Будењето на мртвите

04.12.2009 12:18
erasmus517.jpg

Германскиот филозоф Валтер Бенјамин имаше необична идеја дека е можно да се промени минатото. За поголемиот дел од нас минатото е непроменливо, додека иднината е отворена. Бенјамин сметаше дека со своето дејствување во сегашноста можеме да го промениме минатото. Секако, не буквално да го промениме, зашто единствено е извесно дека минатото веќе го нема.

Не постои начин да го избришеме Виенскиот договор или Големата глад во Ирска. Еднаш направени, човечките постапки веќе не можат да се исправат, и тоа е карактеристично за нив. Она што било вистина во минатото, секогаш ќе биде вистина. Наполеон секогаш ќе биде низок, а Ајнштајн секогаш разбушавен. Ништо во иднината не може да го промени фактот дека Бенјамин, побожен Евреин, извршил самоубиство на границата меѓу Франција и Шпанија кога во 1940 година требал да биде предаден на Гестапо. Освен во случај на буквално воскреснување, не постои надомест за страдањата на неброените генерации мажи и жени кои страдале за благосостојбата на некоја мала група (што всушност е содржината на човековата историја).

Бенјамин сметаше дека она што сега го правиме може да го промени значењето на она што се случило во минатото. Минатото не мора буквално да постои (ништо повеќе од иднината), но тоа продолжува да живее низ последиците кои се негов витален дел. Бенјамин на ист начин размислува за уметноста. Според него, со времето се менува значењето на уметничките дела. Големите песни и романи се како фитили кои постојано горат. Со влегувањето во нови, непредвидени ситуации, тие добиваат ново значење кој авторот не можел да го предвиди подобро отколку што Гете можел да ја насети појавата на комерцијалната телевизија. За Бенјамин во уметничките дела има скриени значења кои во иднина ќе излезат на светлото на денот. Секоја голема драма, скулптура или симфонија, како и секој човек, имаат иднина која нема да ги промени, но повторно ќе ги дефинира.

Во одредена смисла, ние денес повеќе знаеме за Француската револуција или сталинистичкото владеење отколку што знаеле нивните учесници, зашто ни е познато до што тие довеле. Од денешна перспектива ние ги поставуваме овие настани во поширок контекст, сфаќајќи ги подобро отколку што, на пример, Робеспјер или Троцки некогаш можеле да ги сфатат. Цената на ова супериорно сознание е немоќта. Не постои начин на кој би можеле да го искористиме ова знаење за да ги исправиме катастрофите од минатото. Ние сме како луѓе кои оддалеку мавтаат наспроти големите кризи и превирања, немоќни да интервенираат во историјата која веќе се одиграла.

Сепак, не сме целосно беспомошни. Ние треба да се погрижиме, на пример, Микеланџело и Томас Ман да не бидат припадници на човековиот вид кој самиот себе се уништил. Бидејќи се мртви, тие се немоќни да го спречат тој трагичен расплет, додека ние не сме. На нас останува да им дадеме смисла на нивните дела. Иако не можеме да ја промениме судбината на оние кои во минатото умирале за правдата, со постапките во сегашноста можеме да ги промениме нивните нарации и дури да доведеме до среќен крај.

На овој начин, сметаше Бенјамин, ние можеме да ги искупиме своите предци. Традиционалните еврејски обреди и сеќавање на мртвите би можеле да добијат нова смисла. За овој несекојдневен левичар, носталгијата е револуционерна сила. Денес носталгијата е неприфатлива колку и расизмот. Нашите политичари зборуваат за раскинување со минатото и свртување на грбот на вековните нетрперливости. Треба да зачекориме во празна, со амнезија избришана иднина.

Бенјамин го отфрли таквото лицемерие зашто беше свесен дека минатото чува витални ресурси за обновување на сегашноста. На оние кои го бришат минатото им се заканува опасноста да ја избришат иднината. Никој повеќе не сакаше да го искорени минатото од нацистите, кои, како и сталинистите, едноставно ќе го избришеа од списите сето она што не им одговараше. Минатото, како и иднината, беше глина во нивните раце. Вистинската моќ е да се има контрола над она што веќе се случило, а не способност да се предвиди следниот настан.

Во една од своите најостроумни изјави, Бенјамин забележа дека она што луѓето ги тера на револт против неправдата не се сништата за ослободените внуци, туку сеќавањето на потчинетите предци. Во надеж дека нема да се скамениме погледнувајќи во ужасите на минатото, принудени сме да се движиме напред.

Бенјамин многу беше заинтересиран за делото на својот сонародник, евреинот Сигмунд Фројд, кој исто така сметаше дека сеќавањето е клуч за еманципацијата. Според мислењето на Фројд, човечките суштества по природа се животни кои не помнат. Заборавот е она што нè тера напред. Преживуваме само благодарение на тоа што потиснуваме поголем дел од непријатната содржина од своето минато. Според Фројд, заборавот е сосема природен. Сеќавањето е само заборавање дека треба да заборавиме. Тоа може да биде исклучително болен процес, што е една од причините зошто го избегнуваме.

Меѓу поединецот и нацијата може да се повлече паралела. Нациите понекогаш цветаат негирајќи ги злосторствата од кои се родени. Контролата се постигнува само тогаш кога инвазиите, окупациите, етничките чистења или превратите безбедно се потиснати во политичката потсвест.

Барак Обама во своето наследство има, како што Бенјамин ги нарекува, потчинети предци. Можеби тој не е директен потомок на робовите, но е дете на континент од кој робовите се донесувани со бродови. Во склад со својата скрупулозна „пострасистичка“ персона, Обама не сака да го истакнува овој факт. Од неговата администрација во никој случај не можеме да очекуваме големи промени. Соединетите Држави ќе останат еднопартиска држава, без разлика под кое има капиталистичката партија ќе дејствува. Но, дури и така, со човек на власт кој има темна боја на кожата, оваа земја има извонредна можност да се искупи за своите злосторства. Има шанса да напише неочекуван епилог на мрачната приказна за ропството и расните судири.

Тоа не значи дека е добро сето она што добро ќе заврши, како што мислеше Шекспир. Трагедиите не се претвораат во комедии со едноставно допишување на неколку возвишени редови на крајот. Всушност, поголемиот дел од среќните завршетоци на Шекспир имаат дисидентски елемент, некој луд кој одбива да биде дел од конечното решение.

Победата на Обама не ја искупува Америка за застрашувачкото минато. За линчуваните, кастрираните и понижуваните во минатото нема вистинско искупување. Нашите пооптимистични предци понекогаш ја споредуваат историјата со воз кон нè влече од мрачните долини кон сончевите брегови. Но, ако историјата е воз, тогаш мораме да оддадеме почит кон оние кои никогаш не стигнале до својата цел – на оние кои умреле на скретниците или од очај се фрлиле под возот.

Па сепак, комичниот след на настаните (од полошо кон подобро) кој Обама го донесе во Вашингтон служи како доказ дека историјата, иако трагична, не е запишана во камен. Што ќе биде, нека биде. Но, како што пријателот и колега на Бенјамин, Бертолд Брехт, никогаш не престана да нè потсетува, сè можеше да се случи поинаку, или не мораше да се случи. А тоа често има подеднакво влијание на историјата како и настаните кои се случиле.

Од перспективата на Белата куќа на Барак Обама, ние денес подобро го гледаме минатото отколку што можеле да го видат робовладетелите од американскиот Југ во 19 век. Ние гледаме дека ропството не било неопходно, зашто еден ден Афроамериканец ќе стане претседател на државата и така конечно ќе го урне митот за инфериорноста на сопствената раса.

Тоа ретроспективно ја испишува историјата на нацијата. Но, во исто време буди неподнослив гнев: на крајот, сите нивни страдања биле залудни. Како што Брехт ќе рече: „Страдањата на овој човек ме ужаснуваат зашто се непотребни“.

Извор: New Statesman

Слики: Арнолд Еразмус

Слични содржини

Општество / Активизам / Теорија
Општество / Европа / Свет / Став
Општество / Активизам / Фотографија / Култура / Музика
Општество / Активизам / Графички Дизајн / Уметност
Општество / Активизам / Култура / Уметност
Општество / Психологија / Живот / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото