна компонента според сите параметри остана непроменета.

3. Да се сочува консензусот меѓу членовите на елитата

Во годините на нафтениот бум, консензусот е одржуван со помош на системот на централизирана распределба на екстра профитот. Овој систем на распределба меѓу „своите“ во јавноста е многу попознат како „вертикала на власта“. Централизацијата и уредувањето на коруптивните текови по одреден и однапред договорен хиерархиски систем е основната намена на оваа „вертикала“. Меѓутоа, падот на цената на нафтата, оневозможениот пристап до евтините кредити од запад и одливот на домашниот и странскиот капитал од земјата, сериозно ја потресоа коруптивната вертикала. За таа да се зачува и да се зацврсти неопходна е нова основа, т.е. нови извори за богатење. Владеењето со овие нови, „модернизирани“ буџети и’ дава можност на елитата да си ја обезбеди таа основа.

4. Да направи „инвестициски пробив“


Овој термин неодамна е употребен на состанокот на Путин со странските инвеститори во московскиот хотел Балчуг. Кога руските раководители почнуваат да зборуваат за потребата од „пробив“ во некоја област, тоа може да значи само едно: во таа област нештата стојат многу лошо. Крупните и долгорочни странски инвестиции не доаѓаат повеќе во Русија, а без западниот капитал руската економија не пружа можност за лесно богатење на елитите. Затоа е рекламната функција на еден од клучните аспекти на „модернизацискиот“ проект. Неопходно е да се убедат странските инвеститори да вложат пари во руската „модернизација“, бидејќи во спротивно руската елита ќе нема на што да ги згрее своите студени раце. Либералната реторика на Медведев е важен маркетиншки елемент на овој проект. Западот во него треба да препознае „свој“ човек и да и’ поверува на неговата искрена желба да ја демократизира земјата. А бидејќи премиерот често му е зад петиците, вистинските прилики за остварување на неговите благородни цели сè уште ги нема. Дајте пари, а со Путин ќе излеземе некако на крај. И онака изборите не се далеку.

5. Да се зачува монополот во власта и економијата

Проектот „модернизација“ треба да ја зацврсти веќе стекнатата монополска положба на денешната елита во политиката и економијата. Само инструментите со кои се остварува овој монопол можат да се менуваат. На пример, да се откажеш од државните корпорации од кои и онака нема корист, бидејќи веќе до гуша се во долгови, е логичен чекор. Овие корпорации ќе згаснат, долговите ќе им се отпишат, а ќе започнат нови, финансиски поперспективни проекти и шеми. И се разбира, целата операција за перестројка на системот „пљачкање на буџетот“, како и досега, ќе се води строго централизирано, директно од Кремљ. Политичката „либерализација“ никаде нема да ја засега основата на денес важечкиот систем. Во чисто рекламни цели акцентот ќе се стави на разновидни хуманитарни иницијативи (на пример, поддршка на некомерцијалните социјално насочени фондови), техничко опремување на изборните комитети и останати козметички акции.

Сосем оправдано се наметнува следното прашање: дали на Русија и’ е потребна ваква „модернизација“?

Одговорот е – не само што не и’ е потребна, туку и е штетна. Нема смисла да се зборува за каква било модернизација додека не се решат прашањата на устројство на државата.

Русија не е држава во современата смисла на овој збор. Државната машинерија е приватизирана од страна на политичката номенклатура и олигархијата која е приклучена на неа. Всушност, олигарсите се дел од номенклатурата задолжени за бизнис проектите. Во Русија сопствеништвото не е правна категорија, па затоа не е ни случајна појавата на изразот „парче сопственост“. Со други зборови, „сопствеништво“ е цела Русија, а „латифундиите“ поделени меѓу „своите“, согласно со хиерархиските критериуми, се „парчиња сопствеништво“. Колку е повисока положбата на човек во хиерархијата на номенклатурата, толку поголемо „парче сопствеништво“ му припаѓа. Основата на функционирање на ваквиот систем е меѓусебната лична конкуренција внатре во апаратот, а не учество на пазарот.

Државната машинерија на овој систем му обезбедува легитимност, а под нејзино покровителство и „пљачкањето“ на истата држава се претставува како „грижа за националните интереси“.

Освен тоа, државата се јавува и како најважен извор за стекнување социјален статус, бидејќи стекнатото богатство не е доволно. Затоа многу бизнисмени тежнеат кон тоа да станат пратеници во Думата, да добијат државни награди, да бидат одликувани и сл. Во таа смисла, бизнисот е многу „патриотска“ работа. Руската држава и нејзината повеќевековна историја станаа многу вносен бренд.

Со доаѓањето на кризата, победата во Втората Светска војна почна да се споменува и онаму каде тоа не е сосем умешно. Медведев своето обраќање во Федералното собрание го заврши со метафората на „мостот“ кој се протега од воените ветерани кон современото поколение, со ветувањето на нови победи во светлата иднина. Брендот на „велесила“ затоа е погоден, бидејќи со него се анулираат многу грешки и промашувања. Кога пред земјата стојат задачите со космички размери, неизбежни се делумни пропусти, несогледувања, па дури и неуспеси. На патот кон големата цел дозволени се многу глупости. Сето тоа се ситници во однос на чудата кои ја очекуваат Русија и нејзините граѓани во блиската 2020 г.

Путин дојде на власт на бранот јасни барања на јавното мислење да се зајакне и деприватизира државата. Меѓутоа, тој за време на своето владеење го стори токму спротивното. Ја уништи државата како јавна институција и ја претвори во приватна корпорација. Елцин се трудеше да зачува каков-таков, макар и тешко одбранлив облик на поделба на власта. Често им се спротивставуваше на олигарсите и на политичката номенклатура провоцирајќи периодични политички кризи и намерно создавајќи нејасни ситуации. Путин, меѓутоа, целосно се откажа од јавната политика и сите институции кои би можеле да бидат поврзани со неа. Тој ја претвори државата во номенклатурно-олигархиски дуќан. Моќната пропаганда успеа да го создаде ликот на Путин и ликот на државата кои не само што не одговраат со вистината, туку се нејзина целосна спротивност. Путин е антидржавник кој ги сруши и последните остатоци од руската државност, а на телевизискиот екран ни го сервираат „националниот лидер“ со цврста рака која ја зајакнал државата.

Медведев го продолжува движењето во тој правец. Со својот „модернизаторски“ проект тој ја купува можноста да ја преземе путиновската елита. Методите смислени за време на владеењето на Путин веќе не функционираат во новите услови. Порано западниот свет на Путин гледаше како на гигант со стабилни „правила на игра“ (многу западни бизнисмени уште во 2008 ја поддржуваа идејата за трет изборен мандат на Путин за претседател) и вложуваа пари во Русија. Денес ситуацијата е обратна. Брендот е дискредитиран и никој не смета на Путин. И затоа сега номенклатурата се занимава со промоција на Медведев како фигура која ќе биде привлечна на Запад. Но засега, Западот не му верува. Премногу е очигледна сенката на претходникот. Но Путин нагло ги губи поените на меѓународната и домашната сцена. На последните локални избори на 11 септември гласачите не излегоа. За реалната излезност во јавноста кружат многу верзии, но онаа и според официјалната верзија е исклучително мала. За партијата на Путин, Единствена Русија, електоратот не сака да гласа. Гласачите се разочарани и повеќе го нема „путинското мнозинство“. Официјалните резултати на изборите се подготвени во истата кујна во која е зготвен и добриот рејтинг на Путин. Целиот систем е изграден на големата лага која ја искривува реалноста. А бидејќи стана и скржав распределувач на подароци, рејтингот на Путин опаѓа и во редовите на елитата.

Следниот чекор на номенклатурата во целта на заштитување на своите позиции е создавањето партија на Медведев, меко придвижување на страна на веќе застарениот „национален лидер“ и промоција на „модернизацијата“. За отворената војна на „сите против сите“ никој од елитата не е заинтересиран, бидејќи освен тоа што се можни големи порази, со тоа би се отворила и можноста во системот да се вметнат и „туѓи“, вонсистемски играчи. Вчерашните „путиновци“ мирно ќе преминат во „медведевците“ и ќе застанат под знамињата на партијата „Модернизирана Русија“ или „Русија – напред“. Медведев е млад и да се застане зад него во следните 10-15 години може да биде сосем одговарачка опција. Заедно со фанфарите за модернизација на Русија, „преродба на нејзината величественост врз нова основа“, ќе биде започната деликатната работа „пљачкање на буџетот“ со примена на новите технологии. Пропагандната машинерија ќе се вклучи и ќе почне да формира медведевско, модернизациско мнозинство. Марина Литвинович3 навреме го воочи овој нов тренд и побрза да го лансира новиот термин во информативниот простор – медведевско мнозинство. Нејзина идеја е дека сега е вистинскиот миг за активирање на опозицијата која би ја презела од власта точката од дневниот ред под името „модернизација“ и да создаде мнозинство кое би спровело реална модернизација. Но опозицијата денес не е подготвена да одговори на фрлената ракавица и владејачката номенклатура останува како единствен играч спремен за „модернизаторски игри“.

За решавање на животно битните задачи не се потребни никакви супертехнолошки „пробиви“. За изградбата на нови патишта, гасификација, обнова на железничкиот возен парк и пругите, економичната станбена изградба и замената на веќе одамна застарените и потрошени комуникациски системи, не се потребни нанотехнологии и останати гламурозни играчки. Доволно е паметно да се развива и применува веќе постоечкото, како што многу успешно го прават нашите соседи Кинези. Пред да се впуштиме во технолошка трка со Америка, не би било лошо да го доведеме во ред она што во Русија сè уште функционира некако. Но на паразитирачката елита тоа очигледно не и’ се исплатува, па по нејзината нарачка сега ни се сервира „модернизацијата“.

Во догледна иднина во Русија нема да има ниту реална ниту виртуелна модернизација. Државата веќе се распадна до тој степен што нема доволно ресурси за спроведување која било од нив. Остана уште само да се распадне и земјата. Но руското население има добро развиен инстинкт за самоодржување. Првата реакција на кризата од страна на народот беше целосната незаинтересираност на гласачкото тело која се покажа на изборите од 11 октомври годинава. Беше тоа одбранбена реакција на заканата која сè уште не е доволно дефинирана, па затоа сè уште нема ни соодветен одговор на неа. Меѓутоа, социјално-економската ситуација станува сè полоша и „емоционалното клатно“ со текот на времето ќе се придвижи во спротивна насока, а рамнодушноста и ескапизмот ќе бидат заменети од агресивноста која нема да можат да ја совладаат никакви специјалци. И самата полиција е незадоволна од својата положба. Случајот со мајорот Димовски4 е само почеток на овој процес. Алчноста, егоизмот и ароганцијата на владејачката елита само го провоцира општеството на реакции кои по својот облик можат да бидат далеку од цивилизирани. Рускиот бунт се раѓа како последица на самоволието на власта. Вакво самоволие има сè повеќе, а шансите да се избегне револуционерното сценарио се сè помалку. И затоа ќе бидеме принудени да ја одложиме модернизацијата (без наводници) за некое време.

1. маниловштина (рус. маниловщинa): мечтателски и млитав однос кон своето опкружување, неоснована добродушност (сопоред Манилов, еден од ликовите на романот „мртви души“ на Гогољ).

2. „Планот на Путин“: идеолошка формула со која се означува политичката и економската програма на Владимир Владимирович Путин, која ја користеше партијата Единствена Русија за време на предизборната кампања 2007 и 2008 г.

3. Марина Литвинович: поранешен извршен директор на организацијата Обединет граѓански фронт. Федералното биро на советот, и’ го одзеде полномошното за функцијата во оваа организација поради отвореното писмо до опозицијата во кое се повикува на обединување и на основање „медведевско мнозинство“ како одговор на познатата статија на Медведев, „Русија – напред“, која е објавена на интернет во октомври годинава.

4. Мајор Димовски: полицаецот Алексеј Димовски од Новороријск сними и емитуваше преку интернет на почетокот на ноември видео клип во кој му се обраќа директно на Путин и му ја изнесува вистината за неправдите и корупцијата во својата полициска станица.

Илустрации: Олга Громова

Извор: Ежедневный Журнал

ма немој

Ма немојте!!! Весник чиј сопственик е поранеше олигарх обвинет за проневери, застапени автори на личности од деградираните ултранационалисти - фашисти како Гари Каспаров и Едуард Лимонов, плус поранешни соперници на Путин, поранешни кандидати за претседатели, силни критики кон овој весник од демократската „Јаболко“ - тоа е ефектот кој треба да ни даде еден сосема нереален текст!? Една Русија која со просечна плата од 50-60% во 1998 денеска има 700-750% просечна плата, БДП од 200 милијарди во 1998, а денеска 2.2 трилиона!!! Јас можеби не сум целосно економски писмен - но кога една економија за 10 години ќе порасне 10 пати - без разлика дали со високи цени на нафта или не - таа има повеќе средства за целосна модернизација која порано не била возможна - инаку, се е за кратки патишта. Денеска руската економија е во криза како и сите во светот, но ако гледате воопшто нови статистики - веќе доживува нов раст од месец ноември. Автократијата како и секогаш е во Русија - никогаш друго и немало, секогаш така финкционирало, така и ќе функционира. Плус, авторот некако грузиски ми звучи - да не е малку љубоморен што му ја осакатија земјата!?

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото