Идеологијата на вистината како политичка платформа

08.01.2014 11:20
Идеологијата на вистината како политичка платформа

Во ова несреќно време на националистички илузии, промашени политички идеи, идеологија како димна завеса за материјално и ментално уништување на Македонецот, за човек е лесно да се изгуби и да биде потчинет од медиокритетството на постојниот режим. Вистинскиот проблем не е самото едноумие, или хегемонијата на одредена политика и идеја, најголемиот проблем е што тоа едноумие и таа хегемонија се остварува врз комплетно нереални или лажни историски, идентитетски, морални и културолошки претпоставки. Во такви моменти потребна е вистина, која извира од влијателни и паметни луѓе, и повеќе од само вистина, потребна е идеја или идеологија која се базира на вистинитоста.

На овој наш Божик 2014 се роди токму една таква синергија. Дискусијата околу лажноста на преродбеничката идеја наспроти вистинитоста на државотворната и југословенска Македонија не е нова, но деновиве доби особен импулс. Гелевски и Ефтов на овој Божик актуелизираа една многу јасна, мошне опиплива рамка за тоа што го нарекувам идеологија на вистината.

И двајцата на свој препознатлив начин, мошне аналитички и критички успеаја да ги сублимираат појдовните точки на нашата актуелна катастрофа и можеби и несвесно да понудат една малку испробана политичка платформа за во блиска иднина.

Кај Гелевски доминира јасната констатација дека Република Македонија е промашен проект. Македонија не е промашен проект заради самата инсталација на режимот на Груевски, туку е промашување затоа што режимот се коси со нашата реална државна, национална, историска, идентитеска, културна, би рекол секаква, суштина.

Македонецот сам ја еродира својата историја и национална посебност, самиот го уништува своето општествено ткиво, самиот го деградира образованието и хоризонтите на идните генерации, и од тој аспект Македонецот живее сѐ освен едно нормално општество. Целиот тој процес на ревизија на историјата и на сегашноста, на ревидирање на нашето минато, а со тоа и на суштинските процеси кои нѐ направиле тоа што сме, еднаш кога целосно ќе го поклопат реалното минато и продуктите од истото, создаваат меланж од негативни консеквенци кои не се анулираат низ фикциите на режимот, туку создаваат непомирлива тензија во животот на индивидуата, па и колективитетот. Општество под ваков лажен идеолошки режим не само што е неспособно повеќе да го разбере своето реално минато, тоа не е способно да го разбере ниту своето актуелно фиктивно општество.

Нормално, тоа е нешто што ќе се решава преку интензивна деантиквизација и девмровизација, но тоа што е клучно е акцентот кој Коља го става на нашето југословенско минато и искуство. Не југословенско како политички процес, туку како индивидуално и колективно наследство, како право и борба за нашето реално сеќавање, за проникнување во реалните процеси од минатото кои нѐ создале и нѐ направиле тоа што сме, како енергија за мобилизација и еманципација на ново ослободување, слободно размислување и враќање кон изгубените вредности. Конечно, погледот на Коља не е само мисловно темпорален, тој е и територијален, а има ли подобра територија за искуства и успеси од некогашниот југословенски простор?

Ако Коља ни сугерира да се освестиме што сме изгубиле и што треба да повратиме и мисловно и како едно пошироко општество, ако Ефтов таа критика ја концентира на самата левица, сепак неговата анализа воопшто не е ништо потесна.

Консеквентно е што Ефтов ја прашува левицата каде и зошто се изгуби нејзината идеолошка вистина, нејзиниот државотворен ореол во овие десет, ако не и повеќе години. И на место е прашањето. Ако левицата која требаше да биде чувар на своите државотворни и историски постигнувања потфрли во задачата, зарем народот е тој што требаше да си ја преземе таа обврска? Се разбира дека не, работите не функционираат така.

Ставот на Ефтов е дека левицата дозволи сѐ што е реален успех на македонската нација, а притоа се идентификува со левицата и е нејзина заслуга, од конституирањето на АСНОМ, создавањето предуслови за македонски јазик, универзитет, македонска црква, па сѐ до создавањето на независна македонска држава, денес да биде девалвирано или заменето. Режимот не се задоволува само со менување на нашата реалност и нашето минато, не се задоволува да ги девалвира реалните историски процеси кои нѐ довеле да бидеме писмени, образовани, слободни и самостојни Македонци. Режимот сака и успеа во тоа, да создаде цела иделошка рамка, и на тој начин со фиктивна и нереална идеологија да нѐ пороби, а во исто време да ја минимизира и убие единствената реална идеологија која нѐ создала и ослободила во минатото и која може да нѐ ослободи и во иднината. Нормално, на тој начин режимот успеа прво да го убие и својот политички противник, а потоа и трајно да ги анестезира широките маси.

Конечно, не е проблем што левицата покажа неверојатна негрижа за својата приказна, како што вели Ефтов! Проблемот е што приказната на левицата е нашата единствена приказна, и во моментот кога левицата ја заборави или се откажа од истата, се откажа од тоа што сме сите ние, од тоа што е заедничко и наше. Во такви ситуации гледаме дека е доволна и една анахрона, националистичка и крајно нереална мегаломанска идеја за да поклопи сѐ што сме биле и сѐ што сме направиле.

Како што реков на почетокот, оваа критика не е ништо ново. Но, во овие моменти на општествена безнадежност, благодарение на ваквите критики провејува алтернативата, вистината, поинаква идеја, како корен од минатото за кој можеме да се фатиме, нешто реално кон што можеме да се проектираме.

Дали ваквата идеологија на вистината и на нашето реално минато, идентитет и култура, дали повикот за враќање на изгубените вредности, нешто што во овие тешки години на режим во живот го одржува една шака македонски интелектуалци и новинари, може да биде и политичка платформа?
Проблемот со идеологиите е што кај народот не секогаш лепи она што е вистинито, она што го создало, туку тој некогаш одбира или посакува да си умре со и од лагата. Од тој аспект големомакедонската идеја на груевизмот, со сета своја мегаломанија, антиквизација, ревизија, лустрации, небулози, поделби, потрага по предавници и лажни херои, на прва изгледа супериорна. Лажна е, а сепак функционира, меѓу другото затоа што извира од прифатени заблуди, и постојано креира нови.

Видете, Груевски си создаде своја сопствена идеологија базирана на небулозите на македонскиот народ, со цел да ја убие која било реална идеја или идеологија во нашето општество. Лагата базирана на запомнети или наметнати фикции ја уби вистината базирана на заборавени дела. Затоа, денес е неопходно со супериорна идеја и вредности, и со постојано дејствување, да се убие идеологијата на лагата, како и материјалната конструкција на режимот која стои позади неа.

Работата денес е што режимот си создаде своја идеологија и историја, го редизајнираше македонскиот политички и ментален ген, и тоа кај народи како нашиот може да има трајни консеквенци. И трајните консеквенци не се нашата изгубена историја и минато, туку загубата се прелева во сегашноста како загуба на слободи и права, на курс и иднина, на здрави политики и перспективи, и евентуално, ќе се транспонира и во иднина, како дефинитивна загуба на македонската нација.

Денес дел од режимот не е само констатната индоктринација на народот и сатанизација на политичкиот противник, противници или каква било слободарска алтернатива. Денес режимот ги контролира и ги менаџира сите процеси, неговата хегемонија не е само културолошка, туку и материјална и репресивна.

Односно, вистинскиот проблем е што денес нема организирана или политичка сила која би му се спротивставила на режимот со една поинаква идеја и со дејствување во насока на нејзина реализација. Денес, нема кој да му соопшти на граѓанинот идеја полна со вистинитост, затоа што и оној што е довчерашен носител на истата или некаков си потомок, не верува во неа. Ете, затоа постојано го критикувам изедначувањето со режимот, не заради клиентелизмот или политичкиот опортунизам, тука затоа што тоа е смрт за сите нас, смрт за вистината еднаш засекогаш, крај за Македонија.

Некој може да каже дека Гелевски, Ефтов и некои други кои постојано се повикуваат на југословенското минато и наследството на левицата, се само фетишисти на минатото. Но, да се разбереме, човек во режим не напредува, тој се замрзнува, повеќе од уназадување, тој се упропастува. Овде се користи минатото како поттик за слобода, како покана за дејствување, како пример и потсетување какви доблести и квалитети сме имале, какви вредности постоеле, а денес ги немаме или срамно ги предадовме.

И да, ваква идеологија на вистината може и мора да биде политичка платформа. Црвенковски кој никогаш не бил особено склон кон идеологија, во последните две години, една година пред Отпорот и за време на истиот, ја актуелизираше таа тензија, тој конфликт на вистинито минато наспроти лажно минато, на вистинска реалност наспроти лажна реалност, на вистински постигнувања и градења, наспроти кнауф фасади и споменици. И јас сум убеден дека тој пристап во тоа кратко време даде свои резултати, малку подосвести. Но, што поради неуспехот на самиот отпор, што поради долгите години на неградење на вистинска идеологија и небранење на вистината, не можеме прецизно да ја валоризираме успешноста на таа тензија.

Денес, пак, ја доживуваме како нешто индивидуално и маргинално, како промашена борба на неколку очајници. Но, не се залажувајте, јас сум убеден дека секоја борба со режимот мора да помине и низ идеолошката тензија, низ потрагата и борбата за вистината. Тој процес не мора да оди нужно само преку потсетувањето на реалното минато, туку и преку залагање и борба за реалните вредности кои треба да живеат и во сегашноста. И таквата идеја макар и била дело на само група очајници спремни да го изодат најтешкиот пат, верувајте дека ако луѓето ја препознаат вистината и заложбата, ќе се придружат во борбата.

Повеќе од само тотална деконструкција на оваа груевистичка Македонија, за што често пишува и еден Тричковски, нам ни треба реконструкција на вистината и на вистинските вредности. Ако не го спречиме, режимот евентуално ќе ја уништи Македонија. Прашање е дали потоа тоа ќе останат носители на вистината за одново да се изградиме!

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото