„Моите вечни пријатели - карпите од Трескавец“ - фотографска изложба на Зоран Ивановски

08.01.2014 11:56
„Моите вечни пријатели - карпите од Трескавец“ - фотографска изложба на Зоран Ивановски

Од 10 до 24 јануари во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата фотографии на Зоран Ивановски насловена како „Моите вечни пријатели - карпите од Трескавец“.

Фотографиите на Зоран Ивановски од карпестите убавини кои го опкружуваат манастирот Трескавец својата прва изложбена поставка ја имаа во Белград, во периодот од 19 до 31 август, 2013 година. Во продолжение, го пренесуваме текстот на Сашо Алушевски, претседател на фото-клубот Елема од Скопје, како и неколку фотографии кои се дел од изложбата.

 

Во времето во кое живееме често може да се слушне фразата дека фотографијата напредува со голема брзина, дека живееме во златното време на фотографијата и слично. Но дали е навистина така? Во налетот на технологијата која ја овозможува леснотијата да се снимат фотографии и истите да се стават на увид на сѐ пошироката публика, од сите страни сме преплавени со фотографии. Од локалните продавници каде ги купуваме основните намирници, до омилениот портал каде што се „храниме“ со информации. Светот е преплавен со фотографии. Според мене, ги има премногу. И сите тие наликуваат една на друга. На прв поглед се совршени. Но некако, ако така може да се каже – пресовршени. Хируршки остри, со јаки бои, со доволно светло, рамно и досадно светло. Ма одлични! Во најмала рака лесно допадливи. А сепак – стерилни.

Зошто?

Кога ќе ги погледнете подлабоко, празни се. Практично, и не можете подлабоко да ги погледнете. Немаат длабочина. Не зборуваат ништо освен што ве наведуваат да го купите најдобриот производ на светот или дека личноста Н.Н. ја има најскапата опрема со која може да си игра. Со хиперпродукцијата на фотографијата доаѓа и хиперинфлацијата на фотографијата. Турбо-фолк. Ова правило, претпоставувам, е универзално како и гравитацијата. Хиперпродукцијата нема разбирање за процесот, бара крајниот производ само да биде разбирлив за што поголем број луѓе, без многу размислување. А сѐ повеќе такви фотографии гледаме и на изложбите на уметничка фотографија.

Сфинга

Пред вас се фотографии чијшто автор знае што е процес. И зошто е важен. И ја нема најскапата опрема на светот. Дури може да се каже дека е анахрон, бидејќи работи аналогно. Да, на филм. Фотографиите ги создава со години, повеќе од една деценија. Зоран одел на Трескавец и се враќал таму секогаш кога ќе почувствувал дека го вика природата. Набљудувал. Трагал. Мислел. Премислувал.

Како што вели самиот, кога оди во природа, најпрвин се моли да го прифати природата, за потоа да може да ја истражува, а и себеси во неа. Преку природата да се истражува себе си. Фотографиите се најверојатно само алатка, скали во тој процес, или врв на сантата мраз. Така тој несебично ни нуди да се загледаме, а можеби и да го видиме патот (негов или свој) низ тој процес. Или едноставно – експресијата, видливиот дел од процесот.

На изложбата се портрети и групни фотографии на интимните пријатели на авторот, карпите во околината на манастирот Трескавец, во планинскиот амбиент над Прилеп и Марковите кули.

Авторот на изложбата ги знае сите поединечно и се радува на секоја нова средба со нив, а посебна радост му причинува кога ќе запознае, како што тој ги нарекува, нови вечни пријатели. Зоран преку својата творечка идеја ги претставува овие природни феномени, а нивната согласност да бидат прикажани ја обезбедил однапред, како секој автор кој ја почитува етиката на занаетот.

Тоа се фотографии кои од гледачот бараат личен ангажман. Бараат напор и загледување. Може да се каже дека овие дела поседуваат своевидна визија која не е типична за денешно време. Тежнеење. Метафизика. Нешто интимно. Личен печат на авторот.

Детето и неговите родители

Човекот и птиците

Rolling stones – art of nature