Џипси Мамбо за Балдасар и Пуповац

08.01.2014 03:07
Џипси Мамбо за Балдасар и Пуповац

Полемиката на сплитскиот градоначалник Иво Балдасар кој му го ускрати гостопримството на македонскиот оркестар тврдејќи дека не сака да ја претвори сплитската Ривиера во „паланечки панаѓур“ и пратеникот Милорад Пуповац, кој поради ваквото образложение го прозва за „културен расизам“, откри дека двајцата учесници, заслепени од непромислената потреба за наметнување политичко-културолошки ставови, не се свесни за епските корени и тажниот расплет на приказната на веројатно најголемиот брас-бенд на Балканот.

Во првата половина на минатиот век, во местото Кочани во источна Македонија, познато по најквалитетниот ориз во некогашна Југославија (дури и Сузана Манчиќ во биографијата се фали дека за тезгите во Кочани добивала вреќи ориз на подарок), основан е Дувачки оркестар, предводен од Ахмет Велиов. Штафетата од него кон крајот на Втората светска војна ја преземал синот Хикмет, но вистинскиот почеток на Кочани Оркестар се бележи во моментот кога го преземал синот на Хикмет, Наат Велиов. Светска слава оркестарот ќе стекне кон крајот на осумдесеттите, со појавувањето во филмот „Дом за бесење“ на Емир Кустурица, а во деведесеттите ќе станат врвна меѓународна world music атракција, настапувајќи во елитни светски концертни сали, на фестивали како Roskilde во Данска (пред 100.000 луѓе), но и на настани како модната ревија на Јоџи Јамамото која директно беше пренесуванa на Fashion TV.

Во 1999 година доаѓа до пресврт кој самите Роми; без страв од обвинување за културен расизам, би го окарактеризирале како „циганска работа“. Непосредно пред да излезе албумот „Џипси Мамбо“ креативното јадро на бендот, Наат Велиов и Исмаил Салиев, доаѓа во конфликт околу идната насока на бендот. Под номиналната причина за судирот - недоразбирањето околу аранжманите и свртувањето кон секвенцерите и електронскиот звук - се крие распределбата на заработените пари. Бендот се дели на две фракции: Салиев со помош на белгискиот издавач Crammed Discs успева да го заштити името Кочани Оркестар и ја продолжува работата со нови музичари под тоа име, а Велиов задржува поголем дел од членовите на „стариот“ бенд и продолжува да свири под името King Naat Veliov Original Kočani Orkestar. Бендот на Салиев продолжува да бележи комерцијални успеси, помеѓу другото изведувајќи ја нумерата „Шики шики баба“, ударната песна во филмот „Борат“, а оригиналниот бенд на Наат свири по Европа, настапувајќи и во Загреб во 2003 и 2007 година.

Во 2008 умира Исмаил Салиев, а неговиот син Билент продолжува да настапува под името Кочани Оркестар. Уште истата година на концертот во загрепска Творница преполн со свадбарски хитови, станува јасно дека нивното шоу е класична тезгарска распродажба на угледот, без континуитет со традицијата на оригиналниот оркестар. Билент уште неколку пати настапува на разноразни фестивали со нешто наречено Пицикато Брас Бенд, а со Кочани Оркестар и во спотот на Лука Нижетиќ. Во меѓувреме, во последните неколку години на градските плоштади и народните веселби во Хрватска и регионот сѐ почесто се појавуваат различни „Кочани Оркестри“, како споменатиот Gipsy Mambo Kočani Orkestra (со „i“ наместо со „y“, веројатно за да потсетува на Gipsy Kings). Единствената врска на овој оркестар со некогашниот Кочани Оркестар е трубачот Драганчо Петров кој понекогаш свирел со Исмаил Салиев и фактот дека Елвис Салиев, член на Gipsy Mambo Kočani Orkestra, е внук на Исмаил.

Затоа, кога Пуповац го прозива Балдасар за „културен расизам“, треба да биде свесен дека она што го брани е дестилат од дестилатот од оригиналниот Кочани Оркестар, тезгарско-свадбарски ориентиран и со тоа естетски (а не етнички) несоодветен за јавна забава. Секако, ова не ја намалува бесмисленоста на „свилениот гајтан“ кој Балдасар, веројатно во параноја од повеќегодишното сквернавење на сплитскиот панаѓур на Керум, го намени за македонските Роми. Штета е само што во силната возбуда околу „прочистувањето на концептот на саемот“ од една и „одбраната на урбаните вредности“ од друга страна, некој не се досети да го повика Наат Велиов и неговиот оркестар. Ете ги во родното Кочани, сѐ уште свират на свадби и погреби, а понекогаш настапуваат и на европски фестивали. Иако не се претерано дискографски активни, далеку се поблиску до автентичниот Кочани Оркестар, чија тажна приказна најмногу потсетува на приказната за распродажбата на угледот на кубанската музичка институција Afro Cuban All Stars. Но, судејќи според распространетоста на мамбо-џамбо имитација оркестрите по народните веселби во нашите градови, се чини дека и таквиот оригинал е сепак поскап од копијата.

 

Отвореното писмо на Пуповац во кое го обвинува Балдасар за културен расизам може да го прочитате овде, а одговорот на сплитскиот градоначалник овде.

 

Извор: www.tportal.hr