Мрсулот на грипозната историја

08.01.2014 10:18
Мрсулот на грипозната историја

Ваков ментален и културен код што во моментов се разлева најмногу ми личи на мрсул што капнал од носот на грипозната историја, а не на модерно обликувана и втемелена нација!

Влегувам во сериозна опасност да ја банализирам својата политичка мисла, но искушението е преголемо и затоа пак ќе резимирам: лажниот мит за револуционерната борба им се врати на Македонците како реален политички концепт што ги третира како лажни стварноста во Македонија и Македонија како стварност; тие „вештачки“ инсталации на антифашистичката епопеја и на југословенската реализација на македонската национална и државна идеја! Концептуализираниот мит се остварува себеси како антимакедонска деструкција на „лагата“ односно на нашето постоење, принесувајќи се себеси како главен доказ за Македонците како слепи патници во големиот брод на Историјата! Тоа е вистината за ВМРО. Останатото е парада!

Тие преобразби на лагата во концепт и на концептот во стварност, не се случија како резултат на демократските процеси туку како нивна негација, како инсталација на светогледи што го искористија тажниот судир на демократијата со сиромашното и политички неписмено население за да се наметнат како класична тоталитарна, смртоносна прегратка за оној македонизам кој ние (а и Европа) го сметавме за модерен, културен, питом, реален и вистинит и кој, со сите слабости, навистина беше таков до појавата на вмровската транзиција во Ништо.

Разореното општество се труди да ѝ се прилагоди на новата ситуација многу повеќе отколку што покажува некаква волја да ѝ се спротивстави! Тоа е така зашто инстинктот за елементарното преживување и тралалајната идентитетска нарација што како компензациска коска за симнувањето од историската сцена му ја нудат актуелните џелати, му се покажуваат на овдешниот просек многу поважни од загубата на историскиот формат што го има очовечено како модерен субјект. Таков ментален и културен код најмногу ми личи на мрсул што капнал од носот на грипозната историја, а не на модерно обликувана и втемелена нација!

Сте сретнале ли некаде некаква политичка артикулација на овие онтолошки поместувања во тоа што, со сите резерви, сепак, можеме да го означиме како македонска бит. Не се сеќавам! Не верувам дека тоа е зашто интелектуалната елита и опозициската политика се плашат околу тоа дали Македонија може да го издржи реалното дефинирање на клучниот внатрешен конфликт, но дури и да е така, работите треба да се отворат до крај и без резерва зашто занимавањето само со политичките појавни облици на судирот, директно ја носи Македонија во пропаст.

Опозицијата се труди да се однесува како коректен политички противник на ВМРО во рамките на претпоставката дека политичкиот натпревар функционира во еден колку-толку демократски систем. Проблемот е во тоа што тој систем не постои. И не само тој систем, туку не постои Македонија во која тие мислат дека се остваруваат себеси како политички субјект. Тоа, пак, што постои ВМРО, тоа значи дека ѓаволот ја однел шегата и дека опозицијата е исфрлена од светот на релевантноста, меѓу другото или пред сѐ поради политичкиот конформизам кој не ѝ дозволува својата политика да ја формулира не врз основа на дневнополитичкиот диктат, туку врз основа на соочувањето со болните историски, политички и културни вистини за Македонија, врз неопходноста од катарзично соочување на Македонија со себе!

Тоа е, се разбира, ризична нарација, но, истовремено, единствена нарација што може да обезбеди пресврт на јавната сцена. Не средната класа и дедевето! Главното чувство што лебди меѓу луѓето и го пробива и најотровниот смог не се импресиите за земјоделските субвенции, дури не и за пензиите и за изборите, макар што станува збор за исклучително важни прашања, туку стравот од немоќта да се сфати ширечката ненормалност и исчезнувачкиот личен и колективен субјективитет и интегритет, свеста дека пропаѓаме и дека не нѐ бива, дека првпат во тој поглед доминира ставот дека самите сме си виновни, не Грција, не Брисел, не светската криза... тоа, значи, чувството на некоја фатална фаталност што се шири и предизвикува депресии и очај кај луѓето! Тоа се културни, ментални, филозофски, би рекол проблеми што не реагираат на програмите за зголемување на дедевето!

ВМРО имаше помалку од еден процент право да ги исправа кривите дрини на македонскиот антифашизам, комунизам и југословенизам, односно 95 проценти помалку отколку што преостанатата нормалност има право и обврска да го демонтира тој усран мит што 120 години прави од Македонците морони и топовско месо секогаш кога ќе добие и најмала прилика! За разлика од општите уверувања, јас тврдам дека нема полесна културно-политичка задача.

Неопходно е да се отвори прашањето за комплетната и радикална ревизија на многу други историски легитимации кои се сосема бесмислено натрупани на контото на македонистичката ексклузива, со идеја во вистината за себе, во модерната конституција против сопствената историја, а не со нејзина помош, да ги поставиме новите темели на своите перспективи заедно, се разбира, со новите односи со соседите! Треба да се испумпа темата за името од вишокот значење со кое се врши систематско заглупавување на Македонците!

Треба да се избришат сите црвени линии и измислици за таканаречените национални интереси, треба да се реафирмира југословенското искуство како ѕвезден миг на македонската реализација и антифашизмот како темел на тоа остварување, а не да бегаат и да се срамат од тоа (срамота) оние што се претставуваат како алтернатива на ВМРО. Треба да се дефинира Злосторничкото здружување и Здружениот злосторнички потфат на чија реализација така упорно и систематично работат...!

Признавам дека овој пристап е малку посложен од баналните папагализми за изборите, за изборните правила, за коалициите, за незаконските пари во кампањите, за бесмислените и празни закани на опозицијата („нема да му дозволиме на Груевски“) за бесмислените морализирања („крајно време е власта да се свести“) за самозалажувањата со охрабрувачки анкети или со фамозниот систем од врата на врата (да не ми тропнале без 5.000 евра) итн.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото